Од бележникот...
Саде кафе на Ледра стрит во Кипар
Да бидете во Левкоша, односно Никозија на грчки, а да не се обидете да поминете во другиот дел, е најмалку лудо
Димитар Чулев
Олду Онур има 22 години, се' уште нерегулиран статус на Северен Кипар и голема желба да ги помине оние 55 чекори колку што е долга Ледра стрит - еден од премините отворени минатата година - кој светот ги оцени како почеток на попуштање на затегнатоста меѓу турскиот и грчкиот дел од островот Кипар по 35 години. Работи во слаткарницата „Ред чери“ („Црвени цреши“), каде што најредовни гости се службениците од контролниот пункт... Малата слаткарница, до пред една година само неугледен угостителски објект залепен до оградата од бодлива жица по должината на „зелената линија“, стана позната минатиот август, кога претседателите на непризнаената Турска Република Кипар и на европската членка Република Кипар, Мехмед Али Талат и Димитрис Христофијас, лани ја отворија Ледра стрит.
„Денеска има малку гости, веројатно поради топлото време (46 Целзиусови степени), но можеби и поради националниот ден што го слави Северен Кипар по повод 20 јули 1974 година, кога турските сили се истоварија на островот во обид да го заштитат турското малцинство од обидот на грчката хунта во политичката операција „Енозис“ да го спои островот со Грција врз основа на наводниот хеленски карактер на ова парче островска земја во Медитеранот.
Седиме во слаткарницата и пиеме саде кафе (без шеќер). На две маси од нас блондинка, длабоко навлезена во 50-тите години, која говори грчки на телефон и зборува турски со останатите, љубезно ми објаснува дека има шест чекпоинти отворени на „зелената линија“ на разграничување помеѓу северен и јужен Кипар. Помеѓу непризнаениот од светот северен дел и, сега веќе, европската држава и ЕУ-членка - Република Кипар. Прашува од каде сум, велам Македонија, и блодинката одеднаш се претставува како Роза од „хасковските села“ во Бугарија. Дошла овдека пред 22 години, наводно, работи како преведувач на дури шест јазици, а турското име и' е Дениз.
Фасцинантно е да се биде на местото кое странските агенции минатиот август го одбележаа како центар на светот отворено по 34 години „студенило“ меѓу северниот и јужниот дел на Кипар. Како гости на властите од Турска Република Северен Кипар годинава по повод 20 јули, во Левкоша (грчки Никозија) допатуваа 54 новинари од триесетина земји. Идејата на (турските) кипарски домаќини е да ја објаснат каузата за нивната држава, која е призната единствено од Република Турција, а во меѓународната политичка карта северниот дел од островот каде што живеат 260.000 лица е одбележан како „бело петно“.
Чекорот од „седум милји“ направен минатата година во форма на отворање на чекпоинтот Ледра, всушност, е само парче улица во центарот на некогаш заедничкиот град. Облепена лево и десно со најлонски кеси, преминот во кој се наоѓаат веројатно најскапите квадрати на островот Кипар изгледаат жалосно. Продавници без излози, жардинерии кои не красат туку определуваат насока на движење, полицајци наместо продавачи на сувенири на едниот и на другиот крај.
Од Северен Кипар дневно поминуваат приближно 6.000 кипарски Турци, кои во побогатиот југ наоѓаат можност да заработат. „Дневно доаѓаат барем пет-шест пати помалку грчки Кипрани“, вели за „Утрински весник“ актуелниот претседател на Турската Република Северен Кипар, Мехмед Али Талат. „Имам понекогаш впечаток дека тие едноставно не сакаат да се дружат со нас“.
Минатогодишното отворање на премините (сега е во фаза отворањето на уште еден) беше огромен напредок за приближувањето на двата етнички поделени дела од островот, во спорот кој светот го препознава како кипарски проблем. Долгорочен, стар три и пол децении, без видливи индиции дека наскоро би можел да биде решен. Пред пет години, пролетта пропадна планот на тогаш актуелниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан, за реунификација на островот. Кипарските Грци одиграа на помалку подмолната карта дека доколку на референдумот паралелно одржан во двата дела од островот едната страна биде против, ќе следува прием на Република Кипар (грчкиот југ) во Европската унија. Само да потсетиме, токму грчките Кипрани беа кои гласаа против и како награда за тоа добија членство во Унијата.
Да бидете во Левкоша, односно Никозија на грчки, а да не се обидете да поминете во другиот дел, е најмалку лудо. И обратно, од професионален аспект и логика на новинар. Одиме со моите две новостекнати пријателки и новинарки, Дениса Угроиу, Романка со француски пасош, која живее во Финска, и со Реета Паакинен, Финка по националност и актуелен дописник на „Хуриет“ од Истанбул. Не им се верува дека погранични власти на Република Кипар, лоцирани „на европската страна(?!)Ледра, би направиле каков било проблем доколку новинар со пасош од една европска земја (Македонија) едноставно се обиде на два часа да помине „на југ“ и да испие кафе во Никозија.
Многу љубезниот корпулентен службеник на грчкиот премин најљубезно, по шокот по земањето на македонскиот пасош в раце, ме замолува да се вратам назад. Шенген-визата, поседувањето грчка виза како доказ дека можеби можам да транзитирам низ Република Кипар со можност да се вратам дома преку Грција, плус разговорот на грчки не помагаат да го „омекнам“ типот во сино. Добивам пријателско предупредување да не пробувам одново влез во Република Кипар, бидејќи на островот сум слетал преку „непостојниот аеродром ’Ерџан‘“ во меѓународно непризнаениот Северен Кипар. Моите пријателки инсистираа дека ова е глупост во рамките на ЕУ (а Кипар од 2004 година е членка на ЕУ), но, на крајот, преовлада убедувањето дека можеби имам можност да ја посетам Република Кипар (грчкиот дел), но доколку добијам легална виза... Тоа што македонските граѓани го имаат хендикепот Република Кипар да ја „покрива“ Македонија од Шпанија или Португалија (не сум сигурен) не е нивна вина.
Но, Јашар, таксист (59), е задоволен од комуникацијата која сега се одвива меѓу двата дела. „Има странци оттаму и одовде кон југот... се врти некој бизнис“. Тој се' уште ги памети времињата и 1974 година, кога поранешната британска колонија Кипар, дефинитивно, се подели по должина на „з��лената линија“. Велат, британски офицер со задача да ја определи „бафер-зоната“, која би ги спречила инцидентите меѓу двата етникума, лежерно побарал молив... Тоа што моливот бил зелен е причина за еден од најдолгорочните неразрешени спорови. Јашар не сака да говори за политика, но смета дека за него е прифатливо извесна форма на федерација меѓу двата ентитета во заедничка држава, но само доколку двата конституента се еднакви. „Едноставно кажано, нека остане се' како што е сега и секој на своето со право да правиме трговија, бизнис и да развиваме туризам“.
Хусеин Мархоен, новинар од Катар, беше еден од најзаинтересираните меѓу 54-те новинари кој минатата недела го посетија Кипар во рамките на манифестацијата за одбележување на 35-годишнината од „отцепувањето“ на Северен Кипар од останатиот дел од островот. Добро платен (десетпати повеќе отколку во неговата земја Јордан) со месечни примања над седум илјади евра... вели дека барем трипати оваа година го посетил островот, бидејќи има најави дека токму Катар може да се појави како медијатор за разрешување на грчко-турскиот спор околу Кипар. „Малку е познато, но Катар досега релативно добро посредувал во споровите меѓу Судан и Дарфур, Судан и Еритреја, во смирувањето на непријателството меѓу политичките партии во Либан е дело на катарските власти, во тек е медијаторство меѓу Судан и Чад, многу е извесно наскоро во Доха (главниот град на Катар) да се најде и кипарскиот проблем.
„Релативно сме добри во тоа“, вели Хусеин...
Олду Онур не знае кога ќе се случи тоа. Се надева дека се ќе среди и ќе замине еден ден „долу“ каде што негови другари, и покрај економската криза, заработуваат по 500-600 евра на градежни работи. „Сакаме соработка, но секој да остане на својот дел од островот. Тоа е решението“. |