Мислења
Трансатлантско единство за Русија
Кондолиза Рајс (специјално за „Утрински“)
Штета ако односите на САД со Русија не се издигнат над нивото на интереси, зашто најдобри се односите меѓу државите засновани на заеднички цели и вредности
Во поголемиот дел од август, светското внимание беше свртено кон Русија. Итно го презедовме предизвикот да ја поддржиме Грузија по рускиот напад. Со овој предизвик засега успешно се справуваме. Главното прашање сега - за кое долго зборував неодамна во еден мој говор – е што значат настаните од минатиот месец за односите на Русија со светот, особено со САД и со Европа?
Нападот врз Грузија не' доведе до критичен момент, но тоа не значи и до одлучувачки момент. Руското раководство направи некои несреќни избори. А, можеше да направи и друг избор. Иднината на Русија е во рацете на Русија. Но, одлуките што ќе ги носи Русија, делумно ќе зависат и од акциите што ќе ги преземат другите, особено Соединетите Држави и нашите европски сојузници.
За таа цел се потребни одлучност и единство на Соединетите Држави и на Европа. Не можеме да си дозволиме да ги прифатиме предрасудите што, се чини, некои руски лидери дека ги имаат, а тоа е дека доколку се врши притисок врз слободни нации со заканување, покажување мускули, напаѓање, ние ќе попуштиме и на крајот ќе се откажеме. Соединетите Држави и Европа мора да се спротивстават на таквиот вид на однесување и да не дозволат од агресијата Русија да има каква било корист.
Затоа ние, со европските сојузници дејствуваме усогласено во поддршката на Грузија. Истовремено, Соединетите Држави и Европа недвосмислено го поддржуваат суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на соседите на Русија. И нема да дозволиме Русија да стави вето врз иднината на нашата Евроатлантска заедница, ниту пак да одредува на кои држави ќе им нудиме членство или да влијае врз изборот на државите да го прифатат членството.
Во потрага по поголема енергетска независност, САД и Европа ја продлабочуваат соработката. Ние ќе го зголемиме отвореното глобално енергетско стопанство и ќе го штитиме од злоупотреби.
Всушност, лидерите на Русија не можат да ги уживаат погодностите од меѓународните норми, пазари и институции, а истовремено да ги доведуваат во прашање нив��ите основи. За да може да го реализира својот потенцијал, Русија треба целосно да биде интегрирана во меѓународниот политички и стопански поредок.
Веќе сега руските лидери можат да видат како би изгледала иднината ако продолжат со агресивно однесување. Спротивно од позицијата на Грузија, меѓународната позиција на Русија сега е полоша од кога било во периодот по 1991 година. Цивилната нуклеарна соработка на Русија со САД во моментот воопшто не оди напред. Руските лидери и' нанесуваат штета на економијата на својата земја. Нивното барање да се вклучат во Светската трговска организација е доведено под прашалник. Исто како и барањето да се вклучат во Организацијата за економска соработка и развој.
Но, можеби најлошата последица за Москва од сите е дека нејзиното однесување го доведе суштински под сомнеж прашањето за тоа каква визија за иднината на Русија ја води земјата. Неодамна новиот претседател на Русија презентираше позитивна визија за иднината на неговата држава, визија што гледа напред. Оваа визија ги зеде предвид слабостите на Русија, повика на поголеми реформи дома и, што е најважно, призна дека Русија не може да си дозволи односи со светот што ќе бидат засновани врз антагонизам и отуѓеност.
Неопходно е Соединетите Држави и Европа да продолжат да ги следат заедничките интереси со Русија, а тоа значи борба против тероризмот, запирање на желбата на Иран за нуклеарно вооружување, поддршка за мир на Блискиот Исток, и поттикнување на ефикасен Совет за безбедност на ОН. Би било навистина штета ако нашите односи со Русија никогаш не се издигнат над нивото на интереси, затоа што најдобри се оние односи меѓу државите што се засновани и на заеднички цели и вредности.
Останува да се види дали лидерите на Русија ќе ја надминат својата носталгија за 19 век. Русија и само Русија ќе одлучи за тоа. Се надеваме дека лидерите на Русија ќе направат одговорен избор – за доброто на својот народ и за доброто на светот.
(Авторката е државен секретар на САД) |