Број 3411  среда, 20 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Вести








Site Meter
Забава

Жените и Стареењето

Секое бело влакно на косата сум си го платила сама

Убавината не зависи од годините. Многу поважни се внатрешната содржина, карактерот, состојбата на духот и задоволството од постигнатото, констатираат познатите Македонки

Катерина Шекеровска

„Сит сум од дваесетгодишни модели што рекламираат кремови против брчки наменети за 60-годишни жени. Убавината не завршува со четвртата или во петтата деценија. Постарите жени се подеднакво убави како и 20-годишните модели“, порача шпанскиот моден дизајнер Хуан Диос, директно од пистата на неодамнешната Модна недела во Мадрид, каде што меѓу неговите манекенки се најдоа и четири модели од третата доба.

Убавината, дефинитивно, не зависи од годините. Многу поважна е внатрешната содржина, карактерот, состојбата на духот, исполнетоста и задоволството од постигнатото, оценуваат познатите Македонки, кои категорично тврдат дека убавината доаѓа однатре.

ИМАМ 52 ГОДИНИ И ТОА ГО КАЖУВАМ СО ГОРДОСТ

„Годините ги кажувам, и тоа со гордост. Имам 52 години и им благодарам на Господ, на децата и на сопругот, кои ме прават задоволна и среќна, а со тоа и убава“, вели познатата модна креаторка Лиле Корубин. „За мојот изглед битен фактор е генетиката, сите мои во семејството се младолики, со убава кожа и многу ведар дух. Го сакаме животот, динамиката, патувањата и модата. Како се негувам? Не претерувам, пешачам и пливам. Посетувам салони за козметика, фризер и масажа. А што се однесува до пластичната хирургија... Секогаш се сеќавам на една реченица што ја имам прочитано одамна... Дека душевната грешка не може да се исправи со коректура на лицето, но коректурата на некои вродени недостатоци на лицето можат да ја исправат душата на една жена. Во овој контекст ја одобрувам. Жената без убавина познава само половина живот. Со помош на козметиката, малку добра волја и дисциплина, таа ќе може да ја запознае и онаа друга половина...“

УБАВИНАТА ТРАЕ ОНОЛКУ КОЛКУ И ДУХОТ

„Во последно време почнува да ме нервира тоа што по секое снимање или гостување во емисија, ми се јавуваат за да ме прашаат колку години имам. Затоа и им велам, имам онолку години како што изгледам, ха, ха, ха!“, додава фолк-пејачката Блага Петреска (63). За волја на вистината, секогаш насмеаната Петреска никогаш не ги криела годините, а датумот на раѓање го има ставено и на својот профил на „Фејсбук“. „Според мене, убавината, дефинитивно, не зависи од годините и не завршува со 4-5 деценија од животот. Убавината трае онолку колку што трае и духот. Ако успеете да го задржите духот, тогаш и на 80 години може да бидете убави. Мала дигресија, пред неколку дена случајно се сретнав со еден 85-годишен човек. И верувајте, неговиот дух беше таков што имав впечаток како да разговарам со момче, а не со старец. Физичката убавина е релативна работа. Впрочем, и брчките се дел животот, карактерот, секоја од нив си има своја приказна... Подобро да имам брчки отколку да бидам како оптегната маска!“, категорична е Петреска. Пејачката признава дека никогаш не употребила пластика, но дека размислувала за неа, а на крајот дошла до заклучокот дека физичкиот изглед, сепак, не е најважен. „Да, на Запад често го прават тоа зашто кариерата им зависи од изгледот. Но ние сме мала земја, нема потреба од тоа кај нас. А на крајот на краиштата, можете ли да го оперирате погледот? Па, тој точно кажува колку години имате“.

Патем, Блага Петреска постојано добива комплименти за сметка на својот изглед и вита става. Која е нејзината тајна? „Нема тајна, се' е во работата кога трчаш од место на место, немаш многу време за јадење. Тајната е во движењето. Еве, во овој период малку заседнав дома и веднаш ми се познава. Врти-сучи во фрижидер и ете екстра килограми...“

ВО МЕНЕ ЖИВЕЕ МАЛО ДЕТЕ

„Сега се чувствувам најубаво“, вели кралицата на ромската музика, Есма Реџепова-Теодосиевска, која има 67 години. „Во мене се' уште има едно мало дете што им се радува на работите. Многу видов, многу прошетав, сега умеам убаво да расудувам... Вистинската среќа лежи однатре, во срцето, душата, духот на човекот... Никогаш не сум ги криела годините. Секоја доба си има своја убавина, но само ако човек умее да си ги носи своите години“, додава Есма, која не претпочита пластични операции за задржување на добриот изглед. „Кој сака - нека повели, немам ништо против, но за мене лично, не чувствувам потреба од одење под нож. Се' уште изгледам добро, природно, лицето ми е оптегнато...“

ПРЕСТАНАВ ДА СЕ БОЈАДИСУВАМ

„Убавината зрачи во зрели години! Човекот е убав онолку колку што зрачи, колку што е задоволен од она што го постигнал во животот“, вели 52-годишната костимографка Лира Грабул, објаснувајќи дека убавината е релативна работа. „Што е убавина? Јас, на пример, никогаш не сум сакала луѓе што зрачат однадвор, туку сум преферирала такви што носат нешто подлабоко во себе, зрачат однатре, на овој или на оној начин... Има убави луѓе што лошо стареат и не толку убави што стареат убаво. Убавината сама по себе треба внатрешно да се негува - ако човек е незадоволен тогаш колку и да е убав, тоа му се чита веднаш на лице. И обратно“. Грабул констатира дека убавината е минлива работа, но треба да се има наум и фактот дека живееме во 21 век кога на дофат ни се разноразни начини на моделирање на телото - пластични интервенции, ботокс, вежбање... „Но, сепак, внатрешната среќа се гледа на лицето. Кај мене, на пример, кога почнаа да ми се појавуваат бели влакна на косата - тогаш престанав да се бојади��увам! Па, секое едно бело влакно сум си го платила самата. Имам 52 и не ги кријам годините!“

СЕКОЕ ВРЕМЕ СИ НОСИ СВОЈ БЕЛЕГ

„Секое време си носи свои убавини и предности. И староста е убава ако ви се средени работите во животот. Ако сте здрави, имате добро здравје и семејство што се грижи и е покрај вас, тогаш ќе бидете среќни и ќе се чувствувате убаво. И обратно - може да изгледате феноменално, а во душата да се чувствувате - никако!“, додава шеесет и двегодишната актерка Ленче Делова, која признава дека никогаш не ги криела своите години. „Нив никој не може ниту да ми ги одземе ниту, пак, да ми додаде. Не сум приврзаник на пластичните операции, што не значи и дека ги осудувам оние што ги пробале. Сепак, сметам дека ние сме се' уште друго поднебје и ретко некој може да си дозволи такво нешто. А и секое време си носи свој белег, зошто би ги бришеле трагите на животот?

УМЕРЕНО ВЕЖБАЊЕ И ПЕШАЧЕЊЕ

„Да кажам дека убавината не зависи од годините, можеби ќе изгледа претенциозно, но сепак... Постојат луѓе што се убави кога се млади и остануваат убави кога стареат, убави како млади, па грдеат како што стареат, грди како млади, па се разубавуваат како што стареат, грди како млади, грдеат уште повеќе како што стареат...“, објаснува актерката Силвија Стојановска. „Генетика, начин на живот, а се разбира и нешто друго... Како кај кого... Најважна е содржината што секој си ја носи... Добрината, чесноста, искреноста...“

Тајната на Стојановска е умереното вежбање, пешачење на чист воздух, козметика што и' одговара токму неа, позитивно опкружување... И таа спаѓа во редот на оние жени што не ги кријат своите години, оваа година наполни 50. „Најверојатно, поради тоа што сум задоволна од себе“, констатира нашата соговорничка, која на тема пластична хирургија, вели - зошто да не? „Ако мал зафат направи видлива промена што ќе ја подобри самодовербата на односната личност, не гледам причина да бидам против“.

Кога почнаа да ми се појавуваат бели влакна на косата, тогаш престанав да се бојадисувам! Секое бело влакно сум си го платила самата
Лира Грабул (52) костимографка

Жената без убавина познава само половина живот. Со помош на козметиката, малку добра волја и дисциплина, таа ќе може да ја запознае и онаа друга половина..."
Лиле Корубин (52)модна креаторка

Сега се чувствувам најубаво! Вистинската среќа лежи внатре, во срцето, душата, духот на човекот... Никогаш не сум ги криела годините
Есма РеЏепова - Теодосиевска (67)кралица на ромската музика

Најважна е содржината што си ја носиме... Добрината, чесноста, искреноста...
Силвија Стојановска (50) актерка

Подобро да имам брчки отколку да бидам како оптегната маска! А на крајот на краиштата, можете ли да го оперирате погледот? Тој точно кажува колку години имате!
Блага Петреска (63) фолк-пејачка

И староста е убава ако ви се средени работите во животот. Ако, имате добро здравје и семејство, тогаш ќе бидете среќни и ќе се чувствувате убаво
Ленче Делова (62) актерка

Уметноста на грациозното стареење

На 65-годишна возраст, Хелен Мирен повеќе е сексапилна божица отколку бабичка облечена во џемперче. Таа е претходница на нов тип 60-годишнички за кои возраста е само бројка. Оваа група жени, претходно испратени на „ѓубриштето“ на културната сцена, ги редефинираат долгогодишните стереотипи и успешно се натпреваруваат со општеството, чиј фокус е ставен врз помладите.

„Играм пензионирана агентка на ЦИА и снимам акциони сцени“, открива Мирен за својот лик во најновиот акциониот трилер „Црвен“. Јасно е дека нема намера да се пензионира со играње „жени што стареат“ (исто така, ќе глуми и израелски ловец на шпиони во новото остварување „Долг“). Мирен е само една на листата повозрасни жени кои и по 60-тата година од животот стануваат се' повеќе присутни онаму каде што долго време доминираа помладите, како што се модата, козметиката, списанијата и филмовите. Кусиот преглед на актуелни филмови покажува листа на која се јавува екипа составена од Дајан Китон (64), Меги Смит (75) и Џуди Денч (75).

Надвор од филмовите, други познати безвременски успешни жени се Вивијан Вествуд, која дизајнира сопствена модна линија на 69-годишна возраст, и кралицата на фустаните - 63-годишната Дајан фон Фурстенберг. Потоа, тука е и враќањето на ТВ-екраните на несопирливата Бети Вајт (88) и фактот дека гигантите од светот на козметиката регрутираат лица постари од 50 години за свои амбасадори на брендот. На прозивката во „Лореал“ се најдоа Дајан Китон (64) и Енди Мекдауел (52), додека, пак, „Кавргрл“ ја има Елен Деџенерис (52).

Постарите жени се поубави, поенергични, помоќни и позабележливи откога и да е.

Трендот на поголема присутност на повозрасни моделки не е случајност. „Причината зошто разговараме за ова е стареењето на бејби-бум генерацијата“, вели Бернар Салт, демограф. Всушност, „грациозното стареење“ стана мантра на нашето време откако претставниците на оваа генерација се подготвуваа да го прослават својот 65. роденден.

Според предвидувањата на Салт, во минатото ќе заминат „ексцентричните“ стереотипи за оние што имаат 60 и повеќе години - дека „седат дома облечени во џемпер со папучи на нозете и гледаат дневни ТВ-програми“. „Наместо да и' потклекнат на атрофијата или да се повлечат од работното место и од општеството, новата генерација ’старици‘ го возвраќаат ударот“, вели Салт.

Хелен Мирен е силен поборник на ваквото размислување. „Прво, никогаш не сум пушела“, неодамна одговори на прашањата во врска со тоа како го задржала својот младешки став и сексуалната привлечност. „Кога сте млад, изгледате неуништливо. Како што стареете, сфаќате колку тоа ви помага. Никогаш не сум правела ништо неумерено“. Таа, исто така, и' се заблагодари на својата весела природа, велејќи дека „несреќата многу брзо се врежува на лицето“.

ТОП 10

НАЈУБАВИ ЖЕНИ ВО СВЕТОТ

Листата на десет најубави славни жени уште еднаш покажува дека вистинската убавина не познава години. На неа нема ниту една жена помлада од 30 години (најмлада е Шарлиз Терон со 35 години), а три од нив имаат доволно години за редовно да примаат пензија. Меѓу најубавите се најдоа француската актерка Кетрин Денев (66), која го зазеде ласкавото петто место, нејзината британска колешка Хелен Мирен (65) е на шестото, а италијанската дива Софија Лорен (76), баба на две внучиња, го држи десеттото место.

1 Пенелопе Круз (36)

2 КлаудиJа Шифер (39)

3 Кристин Скот Томас (49)

4 Кралица Ранија (39)

5 Кетрин Денев (66)

6 Хелен Мирен (65)

7 Шарлиз Терон (35)

8 Кејт Бекинсејл (36)

9 Наташа Мекелхон (40)

10 Софија Лорен (76)

 




 


#
Статијата е прочитана 2377 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Забава
Кандидатура за претседател на Франција
Секси и на 52 години
Го сметал Џони Деп за дилер






EU to move ahead on Serbia accession, add tough conditions
Bulgaria's landmark anti-mafia case unravels
Hungary waters down procurement rules for EU presidency