Број 3283  сабота, 15 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Анализа

Анализа

Посовршена монетарна унија

Лешек Балцерович

Формата на фискалните реформи има фундаментална важност

Еврозоната често пати се гледа како експеримент - монетарна унија без политичка унификација. Оние што го даваат ова тврдење размислуваат за поединечна држава што поседува две релевантни карактеристики: ограничен фискален суверенитет за регионалните и локалните влади и суштински заеднички буџет од кој регионите погодени од асиметрични шокови можат да примаат трансфери. Оние што тврдат дека за еврозоната е неопходна „политичка унија“, се фокусираат на втората карактеристика и покрај фактот дека фискалните ограничувања за локалните влади очигледно се карактеристична и важна компонента на поединечните држави. Тие го игнорираат фактот дека Пактот за стабилност и развој на ЕУ во принцип е важна компонента на политичка унија, а не нејзина замена. Всушност, сегашните фискални проблеми на еврозоната не се резултат од недостигот од голем заеднички буџет, туку од слабото спроведување на Пактот.

Пофундаментално, монетарните унии - во поширока смисла - постоеле не само во поединечните држави, туку, исто така, во групи на суверени држави, а златниот стандард е најзначаен пример во историјата. Искуството од такви монетарни унии нуди две лекции. Прво, тие бараат фискална дисциплина кај земјите-членки, што се почитувало со златниот стандард, со неговиот неформален принцип на балансирани буџети. Второ, тие постоеле без фискални трансфери од заеднички центар, бидејќи таков центар не постоел. Наместо тоа, голема флексибилност, вклучувајќи и во нивните пазари на труд, го олеснила приспособувањето кон асиметрични шокови.

Јасно е дека во догледна иднина нема простор за проширување на буџетот на ЕУ, со цел да се зголемат фискалните трансфери во земјите-членки на еврозоната погодени од силни намалувања на потрошувачката. За тоа би било потребно зголемено ниво на европски идентитет, нешто што политичките елити на Унијата не можат вештачки да го создадат. Но, клучната поента не е дека голем заеднички буџет во еврозоната е политички невозможен, туку дека нема да се одговори на главниот проблем: слабоста на механизмите кои ја чуваат фискалната дисциплина во земјите-членки.

Наместо да се гледа погрешниот модел - оној на поединечна држава - ЕУ и нејзините земји-членки треба да се фокусираат на условите потребни за соодветно функционирање на валутната унија, која нема заеднички буџет за да надомести за асиметричните шокови. Прво, најголем приоритет треба да се даде на зајакнувањето на м��ханизмите за спречување на проциклична политика и големи фискални шокови. Тоа значи обезбедување кредибилитет и транспарентност на сметководствените правила со кои се дефинира буџетскиот дефицит и јавниот долг и, исто така, непосреден мониторинг на развојот на меури од капитал, што предизвикува длабоки рецесии - а со тоа и остри зголемувања на буџетските дефицити - кога тие меури ќе прснат.

На сличен начин, монетарната политика на Европската централна банка (ЕЦБ) треба „да се постави спроти ветерот“, посветувајќи повеќе внимание на развојот на меури од капитал. Бидејќи заедничката монетарна политика на ЕЦБ не може да ги вклопи макроекономските услови на сите земји-членки, на земјите од еврозоната им се потребни макро претпазливи регулативи, чија цел е намалување на прекумерен кредитен развој. Во меѓувреме, Пактот за стабилност и развој треба строго да се применува, што подразбира користење и зајакнување на расположливите санкции. Секако, иницијативите на ниво на ЕУ и/или еврозоната не можат да бидат замена за посилни механизми на дисциплина во земјите-членки, кои се одговорност на националните политичари и на јавноста. Но, мерките во ЕУ насочени кон дисциплина се неопходни за развојот на превентивни механизми во земјите-членки, а таквите иницијативи во голема мера зависат од големите земји, кои носат посебна одговорност за настаните во еврозоната - и во ЕУ.

Второ, надвор од зајакнувањето на економските институции, земјите од ЕУ мораат да ги забрзаат структурните реформи за да ги зголемат нивните долгорочни изгледи за развој и да го олеснат нивното мирно приспособување кон шоковите. Реформите се потребни за да им се помогне на земјите-членки од Унијата да се излезат од нивниот зголемен јавен долг, додека приспособувањето ќе им помогне да ја решат невработеноста.

Од многуте неопходни мерки во таа област, најважната се однесува на енергичниот напор да се комплетира Поединечниот пазар, заедно со избегнување економски национализам по секоја цена. Покрај тоа, би требало да заживее Лисабонската агенда, со фокус на пазарните реформи, а ЕУ итно би требала да ги преразгледа мерките - особено оние што се однесуваат на климатската политика и движењето кон социјална политика во цела ЕУ - кои ризикуваат наметнување дополнителни оптоварувања врз нивните економии и/или ја спречуваат флексибилноста на пазарите. Во тој поглед, формата на фискалните реформи има фундаментална важност. Бидејќи земјите-членки на ЕУ веќе имаат големи даночни оптоварувања, натамошни зголемувања на данокот би ги ослабеле силите на развој. Така, фискалните реформи треба да се фокусираат на намалување на порастот на заложби за трошење кои - со оглед на стареењето на општествата во ЕУ - мора да вклучуваат и зголемување на староста за пензионирање. Конечно, строгите пазари на труд и, општо, регулаторните ограничувања на цените и на понудата од економијата, продлабочуваат рецесивни реакции на различни шокови и придонесуваат за пораст на невработеноста. Либерализацијата на пазарот на труд треба да биде висок приоритет и уште една област на фокусирање за заживеаната Лисабонска агенда. Европските елити се наклонети кон декларации за „европска солидарност“, „социјална кохезија“ и „европски социјален модел“. Но, никаква возвишена реторика не може да ги замени реформите - или да ја отстрани потребата од нив.

(Авторот е поранешен заменик премиер и министер за финансии на Полска, поранешен претседател на Националната банка на Полска и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од „Проект синдикејт“)


#
Статијата е прочитана 475 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Анализа