ЏОРЏ КЛУНИ
Сепак, до олтар пред педесеттата
Најголемиот холивудски заводник, се чини, капитулира пред убавината на Елизабета Каналис, италијанската манекенка и водителка, која ја побарал за жена, само по три месеци забавување. Иако Клуни и Каналис се' уште официјално не потврдиле дека ќе се венчаат, медиумите успеале да дознаат дека свадбата на големо се организира. Според овој извор, двојката ќе се завети на вечна љубов на ексклузивниот брод „МСЦ фантазија“, во присуство на 200 поканети, на кои на располагање ќе им бидат четири ресторани, дискоклуб, 4-Д кино, театар и терени за сквош... Веќе е направена и листата на гости, а меѓу нив почесно место имаат блиските пријатели на младоженецот, актерите Бред Пит и Анџелина Џоли, Мајкл Даглас и Мет Дејмон. На свадбата ќе биде присутна и Џулија Робертс, која од избегнувањето брак на Клуни направила бизнис, така што за секоја негова врска ставала облог дека нема да заврши пред олтар.
Клуни (48) јавно ја прошета новата девојка на Филмскиот фестивал во Венеција во почетокот на септември и веќе тогаш тргнаа гласиштата дека двојката се свршила.
Клуни ја повикал Елизабета да се пресели во неговиот дом во Лос Анџелес. Со тоа веќе направил голем чекор, ако се земе предвид дека неговите претходни врски, кои траеле многу подолго, не завршиле со брак.
Триесетгодишната избраничка на Клуни, која е родена на Сардинија, била во жижата на интересот на италијанската јавност и пред врската со славниот актер. Таа долго време ја носела етикетата „сериска заводничка на фудбалери“, а била во голема љубов со италијанскиот голгетер Кристијан Виери.
Клуни, од 1989 до 1993 година, бил во брак со актерка Талија Балсам, а по разводот од неа, тврдел дека никогаш веќе нема да се жени. Неодамна изјавил дека 50. роденден ќе го прослави како самец.
|