Министерот за информатика сака да биде шеф на лекарите
![](WBStorage/Articles/7AD70DB59F8D2649BBB8E8E36BAB41E0.jpg)
И покрај постапката што ја поведе Уставен суд, Министерството останува на ставот дека здравствените работници треба да се јавни службеници
Јасмина Јовановска
Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, смета дека и натаму треба да им биде шеф на здравствените работници, кои од април годинава ги направи јавна службеници. Уставен суд, пак, поведе постапка за изземање на лекарите од јавната администрација. Министерството за информатичко општество и администрација не отстапува од ставот дека здравствените работници треба да имаат статус на јавни службеници. Поведувањето на иницијативата на уставност, за надлежното министерство е загарантирано право, што не значи и конечна одлука.
Од ресорното Министерство објаснуваат дека при дефинирањето кој треба да има статус на јавен службеник се воделе од компаративни искуства и за уредување на ова прашање ангажирале дури и странски експерти. Во Министерството, сепак, велат дека ако Уставен суд донесе одлука за изземање на здравствените работници од јавната администрација, ќе го почитуваат тоа.
„Министерството за информатичко општество и администрација, како и секој државен орган, е должно да ги почитува и да ги спроведува одлуките на Уставен суд“, се наведува во писмениот одговор.
Од Министерството за здравство, пак, велат дека пред да биде донесен Законот за јавни службеници, на барање на изготвувачот биле доставени податоци за бројот на здравствени работници, начинот на кој тие ги остваруваат нивните права од Законот за работни односи, како е регулирана платата, начинот на стручно усовршување... Во меѓувреме, здравствените работници имаа среќа што Законот за јавна администрација се' уште не земал залет, бидејќи да почнеше да се применува сите тие ќе мораа да полагаат за јавни службеници, а ќе има и корекции на платите.
Уставен суд одлучил да поведе иницијатива за изземање на лекарите од јавни службеници, затоа што, како што се вели во образложението, здравствената дејност е од посебно општествено значење и не може да се изедначи со која друга функција. Според судот, лекарите се грижат за здравјето на луѓето и не треба да се третираат како административци кои вршат јавни овластувања во интерес на државата.
Иницијативата на Уставен суд, пак, за Синдикатот на скопските клиники е доказ дека ќе успеат во нивната борба – лекарите да си останат само лекари. Клиничкиот синдикат пред три месеци до Уставниот суд поднел иницијативата со која побарале времено стопирање на законското решение. Ваквиот чекор уследи, откако надлежните и од здравствениот и од информатичкиот сектор останаа глуви на реакциите на синдикалците.
„И пред три месеци и сега кажуваме дека нема логика тој закон да се спроведе на дело. Се коси со законот за здравствена заштита и со оној за работни односни. Ако во 16 часот лекар влезе во операциона сала и оперира до 12 часот, како тогаш ќе си замине од работа во 16,30, како и другите јавни службеници“, прашува Дејан Ставриќ, претседател на Синдикатот на скопските клиники. |