„Идризово“ мирно, се чека Илинден

Релативно мирна е состојбата во најголемиот затвор во земјава откако осудениците побараа намалување на доживотните казни затвор и целосна амнестија за другите затвореници. Како што објави „Утрински“ во саботата, затворениците им дадоа рок на надлежните од две недели да ги исполнат нивните барања, повикувајќи се на неодамнешната амнестија на обвинетите во четирите хашки случаи. Помилувањата треба да се случат до 2 август, односно до Илинден.
„Сите чекаат да видат што ќе се случи деновиве. Ситуацијата е напната, ама, главно, мирна. Сите вработени во затворот, пред се', од чуварската служба, кои беа на годишен одмор, итно се вратени на работа“, велат нашите извори во затворот крај Ск��пје.
Надлежните ја смируваат ситуацијата и уверуваат дека не постоела листа на барања на затворениците. Сепак, нашите извори велат постои голема загриженост каква ќе биде реакцијата на затворениците доколку нивните барања не бидат прифатени.
„Се споменуваат неколку начини на кои би се изразило незадоволство: од штрајк со глад, па дури и до бунт“, тврдат нашите соговорници.
Протести, тепачки, инциденти не се новост во затворот во „Идризово“. Работите секогаш биле ставани под контрола. Вработените стравуваат дека овој пат може да биде поинаку.
Како што се зборува, станарите во „Идризово“ бараат казните на триесетината затвореници што се осудени на доживотен затвор да им бидат намалени на 20 години. Другите затвореници да бидат амнестирани.
Најавените барања на затворениците следуваат откако парламентарното мнозинство донесе политичка одлука за повлекување на хашките случаи, односно одлука со која судот веќе нема да суди по поднесените обвиненија за најтешки кривични дела. (Г.А.) |