Допржување на ајварот
Живко Бирински, Прилеп
Илјада пати ќе се каеш за она што ќе кажеш, ретко за она што ќе премолчиш. Но, некои настани и случувања околу тебе, па и подалеку, ќе те натераат да се откажеш од оваа, безброј пати потврдена мудрост, и сепак да кажеш (напишеш) некоја твоја обмисла за чувствата што те обземаат, следејќи ги настаните што се случуваат околу тебе.Така и мене, при гледање на ТВ- сторијата емитувана скоро на сите наши телевизии како ударна вест, како нашиот обожаван премиер, како и сите обични смртници, оди на своето работно место, замислете, пеш, за да даде позитивен пример на нашите граѓани, а посебно да го подигне „духот на народот“ кај одредени целни групи и се' во интерес на преродбата и напредокот на нашата татковина. Гледајќи ги тие топли и помалку пасторални сцени, а благодарение на совесните и дисциплинирани ТВ- студија, ги видовме неколку пати, мене ме облеа едно чувство на гордост и самодоверба и, за разлика од неизмерната желба на еден познат новинар да го поздрави со традиционалниот поздрав на сисвати јазикот, еден од официјалните јазици на Свазиленд, кај мене се јави една сликовита имагинација и асоцијација од пред повеќе од 25 години. Значи, ме врати во сеќавањата за младоста.
Некаде во почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, во еден топол ден, јас, еден мој пријател и еден Арап, кој беше во наша придружба, се шетавме низ централната улица на Багдад - „Ал Рашид”, наречена по познатиот калиф од абасидската династија - Харун ал Рашид, попознат од приказните за Шехерезада и 1001 ноќ. Одеднаш се појави колона возила , придружена со униформирани мотоциклисти со вклучени сирени, а сите лица затекнати на улицата моментално се тргнаа настрана. Народот што се затекна во моментот почна воодушевено да скандира: Ирак, Ирака, Садам, Садам!. Колоната застана околу педесетина метра од нас и од второто возило излезе обожаваниот претседател на Ирак, Садам Хусеин, и со придружбата влезе во една продавница за детски играчки. За цело време народот, кој се затекна тука случајно, беше во вистинска патриотска егзалтација и постојано аплаудираше и скандираше. По десетина минути, Садам излезе од продавницата, а неколку луѓе ставија поголем број пакети во еден камионет, кој беше во претседателската колона. Јас го прашав Арапот од нашата придружба за што станува збор, а тој воодушевено ми одговори дека Садам зел играчки од продавницата и ќе им ги подарува на децата во семејствата што ќе ги посети денес. Притоа, тој ми тврдеше дека семејствата не се однапред утврдени, туку претседателот врши случаен избор. Посебно ми напомна, ако сакам, можам денешните посети да ги видам на нацио��алната ирачка телевизија. И навистина вечерта речиси повеќе од еден час имаше репортажа за посетите на ирачкиот претседател на многу семејства. Притоа, тој ги галеше дечињата, ги штипкаше по обравчињата, разговараше со помалку збунетите и возбудени домаќини, пиеше со нив чај, , на некои места отвораше по нивните фрижидери, земаше путер и мачкаше лепчиња кои, на големо задоволство на семејството и неговата придружба, им ги даваше на радосните дечиња Подоцна се уверив дека овие негови спонтани прошетки се редовен дел од неговиот протокол, а ирачката национална телевизија редовно емитуваше детални репортажи.
И видете на следните, избори во Ирак, кои се одржаа следната година во вистинска „демократска” атмосфера, Садам Хусеин освои 97,1 отсто од сите гласачи. Веројатно, кај оние 2,9 отсто не стигнал дома да ги посети, па гласале против.
Зошто ПР-мејкерите на нашиот премиер покрај оние прошетки по села, отворање индустриски капацитети, водоводи, училишта и слично, не воведат и вакви прошетки по домовите на македонските семејства, каде што премиерот ќе разменува директни мислења со народот? Замислете, ненадејна посета на некое семејство додека се подготвува зимница, а Никола да го проба ајварот (се разбира, ако биде приготвен според новите законски прописи на Владата) и и' забележи на домаќинката дека треба уште малку да се допржи или да се стави сол. Какво задоволство тоа ќе биде за семејството и за македонскиот народ воопшто. Рејтингот ќе расте до небо и на следните избори ајдеее... 97,1 отсто.
Хобсбаум, англиски социолог и историчар, рекол: „За да постои силна држава и силна национална ’приказна и самосвест‘ ,човек мора многу да работи, да не знае, и во многу глупости да верува“. |