Мислења
Македонскиот дел од пеколот
Слободан Најдовски
Погледнал ли некој од факторите во Скопје, освен за време на изборна кампања, како живеат голем број жители во различни краеви на Македонија
Повозрасните секако се сеќаваат на филмот „Македонскиот дел од пеколот“. Колку за потсетување, филмот се однесуваше на херојската борба на револуционерите од Битолско, особено од патриотското, партизанско село Лавци. Жителите на селото од кое имаше голем број учесници во Народноослободителната борба, но беше и прибежиште за многу други револуционери од Битола и од Битолско, беа изложени на силни тортури и притисоци за да ги издадат носителите на револуционерната идеја. Тие персоналитети на македонскиот непокор издржаа, но, за жал, Павтарот ги посрамоти.
Темата на филмот е сосема друго од тоа за што сакам да го свртам вниманието со пишувањето на оваа колумна. Од филмот посебно ме поттикнува на размислување насловот, односно зошто и денес има делови од Македонија, кои, според квалитетот на живеење, слободно можат да се споредат со пеколот. Колку ли само досега се пишувало, се разговарало за нерамномерниот регионален развој, за големите разлики меѓу метрополата и внатрешноста, како и за неподносливиот живот во многу делови во Македонија.
До пред десетина, петнаесет години се зборуваше само за Мариовскиот, Галичкиот р��гион и за уште неколку дела како за напуштени краеви и дека животот полека згаснува во тие краеви. Но, денес слободно можеме да кажеме дека судбината на Мариово на Лазарополе или Галичник, иако во нив животот се враќа по неколку дена во годината, ја доживува цела Македонија освен Скопје. Колку пати сум пишувал, сум дискутирал и укажувал за погрешната политика што се состои во концентрација на се' и сешто во Скопје. Но, колку што повеќе се зборува за тој проблем, толку се' повеќе стануваат очигледни и поголеми разликите во степенот на развојот и во квалитетот на живеење меѓу главниот град и другиот дел.
Без да го оптоварувам текстот со бројки што се силен аргумент за досега кажаното, сакам само уште еднаш да поттикнам на размислување за проблемот. Така, на пример, се запрашал ли некој колкав е бројот на македонски граѓани што никогаш во животот немале можност да влезат во театар , не можеле во живо да погледнат еден спортски натпревар од републички ранг, а да не зборуваме за нешто повеќе.
А како жителите на Кавадарци, Неготино, Велес, а и многу други да следат фудбалски натпревар кога половина клубови и во таа каква-таква лига се од Скопје. Каде да се гледа ракомет кога освен напорите на Пелистер да фати воз со скопјани, пропадна или едвај се одржува овој спорт во поранешните ракометни центри, како што се Богданци, Неготино, Куманово.
Погледнал ли некој од факторите во Скопје, освен за време на изборна кампања, како живеат голем број жители во различни краеви на Македонија, како за нив да застанало времето пред векови. Да не е телевизијата, луѓето од македонските делови на пеколот нема да знаат дека во Скопје има амбасади, дека има аеродром, дека се изградил стадион.
Се прашал ли некој колку македонски граѓани поради нивната економска сиромаштија никогаш не стапнале во Скопје, во Охрид или во други места во државата. Голем е бројот на оние што ќе речат дека отсекогаш било така. Не е точно. Разлики постоеле, но не биле толку евидентни. Никогаш не било како сега од државниот буџет да се фаворизира и да се финансира само во Скопје и директно да ја забрзува разликата во степенот на општествено-економскиот развој меѓу регионите во Македонија.
Но, за жал, оваа тема ја отвораат само „провинцијалците“.
Меѓутоа, се запрашуваат ли, не само политичарите, туку и многу други експерти и интелектуалци од главниот град каде води ваквата политика. Дали и понатаму ќе молчат или својот интелектуален потенцијал и познавањата од одредени области ќе ги искористат за да ја анимираат јавноста, но и ќе ја поттикнат расправата за погубната политика во делот за рамномерен регионален развој. Ќе се слушне ли глас и од скопјани, да го отворат проблемот и да прашаат зошто само тие добија автобуси од државниот буџет, зошто само скопските пензионери можат да се возат бесплатно од заедничките пари што се слеваат во централниот буџет, зошто само во Скопје да се градат улици од парите на сите македонски граѓани.
Спомнатите, но и многу други прашања треба да ги отворат токму скопјани, бидејќи кој и кога ќе му даде можност, на некој медиум, на оние од селата од Македонска Каменица или од Беровско и слични на нив да се побуни за нивното живеење во пеколот. Тоа единствено може да се случи кога некој новинар случајно ќе направи прилог за бедата во запустените краеви на државата за да конкурира за некоја награда.
Полека, но сигурно на Мариово, Крапа и на другите места им се придружуваат и поголемите градски средини од Македонија. Полека, но сигурно младите ги напуштаат Битола, Прилеп, Кавадарци и се така по ред. А, што друго да прават. Колку и да се локалпатриоти, соочени со бесперпективноста и нискиот квалитет на живеење во своите родни средини, излезот го бараат во Скопје или во странство.
Не дека сите млади, а и постарите жители на главниот град се пресреќни, но многу се понапред од македонските граѓани од таканаречената внатрешност. Можностите за поквалитетно образование, за побрзо доаѓање до работно место, за повисок квалитет на живеење, ги принудуваат голем број млади да ги напуштаат своите живеалишта и да купуваат карти за еден правец.
А како и да не биде така кога и финансиската и политичката моќ е сконцентрирана во Скопје. Само како пример. Ако се погледне составот на новата македонска Влада срамно е да се види дека ниеден министер, условно речено, од македонскиот дел не живее надвор од Скопје, освен оние „експерти“ дојдени од дијаспората. На што да се надева селанецот од Копачка или од Кривопаланечко, граѓанинот од Демир Хисар или Пехчево и Ресен, кога македонските министри ни на географска карта не знаат каде се наоѓаат нивните живеалишта.
Јазот што се создава кога е во прашање рамномерниот регионален развој ќе има крајно штетни последици по иднината на Македонија.
Затоа на крај повторно ќе се навратам на филмот. Ако тогаш еден од селаните на Лавци, собрани средсело пред пушките на бугарскиот окупатор, иронично му се заблагодарија на Бога за пеколот кој им го подари, на кого денес ќе му се заблагодарат македонските граѓани што живеат надвор од Скопје за современиот пекол. За опустошените села и форсирањето на градовите и индустријализацијата им се „заблагодарија“ на комунистите, а на кого ќе му се „заблагодарат“ ќе видиме за неколку години.
Во Македонија сега има многу делови во кои животот не се разликува многу од пеколот, но тој простор има тенденции да се проширува. Додека има време да се спаси нешто редно е да се направи. Ако најголем дел од селата не ги спасивме порано, денес сме должни градовите да ги зачуваме.
(Авторот е поранешен пратеник) |