Двојните аршини на Снежана Лупевска
Милчо Николовски
Повод за моето пишување е емисијата „Фактор 5“ на телевизија Канал 5 и двојните аршини на новинарката Снежана Лупевска при пренесувањето на информациите за телевизија А1. Имено, додека денеска така ревносно (читај по нечиј налог) го напаѓаше Велија Рамковски дека ја спречил контролата на УЈП во А1 на 1.3.2006 година и дека после контролата данокот што требало да го плати А1 бил неколкукратно намален, заборави да каже дека во тоа време и таа работеше во А1 и да објасни како таа ги пренесуваше информациите за контролата и како кукаше и плачеше дека тоа било полициски упад во А1 и оти било вршење директен притисок и обид за замолчување на телевизијата.
Еве како Снежана Лупевска ги пренесуваше информациите за контролата на УЈП во А1 - Експертите за човекови права со осуда за упадот на полицијата во А1, Снежана Лупевска. „Имате ли налог? Дајте налог?“, побара Велија Рамковски, сопственик на А1 телевизија. Криминален чин е влегувањето на полицијата без судски налог. Вака, експертите го оценуваат вчерашниот упад во А1. „Вообичаено во светот е претпоставка дека полицијата не може да влезе во приватни простории без судски налог“, изјави проф. д-р Звонимир Јанкуловски, експерт за човекови права. „Законот во настојување да ги заштити тие простории го казнува дури и обидот да влезат во А1; тоа е кривично дело, а камоли да влезат“, изјави Ѓорѓи Марјановиќ, експерт по кривично право. МВР призна, полицијата немала налог за да влезе во просториите на А1. Се повикува на правото да им асистира на инспекторите. „Полицијата влезе за да им даде асистенција на инспекторите од Управата за јавни приходи, а не за да заврши некои свои активности, туку врз основа на писмено барање од Управата за јавни приходи“, вели Горан Павловски, шеф на кабинет на МВР. Но, токму ваквата полициска постапка експертите ја оценуваат како ставање на полицијата во функција на власта, а не на граѓаните. Но, „нема потреба полицијата да чувствува никаква вина“, додаде Павловски. „Влегувањето во А1 или во кој било медиум е многу чувствителна работа. Ние и така не стоиме многу високо на ранг-листата по слободата на печатот, по слободата на говорот и слично, а ова го прави тој имиџ уште полош“, додаде Марјановиќ. „Ваквите постапки, кои се случуваат, ја одвлекуваат полицијата од процесот во кој е веќе длабоко навлезена. Во демократските држави полицијата функционира врз основа на согласноста со граѓаните��, рече Јанкуловски. Вчера инспектори на Управата за јавни приходи со полициска придружба, која немаше судски налог за влез во медиумот, сакаше да изврши увид во документацијата на телевизијата. Иако воопшто не беа спречени во намерата да ја извршат контролата, полицијата ги придружуваше постојано. Си замина дури тогаш кога јасно им беше укажано дека незаконски се присутни во А1. Експертите укажуваат дека светската практика е сосема поинаква. Еден Британец, иако претепал полицаец, го добил судскиот спор затоа што полицаецот без налог му влегол дома. Ете толку од професионализмот на Снежана Лупевска и на другите такви новинари во Македонија.
И сосема за крај, да не се сфатиме погрешно, целосно ги поддржувам акциите на УЈП во која било фирма во Македонија, без разлика дали е тоа медиум, пекарница, фабрика за смоки или каква било фирма.
|