Има ли место за исламот во Германија?
Претседателот Кристијан Вулф предизвика спротивставени реакции со изјавите за улогата на исламот во Германија
„Христијанството несомнено припаѓа кон Германија. Јудаизам несомнено припаѓа кон Германија. Тоа е нашата христијанско-еврејска историја. Но, мои почитувани дами и господа, и исламот, во меѓувреме, припаѓа кон Германија“.
Овие зборови на сојузниот претседател Кристијан Вулф предизвика дебата што не престанува. Во својот говор на Денот на германското обединување во неделата (3.10.2010), тој се вклучи во актуелната дискусија во јавноста околу интеграцијата на доселениците од муслиманските земји во Германија. Со изненадувачка јаснотија, притоа, побара почитување за исламот:
Ваквото гледиште не се дели секаде во Германија. Пред се', во Христијанско-демократската и во Христијанско-социјалната унија претседателот наидува на критики поради ваквите зборови. Исламот не припаѓа кон Германија, како христијанството и јудаизмот, велат некои пратеници во Бундестагот од редовите на ЦДУ и на ЦСУ.
„На кој ислам се мисли тука? Исламот кој во многу, многу земји е во очигледна контрадикција со нашиот слободен демократски основен поредок, не може да припаѓа кон нас“, вели Волфганг Бозбах, претседател на комисијата за внатрешни работи в�� Бундестагот.
Незадоволството стана толку големо што канцеларката Ангела Меркел виде потреба да ги објасни зборовите на претседателот Вулф:
„Мислам дека претседателот укажа на нешто што сметам дека е важно. Прво, дека Германија е определена од христијанските и од еврејските корени, но и оти е важно во однос на исламот, вредностите што тој ги застапува да се усогласат со нашиот Устав. Кај нас важи Уставот, а не шеријатското право“.
Поддршка за зборовите на Вулф дојде од опозицијата. „Добро е она што го кажа Вулф“, изјави пратеникот на Социјалдемократската партија, Олаф Шолц. Истовремено тој ја обвини владата дека на располагање остава премалку пари за интеграција на странците. Пратеникот на Зелените, Јозеф Филип Винклер, ги обвини критичарите на претседателот дека намерно погрешно ги сфаќаат и ги интерпретираат неговите зборови:
„Што тогаш кажа претседателот? Се разбира, не кажа дека исламот што ги угнетува жените припаѓа кон Германија и ние се радуваме дека е така. Толку глупаво говорење во празно не сум слушнал одамна“.
Политичарот на Зелените, Харалд Волф, пак, побара доселениците да не бидат дискриминирани поради нивната религија и погледи на светот. Тој се спротивстави на тоа да се води нова дебата за базичниот систем на вредности. Единствени критериуми за него во Германија можат да бидат само човековите права и демократијата. На тоа се спротивстави премиерот на покраината Хесен, Фолкер Буфие, од редовите на ЦДУ. Тој порача дека кон системот на вредности припаѓа раздвојувањето на државата од црквата. Тоа е контрамодел на исламското шеријатско право, кое поради тоа никогаш не може да биде основа за интеграцијата во Германија. (Дојче веле) |