Ратае се бори со комунални проблеми
Жителите се жалат на деценискиот проблем со фекалиите што се прелеваат од Тетово со хидросистемот „Пена - Бистрица“
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Селото Ратае, рамничарска населба во срцето на Долни Полог, живее во чуден сплет на околности. Жителите на ова тетовско село се радосни од тоа што досега е постигнато - изградба на сопствена пумпна станица и решено снабдување со вода за пиење, асфалтиран пристапен пат, нова соборна црква посветена на „Св. Атанасиј“ во која сега се изработуваат фрески. Истовремено, ратајчани се жалат на деценискиот проблем со фекалиите што се прелеваат од Тетово со хидросистемот „Пена – Бистрица“, на немањет�� канализација, на нерегулираниот премин преку железничката пруга.
Во Ратае има 98 семејства и околу 600 жители. Во пишани документи наоѓаме дека е стара-прастара населба, која потекнува од 13 век. Во 1925 година во Ратае била изградена црквата „Св. Сава“, на темелите на постар православен храм посветен на истио�� светец. Селска слава е зимски Св. Атанасиј.
Уште при влегување во селото се забележува дека од секоја куќа излегуваат по најмалку две деца исполнувајќи ги селските сокаци. Крштавките и свадбите се многу честа појава, а селото најмногу опстојува од земјоделство од кое се добива и голем род и висок квалитет. И сточарството постепено станува една од егзистенцијалните потреби.
Крсто Стефановски има стадо од 100 овци, а Коста Јанчевски фарма со 40 кози. Речиси во секое семејство се одгледуваат барем по две млечни крави. Тони Трпчевски вели дека во Ратае има над 70 патнички возила, 35 трактори опремени со приклучни машини и 10-ина комби возила. Селаните не забораваат да спомнат дека меѓу првите Македонци што останаа на боиштата од поранешните ЈУ-простори е Драгослав Петровски – Чиче, убиен на 28 август 1991 година во борбите за Вуковар.
Во Америка има 25 семејства, уште десетина се во Германија и Швајцарија, открива Никола Стаменковски, но вели дека сите се тука свои на своето. „Во нашето село нема ниту иселувања ниту доселувања. Единствено е доселено семејството на Милан Трајловски пред 20 години кога во Македонија пребегаа повеќе фамилии од Пустец Албанија“, вели Стаменковски.
Иако Ратае е мала населба жителите со гордост зборуваат дека годишно се прават по 4-5 свадби според сите православни обичаи. Во селото има 26 деца од 1 до 4 одделение, а над 30 се до шестгодишна возраст.
Во тетовското село се живее мирно, сложно и со разбирање. Сите заеднички се договараат и ги разрешуваат проблемите. Сепак, со два проблема не можат да се справат.
„Каналот што треба да ги наводнува нашите ниви веќе две децении не се користи за тие потреби. По него течат фекалии и отрови од дел на канализацијата на Тетово. Лете во селото смрди од насобраната нечистотија во каналот. Посебна опасност е необезбедениот премин преку железничката пруга во насока на Лешок и Тетово. Овде се регистрирани голем број сообраќајки и човечки жртви“, потенцира Здравко Трпевски.
Ратајчани најмногу се задоволни од изградбата на водоводот. Веќе неколку години селските пумпи и бунари се минато. „Со сопствени средства и несебична помош на д-р Љупчо Коцевски, кој донираше 2.000 евра изградивме селска мрежа и пумпна станица кои сега беспрекорно функционираат“, се пофали Звонко Стојановски. |