Несреќата во Струга го откажа релито „Гамбол“ во Канада
Канадската провинција Кбевек го откажа гостопримството на 12. традиционално џет-сетерско рели на скапи автомобили „Гамбол 3.000“, поради трагедијата пред три години што ја предизвикаа богаташите во Македонија, усмртувајќи брачна двојка. Надлежните во Квебек објасниле дека релито мора да биде откажано од безбедносни причини, пишуваат канадските медиуми.
Годинешното рели започна на први мај во Лондон, а потоа преку Амстердам, Копенхаген, Стокхолм и Бостон требаше да продолжи за Квебек и за Торонто, и да заврши во Њујорк.
Станува збор за конвој луксузни автомобили, дел од релито што го организираат познати имиња од светскиот џет-сет. Традицијата започнала пред 11 години и оттогаш секоја година расте бројот на учесниците што плаќаат околу 42.000 евра за ова задоволство.
Иако релито не е конкурентно, односно не станува збор за вистинска трка, учесниците честопати возат со поголема брзина од пропишаната, поради што се случуваат и несреќи, кои неретко завршуваат трагично. Најголемата трагедија во ова рели, кое секоја година ги менува маршрутите на минување, се случи пред три години кога „порше карера”, управувано од британскиот милијардер Николас Морли (29), возејќи со голема брзина кон преминот Ќафасан на границата со Албанија, се судри со „голф 1”, во која била брачната двојка Владо и Маргит Чепуњоски, кои починаа поради тешките повреди. Британецот беше притворен, а по речиси еден месец почна да му се суди во струшкиот суд. Семејството на загинатите стружани најавуваше барање за отштета од 150.000 евра, но штом започна судењето, нивниот адвокат рече дека се откажуваат од барањето, а воедно и побараа ослободителна пресуда за Британецот, тврдејки дека „не сакале трета жртва во сообраќајката“. Иако на Морли му се закануваше затворска казна од 4 до 15 години, струшкиот суд донесе одлука, според која, тој беше условно осуден на две години затвор, кои ќе се реализираа доколку Британецот, чиј имот се проценува на 15 милиони фунти, во следните три години направеше прекршок во земјава. Веднаш по пресудата, Морли ја напушти земјава и не се врати никогаш повеќе. (Г.А.) |