Виенскиот институт не ни предвидува пад на невработеноста
Македонската економија годинава ќе расте, предвидува Виенскиот економски институт, но тој раст ќе достигне едвај еден отсто. Растот кој за годинава го предвидува нашата Влада од 2 отсто, според Виенскиот институт, земјава ќе успее да го достигне дури наредната година. Три отсто раст на БДП, според Институтот, земјава може да очекува во 2012 година.
Во однос на приливот на странски инвестиции, експертите од Институтот не очекуваат зголемување во однос на 2009 година и, според нив, странските инвестиции годинава не би ја надминале бројката од 150 милиони евра странски инвестиции. Образложението за ваквата прогноза е дека новите инвестиции нема од каде да дојдат, а главната причина за намалената активност на компаниите се лоцира во глобалната економската криза и состојбата во Грција.
Во однос на невработеноста, од Виенскиот институт не очекуваат значителни промени во поглед на нејзино намалување. Со 33 отсто регистрирани лица без работа, Македонија е на дното на листата во однос на Босна, Србија, Црна Гора, Албанија.
Слично како и домашната статистика, и Институтот прогнозира заживување на домашната индустрија. „Цените на готовите индустриски производи значително ќе се зголемат поради зголемената побарувачка на странските пазари. Во мај за осум проценти се намалила и задолженоста на приватниот сектор кај комерцијалните банки, споредно со септември минатата година“, стои во извештајот на Институтот. Во него се вели дека ликвидноста растела, а трендот треба да се задржи во нагорна линија. (А.С.) |