Пелагонија
Багерите на РЕК „Битола“ ќе ја сомелат историјата на Македонија
Владата се' уште не води целосна контрола за културното наследство во оние делови каде што се изведуваат големи градежни зафати
БИТОЛА - Багерите на РЕК „Битола“ ќе ја сомелат македонската историја од времето на Александар Велики доколку археолозите не добијат шанса да го испитаат теренот пред да почнат агресивните ископувања на руда. На овие последици предупредува битолскиот археолог Енгин Насух, виш кустос во Заводот и музеј Битола.
Според него, под големите машини кои за трите термоелектрани ископуваат јаловина и јаглен во рудникот „Суводол“ и новиот коп „Брод -Гнеотино“ се крие исклучително археолошко богатство значајно за нашата историја.
Пелагонискиот регион, особено потегот меѓу селата Живојно и Брод – Гнеотино, со досегашните ископувања се покажа како ризница на археолошки материјали од праисторијата, времето на македонските кралеви и средниот век. Насих тврди дека со отворањето на новиот коп е прескокната процедурата теренот први да го прочешлаат археолозите и историчарите, иако тоа е регулирано со Законот за заштита на културното наследство. Владата, и покрај тоа што генерално е расположена за истражување на археологијата, се' уште не води целосна контрола за културното наследство во оние делови каде што се изведуваат големи градежни зафати и каде што има ископ на минерални суровини.
„Фактите говорат дека во Пелагонискиот регион, особено во селата Живојно и Брод, археолозите наишле на извонредни наоди од праисторијата, наоди од македонскиот период и средниот век. Значи, имаме цел сегмент од македонската историја токму на тој потег каде што ЕЛЕМ почна со некоја инфраструктура. Ако нашата институција не влезе таму пред багерите на РЕК да почнат со работа, под огромните машини нема да остане ништо од нашето културно наследство“, предупредува археологот Насух.
Тој вели во случајот со новиот коп „Брод – Гнеотино“ надлежните сосема ја игнорирале постапката предвидена во Законот - пред да ги постават багерите за работа да добијат одобрување од Управата за културно наследство за ископ на теренот. Досегашната соработка меѓу битолскиот Завод и музеј и РЕК зависела од добрата волја на раководствата на комбинатот.
Така, на писмото од Заводот и музеј за археолошки истражувања на теренот, уредно испратено и архивирано уште пред неколку години, пред отворањето на копот, досега ниту еден од директорите на комбинатот не нашол време да одговори, вели Насух.
Инаку, речиси триесетина години пред отворањето на рудникот „Суводол“, кога се дислоцираа цели села, на битолските археолози им било дозволено претходно да собираат материјали и да ис��ражуваат. Во тоа време беа пронајдени македонските гробници во карпи.
„Не сакам да верувам дека ова е намерно прескокнување на процедурата. Воопшто немаме информација каде ќе се протега новиот коп. Кога би имале, ќе ја отвориме археолошката карта и ќе видиме кои локалитети ги зафаќа рудникот. А вака само низ магла знаеме што ќе се прави таму“, коментира Насух. Тој додава дека како археолози разбираат оти копот е од витално значење, дека на државата и' е потребна енергија. Но, смета дека во овој случај мора да се најде решение со кое сите страни ќе бидат задоволни. Важно е да не се спречи развојот на комбинатот, но исто така е значајно и да не се уништи културното наследство.
Со досегашните ископување и истражувања токму во Пелагонискиот регион и локациите околу РЕК „Битола“ се покажа дека оваа територија е ризница на артефакти. Тука се пронајдени македонски гробници во карпи, населби, предмети од праисторијата, наоди од железното време и монети од времето на македонските кралеви што даваат непроценливи податоци за животот таму. Пред шест години работници во рудникот „Суводол“, на длабочина од околу 70 метри, наидоа на сензационално палеонтолошко откритие. Притоа беа пронајдени остатоци од вилица и заб на мастодонт, претходник на денешниот слон, за кои стручњаците сметаат дека се стари најмалку десет милиони години.
Во прилог на тоа дека теренот за археолозите е особено важен се токму претпоставките дека во овој дел постоел изгубениот град Линк, една од македонските престолнини.
„Нашите претпоставки се дека покрај реката Црна се протегал градот Линк, престолнина од каде што потекнувала мајката на Филип Втори или бабата на Александар Велики. Тој регион гравитира кон градот Пела кој се смета за централен дел на македонската држава. Кралството на Александар Велики реално се протегало кај Бонче, Прилепско, и кај битолско Ѓавато. Самите наоди што веќе ги имаме и се изложени во музејските витрини укажуваат за концентрација на археолошки наоѓалишта. Нашата идеја е тоа да се истражи пред да се уништи“, апелира битолскиот археолог Насух. (А.Б.)
|