Скулптура што се колеба да ја мине улицата
Димитар Лабудовиќ, Скопје
Од десна и од лева страна на улицата „Македонија“ се наредени скулптури. Прва скулптура на која се налетува е наречена „Шмизла”. Убаво стокмена девојка, кусо здолниште, топ мобилен телефон, најнови очила... Сите гледаат во неа, таа е пример за останатите, сите сакаат да се фотографираат со неа. Едноставно, изгледа совршено и знае што сака. Е, да, драги мои, таква беше нашата Република Македонија во периодот од крајот на 2001 до средината на 2006 година. Во тој период Македонија беше пример за мултиетничка, стабилна држава, која со цврст чекор граби кон евроатлантските структури. Држава која беше репер за сите наши соседи, а и сите други држави кои имаат аспирации за влез во ЕУ и во НАТО. Продолжувам понатаму и доаѓам до следната скулптура - „Девојче“. Мала и чудна скулптура, чија поента лично не ја разбирам, но совршено се вклопи во мојава приказна. Сите, како и девојчето, чекаат да ја преминат улицата, сите чекаат во предворјето на НАТО. Во момент на вклучување на зеленото светло сите поминуваат, но „девојчето“ се двоуми да ја премине улицата. Кога девојчето се реши да ја мине улицата се запали црвеното светло и тоа останува на оваа страна од „Македонија“, практично надвор од НАТО. Е, да, драги мои, „Девојчето“ е синоним за Македонија во периодот од 2006 година до февруари 2008 година. Во тој период, кога македонската Влада требаше само формално да ја одработи поканата за влез во НАТО, кога се запали зеленото светло, Владата се занимаваше со Хунзи, со преименување на аеродроми, со поклонување пред карти на етничка Македонија... Кога се вклучи црвеното светло почнаа да минуваат автомобилите и да се таложат проблемите во светски рамки, тогаш Владата бараше виновник во секој, само не во сама себе, и од тогаш се преориентира на фрлање лопати на камен-темелници и пуштање чешми.
Одиме понатаму, кон кејот, со намера да пиеме кафе. Само што ја минав улицата, од левата страна нова скулптура - „Просјак“. Свиткан старец, неизбричен, со распуштена коса.... е, да, драги мои, тоа е Македонија од крајот на 2008 година. Млекари, стечајци, бранители, 12.000 нови невработени само за 2 месеца од почетокот на 2009 година. Криза насекаде во светот, но само ние ќе сме излегле со ќар од ситуацијава?! Како? Ниту самиот премиер, кој го изјави тоа, не знае. Доаѓам на плоштадот и од левата страна во аголот ново здание - „Човек-дрво“. Е, да, драги мои, тоа е фамилијарното дрво на господинот Груевски. Се плашам дека авторот на делото направил премалку гранки да би можеле да ги напишеме сите роднини на премиерот, кои се на високи и одговорни функции во државава. |