Број 3045  сабота, 25 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Анализа

Дебата

Каде застана судството

Дане Илиев и Гордана Бужаровска-Лажетиќ

Третата власт во државата на крстопат меѓу правото
и политиката. Реформата на судскиот систем е еден од условите за ЕУ

ИЛИЕВ: Пет години од усвојувањето на Стратегијата за реформата на судскиот систем, нужно се налага потреба од една ретроспективна оценка за тоа што е спроведено од реформата, особено од аспект на последните оценки на Европската унија и преовладувачкото мислење на граѓани во Македонија дека судството се' уште не е реформирано, не е независно, функционирањето на правото во овој дел се' уште е подложно на инструментализација, селективност на законитоста, непотизам, коруптивност.

Уставните измени што се спроведоа во овој дел, главно, беа коректни. Новоформираниот Судски совет, составен претежно од судии, не е доволна гаранција за остварување на судската независност. Реформскиот илузионизам доведе до тоа да се потроши многу време и енергија на изборот на членовите на Судскиот совет, а по неговото конституирање, овој судски орган потроши многу време и енергија на избор на судии и на разрешување судии, со што ги засени другите аспекти на реформата.

Исто толку значајни треба да бидат реформите во делот на судските процедури, преку кои требаше да се оствари независноста на судот во однос на странките (во прв ред на Јавното обвинителство), што е од многу поголемо значење за остварување на правото на независен и непристрасен суд. Судството организациски е немоќно, не е подготвено решително да се бори за сопствената автономија, а кога на тоа ќе се додаде и недоволната или никаква јавност и демократската свест за потреба од функционална поделба на власта, во реалноста се создаваат видливи односи на зависност.

Решението во уставните амандмани за местото и улогата на Судскиот совет како орган на судската власт, неговиот состав и надлежност, без инструменти за негова одговорност и без јавност во работата, не ги оправдаа очекувањата. Без објективни критериуми за избор и одговорност на судиите и одговорност на Судскиот совет, тој не израсна во орган што ја заштитува, афирмира и унапредува независноста на судството, а истовремено и не се воспостави баланс со другите две власти. Наместо тоа, Судскиот совет се устоличи како највисок судски орган и арбитер на изборот и разрешувањето, без јавност и одговорност во овој дел на неговата надлежност.

Исто така, се покажа дека местото член по службена должност на министерот за правда и на претседателот на Врховниот суд во Судскиот совет не е добро решение. Влијанието на овие две функции, а посебно на министерот за правда како дел до извршната власт, е во спротивност на принципот на поделба на власта и на независноста и самостојноста на судската власт.

Непосреден ефект од реформата по која се мери нејзиниот успех е зголемувањето на ефикасноста на работата на судовите и намалувањето на бројот на нерешените предмети. Статистичките податоци во последните години покажуваат некои позитивни поместувања во вкупните бројки на примени и решени предмети во надлежност на судовите, но ако се направи една посуштинска анализа на посебните правни основи, ќе се покаже дека целта на реформата е далеку под европските стандарди.

Еден од најважните елементи без кои нема успех е човечкиот фактор во системот на правдата. Европски стандард за носителот на судската власт не е неговата политичка, туку неговиот висок, индивидуален, вредносен, стручен и етички потенцијал.

Реформата на македонскиот судски систем е невозможно да се оствари и да биде успешна доколку не се изградат ефикасни, стабилни и независни судови како чувари на човековите права. Тоа ќе се постигне кога извршната и законодавната власт ќе ја гарантираат и ќе овозможат остварување на независноста на судовите, а Судскиот совет ќе стане независен. Одлуките за разрешување на судиите треба да бидат оценувани од друг независен суд, како што е Уставниот суд, што претставува објективност, а како решение е познато во други судски системи во Европската унија.



БУЖАРОВСКА - ЛАЖЕТИЌ: Апсолвирано е прашањето дека темпото на приближување на земјите од Западен Балкан кон Европската унија зависи од однесувањето, зрелоста и професионалноста на властите во соодветната држава. Како што се приближува есента, растат тензиите околу извештајот што го изготвува Европската комисија, а состојбата во правосудството, мора да се признае, е еден од поважните предуслови кои мора да ги исполниме со цел побрза европска иднина. Каква е состојбата кај нас? Елаборацијата треба да се насочи на три сегменти: прво, законска рамка, второ, имплементација и евалуација на законските решенија и, трето, последно, но, најважно, независноста на судството, интегритетот и непристрасноста на судиите.

Најуспешни резултати имаме во првиот сегмент - формално-правно бележиме успех поради големиот број донесени закони (дел од нив целосно нови, дел со позначајни измени и дополнувања), како и бројни подзаконски акти. Мора да признаеме дека станавме експерти за изработка на акциони планови, нацрт-стратегии и предлог-програми. Несомнен факт е дека Стратегијата за реформа на правосудството успешно се имплементира, целосно се исполнија и целите на Стратегијата за реформа на казненото процесно право. Би препорачала сите министерства носители на законски текстови (пред се', мислам на МВР) да ја следат транспарентната постапка при подготовка на законите, како што тоа успешно го чини Министерството за правда. Превезот на тајност и молк за измените што се подготвуваат раѓаат сомнеж дека нешто се крие, дека се креира систем за потребите на поединци, а не за заедницата во целина.

И покрај богатата легислатива, Брисел ќе ни забележи дека не водиме сметка за реалните ефекти од внесените законски решенија, дека постои расчекор помеѓу очекуваното и оствареното, бидејќи никој со сигурност не може да тврди дека системот функционира онака како што е пропишано. Мониторинг на имплементацијата и евалуација на постигнатите ефекти е вообичаен втор чекор по секој нов законски проект, но немаме дефинирани објективно проверливи показатели, постои јаз помеѓу законските решенија и реалните можности, имаме институции кои, иако запознаени, покажуваат инертност и незаинтересираност за новините, а врз грбот на реформите профитираат евтини политиканти.

Третиот сегмент - независноста на судството е најслабата алка. Судството, воопшто, не успеа да се наметне како една од трите власти и стана правило судот да се третира како алатка на извршната власт за остварување на „креативни идеи“ поради што секој втор месец добиваме по некој нов услов. Судството ќе биде независно и судиите ќе го имаат интегритетот кога претседател на апелационен суд нема да оди на рапорт кај премиерот; кога судија кој пријавил дека му недостига судски предмет од канцеларија, нема да биде разрешен; кога по упад во канцеларија на истражен судија, нешто конкретно ќе биде преземено итн. Причина за интерна девалвација и општа слика за недоверба и некадарност на судството е и состојбата со непотизмот - номинално пополнети се многу судски и обвинителски места, но кога ќе го погледнете списокот на избраните, прво забележувате звучно презиме, па блиска роднинска врска со претседател на суд или судија на апелационен суд, или сопруги на амбасадори. Светла точка се исклучоците кај мал дел од избраните кои покрај роднински врски, имаат и пристојна биографија, како и кадрите од Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Заклучокот за напредокот се наметнува сам – освен успешна законска рамка, имаме правосудство по мерка на децата на судиите и обвинителите. Стравувам дека повторно ќе се соочиме со безличната оцена од Брисел - „одреден напредок“.


Статијата е прочитана 748 пати.

Испрати коментар

Од: bo
Датум: 25.07.2009 07:24:00
g-din.iliev e vistinskiot covek za makedonskoto sudstvo.elokventen,cesen,vrvren profesionalec sekogas so iskreni nameri da go podigne makedonskoto sudstvo na nivo sto toa go zasluzuva.samo so vakov kvalitet na sudii moze da se doblizime do evropskoto sudstvo.
Од: kaktus
Датум: 25.07.2009 12:56:28
Објективна евалуација ДА! Сите од судиите да полагаат тест за интелегенција, општа култура и правничко знаење. Од тоа ќе се види колкумина заслужуваат да делат правда. Оние што едвам завршиле средно и факултет не се кадарни за таква работа. Од пресудите што сега ги носат се гледа дека не можат да врзат просто-проширена реченица, а за логичната поврзаност на пресудата да не зборуваме! Во судството има голем број кои претходно се запишале на други факултети кои, не можеле да ги завршат, па затоа отишле на Правен оти таму нема математика и странски јазик. Голем дел од постоечките судии се деца на поранешна УДБА и Општинските комитети на СКМ. Нека се провери колку меѓу нив има разведени и со проблематичен етички статус. Сите овие атрибути укажуваа�� дека тие не можат да си играат со правата (и судбината) на граѓаните!
Од: Делиџаков
Датум: 25.07.2009 13:30:19
Господине Илиев Вие многу добро знаете кој седи и суди во судовите. 40% од судиите за пари и некаква блискос-пријателство со бизнис олигархијата и жените и керките ке си ги дадат.Ова важи и за судиите и за судиијките.Во Гевгелија се фатени судени ,некои и осудени за дрога, шверц со илегални мигранти и слично но во градот сите знаат дека вистинските организатори и извршители на овој вид криминал раководат, и седат во судот, обвинителството и полицијата.Ова не го збори само чаршијата ова се погласно и јавно го кажуваат и судии и полицајци.Оперативно власта ова го знае и има обезбедено докази но молчи.......Истите овие криминалци се блиски и со СДСМ и со ВМРО па и со некои странски дипломати во Скопје,
Од: DOLAR-EVRO
Датум: 25.07.2009 14:08:45
Sustvoto vo RM e KRIMINALNA ORGANIZACIJA. Cekam VREMENA MERKA dva meseca se uste ne se Donesuva Resenie.Nebulozni PRESUDI bez vrska so pravoto.Primer SUDIJA predlaga SVEDOCI,iako ne se Predlozeni od dvete strani. Sudijkite V.KALKOVA,Zagorka POpovska,Lidija Taseva,Strezovska,Milcevska ima uste da ne gi redam. Apsolutno NE STRUCNI i Korumpirani ili rabotat pod Pritisok.Ova sto gi navedov ne e od ZLOBA nego toa moze da se DOKAZE so UVID vo nivnoto rabotenje i Predmetite sto gi vodat.Isto i APELACISKITE Sudii se kako pogore navedenite.
Од: весна
Датум: 26.07.2009 03:31:05
За сто зборувате? Какво независно судство кога г-нот министер и неговата сопруга јавно вршат нарачки за видот на пресудите!!! Срамота, на чиј грб - од народот. Такви Еворпа не не сака!!!

Најди! во Утрински
Анализа