ПЕЛАГОНИЈА
Мариово полека заживува
До живописното село Манастир со европски пари е изграден асфалтен пат, но и обиколен пат до ХЦ „Чебрен“
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Пет децении по масовната миграција на населението во градовите, прилепско Мариово, се чини, полека заживува. Овој еколошки најчист и најретко населен регион во Македонија, богат со рудни богатства, природни убавини, археолошки наоѓалишта и манастири, се' повеќе е во фокусот на потенцијалните инвеститори.
Интенција е напуштениот регион да прерасне во атрактивна локација за привлекување свежи инвестиции.
Затоа до селото Манастир, срцето на Мариово, со инвестиција од Европската агенција за реконструкција, изграден е асфалтен пат во должина од 3,2 километра, но и обиколен пат до хидроцентралата „Чебрен“.
За ова живописно село со карактеристична камена архитектура се подготвува проект за изградба на водовод и за инсталирање електромрежа. Имено, во непосредна близина се наоѓа извор со чиста вода за пиење и штедрост од 35 литри во секунда.
Екипа на прилепскиот археолошки Завод и Националниот конзерваторски центар ќе работат во повеќе фази на реставрација и конзервација на црквата „Свети Никола“, која датира од 11 век.
„Ќе има археолошки ископувања до најстарите слоеви на подот, реставрација на фреските, обновување на покривната конструкција во духот на базиликалните градби и иконостасот. Тоа ќе ја направи црквата уникатна по многу нешта, но сакаме да употребиме материјали од локалното поднебје со цел да се зачува автентичноста“, истакнува отец Никола, игумен на манастирот.
Мом��нтно се реализираат и активности за изградба на конаците, бидејќи во манастирот „Свети Никола“ ќе биде обновен монашкиот живот.
„За нас беше предизвик да се зафатиме со возобновување на манастир што има големо историско значење и се наоѓа во простор што бил зафатен со умирање и згаснување на животот, напуштање на огништата кои биле чувани со генерации. Токму манастирот може да ја покаже силата на воскреснувањето. Сметаме дека тоа ќе биде еден од начините да се покаже многу поразличен, но значаен импулс на живот во Мариово“, објаснува отец Никола.
Во селото Манастир постојано живее само едно семејство стари луѓе, а уште еден брачен пар доаѓа повремено. Куќите кои восхитуваат со старата македонска камена архитектура се празни, напуштени, оставени на забот на времето.
„Заминав пред четири децении и не верувам дека животот ќе се врати исто како некогаш. Регионот е богат со шуми и со прекрасни предели кои им се непознати на многу граѓани. Мариово нуди можности за оние кои и натаму сакаат да се занимаваат со сточарство, земјоделство, дури и со угостителство. Ако се остварат плановите за изградба на хидроцентралата ’Чебрен‘, ако се вработат млади, тогаш тие неизбежно со себе ќе ги донесат своите семејства. Ете оттука може да почне процесот на враќање на животот овде во прекрасното Мариово“, смета Трендафилка Петреска, одамна иселена од Полчиште.
Восхитени од убавините на Мариово се и градежните работници, Македонци од Мала Преспа, кои макотрпно, но со љубов работат на реконструкција на манастирот.
„Мариово е бисер на Македонија. Веруваме дека по изградбата на манастирот ќе заживее и селото, бидејќи патот до селото е асфалтиран. Нема никаква пречка да дојдат луѓето од градот и да уживаат во неверојатната убавина на ова, но и на другите села и природни предели“, вели Коста Церпосан од Горна Горица во Албанија.
Но, човечката рака, сепак, остава се' повидливи траги нарушувајќи ја еколошката чистота на пределот. Во Мариово многу фирми работат на истражување и експлоатација на рудните богатства, а не ретко, раскажуваат некои жители, доаѓаат диви копачи кои трагаат по неоткриените археолошки богатства. Дел од нив, не водејќи грижа, го нарушуваат интегритетот на природата. Како што вели отец Никола, континуирано, поради загаденоста на водите на Црна Река, се случува и помор на рибите.
Дивото користење на изворите, исто така, може да доведе до огромна катастрофа. Не смее да се дозволи водата од изворите што ги има малку да се користи за технички и производствени потреби, предупредува отец Никола.
За да се зачува еколошката рамнотежа, Министерството за животна средина подготвува студија за валоризација на природните и културните вредности на Мариово. Ќе се утврди кои предели се национални паркови и резервати.
Имајќи ги предвид сите почнати, но и најавени проекти, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, со оцена: „Нашите намери се Мариово да прерасне во атрактивна локација што ќе привлекува свежи домашни, а особено странски инвестиции и каде што ќе се развива манастирскиот туризам, односно туризмот воопшто“. |