Државата ги заборави психијатриските болници
Објектите со години се нереновирани и неваросани, оштетени се делови од згради и апаратура, а нема доволно ни леб
Гордана Дувњак
Со години нереновирани и неваросани објекти, оштетени делови од објекти и апаратура. Недостиг од облека, пижами, прекривки и други материјални средства потребни за пациентите. Ова е сликата за општата состојба во Психијатриската болница во Скопје, видена од очите на институцијата Народен правобранител. Од увидите во оваа болница, извршени во неколку наврати во текот на ноември и на декември минатата година, во најновиот извештај на омбудсманот напишан на цели 50 страници, се извлекува констатацијата дека усл��вите за живеење и престој „се' уште се незадоволувачки, а особено се загрижувачки во некои одделенија“.
Квалитетот и квантитетот на храната што им се нуди на пациентите, како што се наведува, не се подобрена, а особено загрижуваат изјавите дека пациентите не добиваат доволно ниту леб. Греењето е незадоволително и се пушта до 11 часот наутро, а попладне од 15 до 21 часот. Не е обезбедено ни соодветно ладење во собите на пациентите поради што во деновите кога е студено или претопло, нивната состојба се влошува. Има мал број тоалети и тушеви, а многу пациенти, сместувањето е во големи простории, што негативно влијае на нивната психолошка состојба. Нема услови за безбедно чување на личните работи, а бегствата се' уште се честа појава. Не е обезбедена соодветна заштита од заразни болести, како за пациентите, така и за вработените. Состојбата на пациентите сместени со судска одлука поради сторено казниво дело и натаму не е драстично променета и покрај малото подобрување на соработката со судовите. Пациентите се пожалиле дека не можат да остваруваат ни верски обреди.
Пренатрупани со пациенти се и центрите за ментално здравје, иако има голема потреба од нив, а лани не е отворен ниту еден нов центар.
Ништо подобра не е ситуацијата во психијатриската болница во Демир Хисар, каде што при мониторирањето е дојдено до заклучок дека државата не одвојува доволно средства за подобрување на условите. Реновирањето е започнато само во женското одделение, и тоа од пари добиени од донации. Не случајно меѓународните институции во своите извештаи редовно укажуваат на крајно алрамантната состојба во овие болници.
Специјалната установа во Демир Хисар нема вработено ниту еден општ лекар ниту, пак, невропсихијатар, иако има потреба од ваков кадар. Двесте и седумдесетите лица со посебни потреби немаат ни матичен лекар, а медицинскиот и останатиот персонал е недоволно обучен. Во поголем број одделенија корисниците не се одвоени според пол. Ниту еден оддел нема соодветни тоалети за инвалиди лица, туку обични тоалетни школки или „чучевци“. Сепак, општ впечаток во поглед на условите за престој и хигиената е дека тие се на задоволително ниво, освен некои оддели што не се реновирани, каде што се чувствува мирис на урина, има распаднати ѕидови, нема декорација на декорација на просторот..
Во последниве години специјалниот завод сместен на југот на земјава почна и со деинституализација преку која се врши сместување корисници во посебни станбени заедници, во кои тие претежно сами се грижат за себе со помош на посебен стручен тим. Оттаму, во извештајот се препорачува да продолжи овој процес, но и да се едуцираат и стимулираат биолошките, но и загрижувачките семејства за прифаќање на поголем број лица. Од кај македонскиот омбудсман испраќаат и порака до властите - државата да изнајде можности и средства за подобрување на условите за престој, особено за реновирање и адаптирање на старите и руинирани објекти. |