Гламурозниот Офицерски е срам за Битола
Некогаш најубавиот архитектонски бисер на Широк сокак сега е целосно запуштен и руиниран. Сјајот и раскошот го заменија крш и пустош, а убавината стана грдотија
БИТОЛА - Некогаш гламурозниот Офицерски дом сега е срам за Битола. Сјајот и раскошот го заменија крш и пустош, а убавината стана грдотија. Ова е сликата за Офицерски само една година до големиот јубилеј, 100 години ��д неговата изградба. И по само еден век откако управникот на тогашниот Битолски вилает, Абдул Керим-паша, ги постави големите гранитни коцки како темел на грандиозната градба што требало да биде симбол на убавината и редот на конзулска Битола.
Најубавиот архитектонски бисер на Широк сокак, кој отсекогаш предизвикувал восхит и воодушевување кај минувачите, сега е целосно запуштен и претворен во руина, буди чувство на сожалување, но и гнев кај битолчани што лесно се дозволило бедата да го потисне гламурот. Оставен со децении на (не)грижата на голем дел државни институции, објектот го презеде општината. Од Офицерскиот остана раскошната фасада, а локалната самоуправа наследи испукани ѕидови, искршени прозорци, откорнат паркет, руинирани свечени сали, распаднати тоалети. Единственото нешто што имало среќа да потрае е токму кристалниот лустер што го наследи Офицерскиот дом од Битола од домот во Скопје во 1973 година, десет години по земјотресот.
Битолчани, чија младост е длабоко испреплетена со судбината и со случувањата на Офицерскиот дом, не останаа рамнодушни на разочарувачките слики кога сето она што со години криеше наеднаш се покажа пред јавноста.
Седумдесет и две годишниот Будимир Костојчиновски, поранешен електроинсталатер во АРМ е битолчанецот, кој со своите две вредни раце пред цели 37 години го направи украсниот и луксузен лустер во Офицерскиот дом. Трогнат од она што се случува со еден од најубавите споменици на културата на Балканот, Костојчиновски, кого битолчани го именуваат само како Будо, ја раскажува приказната за лустерот.
„Домот беше фантазија. Нема друг збор за таа убавина. Се сеќавам како да беше сега, пролет, мај. Со војнички сандаци од скопскиот отпад во Битола стасаа еден куп монистра, кристали, фигури од стакленца. Тогашниот началник на домот на АРМ, Ристо Дамјановски, м�� повика, кажа дека има делови од двата лустера од урнатиот Офицерски дом во Скопје и побара да направам нешто. Зададената задача не беше лесна. Зедов напомош неколку војничиња од гарнизонот и повеќе од еден месец, секое попладне, откако ќе завршев со работните обврски, работев на лустерот. Направивме нешто прекрасно. Никого не оставивме рамнодушен иако лустерот не беше сосема ист како оној во Скопје“, раскажува мајстор Будо.
Секој кристал, стакленце и монистра Будо грижливо ги запишувал во тетратка. За еден ден да се знае колку е неговата тежина, колку делови се споиле, колку светилки засветиле. За жал, и од тоа останало само разочарување.
„Сите белешки што грижливо ги нотирав исчезнаа исто како и неискористените делови од двата скопски лустера. Направив и свеќници од истите кристали и стакленца за да ги красат салите и ходниците во домот. Ама и нив ги снема. Од раскошот и од убавината останаа само спомените. Од сето тоа се сеќавам дека само лустерот тежеше некаде околу 700 килограми“, се потсетува Будо.
Со носталгија за убавината и за раскошот на Офицерскиот дом во Битола пишуваат и хроничарите. Името на објектот не случајно останало „Офицерски“, бидејќи најпрво бил наменет за турската, потоа за српската, па за бугарската, југословенската и на крај за македонската војска. Хроничарите забележале дека вратите на архитектонскиот бисер во старите добри времиња се отворале само за генерали и офицери. Најрепрезентативното катче во Битола го посетиле Тито, Демирел и легендарниот Анатолиј Карпов. Тука за време на конзулскиот период на Битола се одржувале балови, свечени приеми, а подоцна и матинеа.
Една од приказните ја раскажува и познатиот битолски новинар Димитар Димитровски-Такец, 88 години.
„На 12 години за прв пат влегов во Офицерскиот дом. Настапував на концерт. Од возбуда малку се сеќавам на првата средба со објектот. Но, затоа во текот на мојот живот многу истражував. Домот го градеа Турците, а го завршија Србите, повеќе од дваесет години. Таму за прв пат во 1933 година беше организиран ‘Син бал‘ каде што задолжително жените беа облечени во сино, па дури мораа да носат и сини чевли изработени од сино кадифе. Се славеше Стара нова година“, се враќа во минатото Такец.
Хроничарот на Битола, Александар Стерјовски, во неговата книга „Каријатиди на театарот“ запишал дека двете акустични сали, долната и горната на велелепниот Офицерски дом во Битола станале место за разонода, но и за концертни и театарски претстави. Горната сала броела 300 места и била една од најголемите во градот се' до обновувањето на театарот.
Ова се само дел од вистините и приказните за Офицерскиот дом. Битолчани со право велат дека кога ѕидовите би зборувале, тогаш за Офицерски би се напишале најубавите, но и најсрамните приказни за конзулскиот и современиот град.
Она, пак, до кое што дошле стручњаците од Завод и музеј Битола и официјално е запишано потврдува дека Офицерскиот дом е замислен како синтеза на палата и тврдина. Арапскоисламскиот стил е впечатлив во изведбата на влезовите и прозорците, а оригиналноста на ова решение нуди еркерно изведени балкони, како и надвишување на четирите кули.
Според архитектот Зоран Алтипармаковски од Завод и музеј Битола, изградбата на објектот почнала во 1911 година, по барање на тогашниот управник на Битолскиот вилает, Абдул Керим-паша. Една година подоцна импозантната зграда била покриена. Но, поради војната на овие простори Офицерски бил завршен дури по Првата светска војна. Зградата е поставена во правец Запад – Исток, со димензии од 37,2 метра со 17,9 метри. Висината на венецот е 13,9 метри, а до самиот покрив 17,3 метри.
Тоа е масивен систем со меѓукатни конструкции од бруски сводови. Нивото на сутеренот е со гранитни квадари, а потоа градбата продолжува со тула.
„Градбата на Офицерскиот дом ја следеше архитектурата на своето време како преплет на модерната европска и исламска архитектура. Според некои усни кажувања, зградата била дело на двајца архитекти од Виена, Австрија и Италија. На неа работеле мајстори од селото Смилево. Се споменува дека со градбата раководел познатиот украински архитект Валери Гусин, најверојатно, белогардеец пребеган на наши простори“, раскажува Алтипармаков.
Офицерскиот дом е дел од таа споменична целина што ги опфаќа и градската чешма и споменикот на Стив Наумов. Значи споменик на културата од прва категорија на заштита, но само на хартија. Барем така покажа (не)грижата на надлежните институции кои изминатите децении стопанисуваа со објектот. Во тоа со свои очи се уверија и општинарите откако под своја закрила ја зедоа зградата од Центарот за култура во Битола.
„Најголем дел од зградата е во катастрофална ситуација. Ја нема дури и инфраструктурата. Исчезнати се радијатори, електрична инсталација речиси не постои, водоводната мрежа е уништена, санитариите се руинирани. Ѕидовите се уништени, а го нема паркетот“, забележа градоначалникот Владимир Талески.
Општината најавува дека наскоро ќе се изработат проекти за санација и за обнова на објектот. Се надеваат дека дел од зградата ќе се стави во функција за реализација на содржините од „Битолското културно лето“. Но, никој не знае колку пари ќе проголта реставрацијата на Офицерскиот дом во Битола. Ниту, пак, дали некој ќе понесе одговорност за запоставувањето на културното наследство. (А.Б.)
|