Број 2942  сабота, 21 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Писма
Не е смешно, Боби!

(Повод: писмото „Хулењето на Еднооки“ од 17 март) Александар Русјаков, „Контрабанда“


„Хулењето на Еднооки“ е текст што веќе се појави на порталот Премин пред извесно време. Ова е негово второ појавување. Вообичаено не се допишувам со оние што не' сакаат или оние што мислат дека сме идиоти. И едните и другите ми се драги, ама упорноста на Боби малку ме наежи. Прво, цитатот од нашата епизода што е изнесен во текстот е дијалог помеѓу двајца наши закрвени политичари кои ете, кај нас, се препукуваат околу тоа кој е поголем верник, а колку што знам (исправете ме ако грешам), само кај ортодоксните Евреи е забрането спомнување на името на Бога. Немам намера никому да се правдам, ама имам силно чувство дека Боби преку нас сака да се тепа со Сатанаил што му доаѓа нешто како тепачка со замислен противник. А бидејќи во карате-клубот „Еднооки“ се' уште не сме вовеле ката со ѓаволот, Боби си го бара непријателот на погрешно место. За оние што не знаат, Сатанаил е оној цреп што се шета меѓу нас со разни договори за купопродажба на душата и најчесто е изговор за сите наши зла што ги правиме, а одбиваме да сносиме одговорност за нив.

Посебно ме наежува фактот кога авторот, меѓу редови ми спомнува каменување и други фини методи што фанатиците од светските религиозни корпорации ги испробувале врз оние што мислат поинаку. Демек не, тој нема намера да не' каменува, туку само не' потсетува дека некогаш ете, за вакви работи се каменувало, палело на клада, стегало со шпанска чизма. Инаку, Боби, најголемиот број прогласени и убиени вештерки биле оние што не сакале „да му дадат“ на некој напаленко, па тој брзо-брзо отрчал во локалниот изборен штаб на Инквизицијата да се поплаче дека тоа демонката од негово маало е љубовница на ѓаволот и му ја нарушува душата. Е, па и нас Боби не ни „се дава“, затоа што сме во тотален целибат за секој фанатик.

И последно, она најхристијанското... Можеби сме ние богохулни кретени што ја бараат раската во окото на политичарите, а не ја гледаат гредата во сопственото око, ама ич не ми е јасно како тоа докажан верник како Боби, бара раски и греди во нашето око, наместо само да се моли за наше спасение. Ова му доаѓа нешто како нашиве „платформаши“ кои во сред општа диктатура, врескаат против диктатура, побивајќи го историскиот факт дека во ниедна диктатура никој не смеел да зуцне против диктатурата. Колку пати напишав диктатура? Добро де, и јас сакам да бидам колумнист...Скраја да е....

И така, Боби, пред да го објавиш истиот текст во трет медиум, треба да знаеш дека секогаш можеме да се најдеме во хотел „Изгрев“, да уживаме во Охридското Езеро, обвиени со хармонијата на новиот верски објект, или во една од австралиските епархии во кои повеќе се зборува за тапии, отколку за Бога, да испиеме кафе и да поразговараме братски за различните ставови.

#
Статијата е прочитана 1052 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Писма
Загатка за македонскиот литературен кружок