Што прават денеска
Наум Петрески
пејач
Денешниот ден ми е за одмор и за собирање енергија за она што ќе се случува утре. Всушност, мојот нов албум „Оди ѕвездо“ во продукција на „Аворд“ е завршен, како и подготовките за утрешната промоција во хотелот „Александар палас“, во 13 часот. Се' функционира како подмачкано, па денес не сум растрчан како што е обично пред промоција.
Сека Радончиќ
модна креаторка
Ми се чини дека денес ми е најработниот ден во годината. Но, така ми се чини секој ден во овој предновогодишен месец. Како што наближува Новата година, така работата и притисокот да се завршат сите нарачки се поголеми. Но, навикната сум на тоа работно темпо, па не ми е невообичаено. А и не сум човек што и' подлегнува на новогодишната еуфорија.
Верица Пандиловска
пејачка
Не се ни трудам да си ги набројам обврските што ме чекаат денеска да ги завршам. Едноставно тргнувам во денот и ги завршувам една по една. Знам дека прво ме очекува патување до Тетово, каде што неодамна отворив бутик за долна облека, па работата ми започнува оттаму. Потоа сите други работи се надоврзуваат една на друга. |