Мислења
Владата се' за едно евро!
Слободан Најдовски
Во нашата Влада не можат да прифатат или да сфатат дека без влез во ЕУ и во НАТО џабе е секој напор за привлекување инвестиции
Паника ги зафатила сите во Владата, а посебно економските гуруа од ВМРО-ДПМНЕ. И покрај нивното настојување главниот акцент да го префрлат на патриотизмот и на одбраната на името и за се' да бидат виновни претходниците, сепак, во владејачката партија се свесни дека со скинати панталони патриотизам не се гради. Свесни за колапсот на својата економска политика, одвреме-навреме ќе пласираат нешто во јавноста што треба да биде аргумент божем нешто мислат и работат на економски план. Се' повеќе потсетуваат на риба која се заплеткува во мрежа, но разликата е што владините претставници сами си ја плетат. Покрај традиционално нерационалното трошење, ќе пуштат некоја мува, која треба да изгледа како слон, дека предлагаат голем стопански зафат или, пак, ќе изјават нешто за макроекономската политика во иднина за да шират каков-таков оптимизам. Во таа насока се и двата настана во изминатата недела на планот за наводното зголемување на стопанската активност. Првата се однесува на буџетската проекција и на економските очекувања за следната година, а другата е одлуката за продажба на градежно земјиште, наменето за стопански објекти, во државна сопственост за едно евро за квадратен метар.
Министерот за финансии ги најави проекциите за следната година и како голем успех го пласира планираното зголемување на БДП за следната година во висина од 3,5 отсто во однос на 2010 година. Прво, се' уште не е јасно, барем јавноста не е запозната, со каков БДП ќе ја завршиме оваа година, па да знаеме која ќе биде стартната основа за споредба. Проектираниот е на пораст од два отсто за 2010 година, а дали ќе се оствари ќе видиме. Второ, уште поважно, е многу брзо во ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од своите програмски ветувања и проекции за раст од шест до осум отсто на годишно ниво, почнувајќи од 2006 година наваму. Според Владата, сега, македонските граѓани треба да бидат задоволни и пресреќни што ќе се постигне раст од 3,5 отсто и што на крајот на 2011 година ќе бидеме на ниво од пред неколку години. Лека-полека оваа Влада го зазема последното место во однос на досегашните, по просечниот економски раст за четиригодишен период. Очигледно е дека најавените проекции се за подготовка на јавноста за зголемувањето на буџетот за следната година, бидејќи се' стагнира или назадува, а само буџетот расте, но и за да се избегне одговорот на прашањето за неоствареното ветување за раст на македонската економија.
За да ја достигнат проектираната стапка на економски раст и да ја раздвижат заспаната економија, ја убедуваат јавноста дека почнаа со преземање одредени мерки. За таква ја најавија и мерката - државно градежно земјиште за едно евро. Сигурно нашите претставници прошетале по продавниците за време на сезонските намалувања и распродажби, кога се се' продава за едно евро и им текна дека тоа е добра идеја, па ја применија и за земјиштето. Покрај тоа, многу добро би им дошла и кампања „се' за едно евро“ и реклама во нивните медиуми.
За да не останат покусо, од своите сопартијци во Владата, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ побрзаа да кажат дека и тие ќе дадат поволности во вид намалување или целосно ослободување од комуналии. Така, градоначалникот на Штип на трибината со министрите се произнесе дека тој ќе ги ослободи инвеститорите од плаќање комуналии за 50 отсто од сегашните. А битолскиот градоначалник за да испадне поштедар, како да е на лицитација на ат-пазар, лицитирал со 100 отсто ослободување од комуналии за вложувањата во економската зона „Жабени“. Со таквиот потег тој отиде подалеку и место се' за едно евро, за инвестирање во зоната ќе има кампања – се' за џабе. Ден потоа нивниот лидер, македонскиот премиер, се пофали дека од продажбата на земјиште за едно евро корист ќе имаат општините од наплатата на комуналиите. На кого да му се верува или, како и досега, само ја мафтаат јавноста?
Настрана од тоа што спомнатите градоначалници се однесуваат како општините да се нивни пашалаци, па без одлука на општинскиот совет, во чија надлежност е одредувањето на цената на комуналиите, некого ќе ослободат од комуналии и зошто некој, ако гради на приватно земјиште, да плаќа комуналии, главно, е што тие не сфаќаат дека проблемот за неинвестирање е многу покомплексен. Во Штип премиерот удри темели на индустриска зона во која и земјиштето и уредувањето треба да биде со средства од Владата, но дополнето и со државна финансиска помош. За инвестирање таму досега никој не покажал интерес. Во Битола, со одлука од претходната локална власт, постојат делови во кои се плаќа само 15 отсто за комуналии за стопански објекти. Дали се отвора можноста за малверзации? Дали се отвора можноста да се дадат без пари само парцелите во зоната во „Жабени“, кои се крај патот за граничниот премин со Грција и сето тоа да се прикаже како голем успех или, не дај боже, да не се под��отвува нешто и за некои парцели во касарните? Иста судбина ќе имаат и многу други атрактивни земјишта.
За да ги смири оправданите сомневања за малверзациите, кои ќе произлезат од ваквата продажба, надлежниот министер ја смирува јавноста и смета дека ќе се постигне реалната цена, а не едно евро. Е, ако е така, тогаш каде е погодноста на инвеститорите кога ќе го купат земјиштето по реална цена. Што би рекле „Леб и сол“, во изјавите на владините претставници и градоначалниците се' е - калабалак. Најновата одлука не претставува никаква економска мерка, туку фаќање на давеник за сламка. Истовремено тоа е можност за коруптивност и малверзации. Многу од владините службеници, но и некој министер, знаат дека во светот се напушта практиката за давање субвенции само на одреден број стопански субјекти и поволности што важат за одреден период. Напротив, во земјите што го планираат својот долгорочен и одржлив развој, се оди на долгорочен стабилен економско-правен систем, кој ќе ги држи во подеднаква положба сите и на подолг рок.
Со овие мерки и слични на нив, во Владата залудно го нишаат бродот кој од поодамна го заринкаа и стои во место. Кога е во прашање донесувањето одлука за инвестиција во нов бизнис, изградба на нов објект и трошоците за земјиште се само една ставка. Многу други услови треба да бидат исполнети. Во Владата тоа многу добро го знаат. Се обидоа се' да дадат. И бесплатно земјиште и ослободување од давачки, дури на одредени фирми во индустриските зони им дадоа и кеш во вид државна помош. Ама преземено од една нивна скапо платена реклама - ништо од бизнисот. Никако да тргне со гринфилд-инвестиции, никако да дојдат толку очекуваните странци да инвестираат, а за домашните да не зборуваме. Но, најтрагично од се' е што во нашата Влада не можат да прифатат или да сфатат дека без влез во ЕУ и во НАТО џабе е секој напор за привлекување инвестиции. Никако да прифатат и да сфатат дека тоа нем�� алтернатива. Навистина, од Брисел стигна абер дека нашата Влада има алтернатива, ама граѓаните ќе почекаат да ја дознаат.
(Авторот е поранешен пратеник) |