Мислења
Перспективите по грузискиот конфликт
Филип Петровски
Воената супериорност на Русија во конфликтот во Грузија ги збуни сите специјалисти од таа сфера. Руската армија се покажа како премногу силна и несопирлива
Краткотрајната петдневна војна во Грузија, поради Јужна Осетија, наеднаш промени многу работи во меѓународната политика. Велам наеднаш затоа што интересирањето на светските медиуми нагло порасна, ставајќи ја војната во преден план и со тоа се анимираше максимално светската јавност. Меѓутоа, колку и да изгледа нереално, новиот распоред на силите, видлив по овој конфликт, долго пред тоа беше јасно најавен. Имено, она што го направи Русија во Грузија не е нешто неочекувано или, пак, акција којашто можеме да ја оцениме како случајна.
На 27 октомври минатата година во исто вакво мислење, во ценетиот „Утрински весник“, пишував за тоа дека политичките состојби во светот личат на нова студена војна. Тогаш значаен момент кој укажуваше на воспоставување нови релации беше посетата на Путин на Иран. И тоа првпат по шеесетина години. Со неа тој се обиде да ја помести хоризонталата на потиснување на Русија понајуг. Тогашната анализа ја правев во врска со моменталните настани поврзани со Турција, Иран и Ирак. Оттогаш помина речиси една година.
Во Русија дојде и до смена на државниот врв. Но, се чини дека таа промена ни најмалку не влијаеше врз квалитетот на пробивањето на линиите на потиснување кои се вршат од страна на таа држава. Напротив, се чини дека можеме да се согласиме со светските аналитичари дека Русија во ликот на Медведев доби континуитет на политиката на Путин. А тоа едноставно значи дека полека на светската сцена навистина се враќа продолжение на Студената војна, ако се согласиме дека во двата мандата на Путин руската армија и геостратегиските позиции се консолидираа.
Ги следев сите моменти и внимателно ги собирав елементите, деловите на мозаикот. Тие покажуваат дека навистина на сцената доаѓа нова фаза во меѓународните односи, којашто може зад нас да го остави периодот од речиси две децении на релативна стабилност во односите помеѓу САД и Русија, односно период во кој имаше доминација само на една суперсила. Овој текст нема намера да навива за некого, ниту пак да избира страна.
Воената супериорност на Русија во конфликтот во Грузија ги збуни сите специјалисти од таа сфера. Се зборуваше за подготвување на грузиската одбрана од страна на израелски и американски офицери. Тие со своето знаење требаше да и' донесат на малата кавкаска држава некаква предност или пак баланс на теренот. Но, ништо од тоа. Руската а��мија се покажа како премногу силна и несопирлива.
Сега наместо каков било баланс на теренот, со брзина на светлината се рашири стравот низ регионот дека и други држава можат да се најдат во иста состојба. Алармот ѕвони особено силно во Украина. Оваа држава се протега на многу стратегиска позиција и е од големо значење за НАТО, но и за Русија. Да потсетам дека НАТО на последниот самит во Букурешт се услогласи во врска со идните приоритети кои ги вклучуваат токму Украина и Грузија. На Интернет-страницата на Алијансата може да се најдат опширни информации за соработката на Грузија, како и за суштината на разговорите, кои се водат во насока на нејзино брзо интегрирање во полноправно членство. Тоа јасно ја отсликува стратегиската определба за брзо интегрирање на Грузија.
Ширењето на Алијансата кон Русија од поодамна е видливо и предизвикува нервоза во Москва. По интегрирањето на трите балтички држави, евентуалното доаѓање на НАТО и на јужните, односно југозападните граници на Русија, во Москва предизвикува отворено нетрпение. Особено што со ширењето доаѓа и воениот притисок и распоредувањето на противракетниот штит. Ќе потсетам дека во последната година Алијансата водеше интензивни и исцрпувачки преговори со Полска за распоредување на противракетниот штит во таа држава.
Се' до пред некој ден постоеше впечаток дека Полска тактизира со потпишувањето, иако е традиционален и верен европски сојузник на САД. Меѓутоа, наглото ширење на стравот од повампирувањето на советската империја се чини дека ги забрза и олесни работите. Така, деновиве беше потпишан договорот за инсталирање на противракетниот штит. Со тоа ракетите на НАТО, кои е нагласено дека служат во одбранбени цели, ќе се најдат само 180 километри од руска територија.
Иронично е што ова се случува по кратка постапка, скоро панично, по руската интервенција во Грузија. Се' до пред тоа потпишувањето на договорот одеше бавно. Сега пред налетот на силата, шаховските полиња побргу и поедноставно се распоредуваат. Всушност, заострувањето на работите го стеснува изборот и инволвираните држави се ставени пред избор кој мора да го направат. Полека се исцртуваат новите линии на поделба кои ќе не' вратат на Европа пред 1990.
Во прилог на тезата за забрзано распоредување на полињата говори и мислењето на Горбачов, кој всушност дава една силна апологија на чекорите што ги презеде неговата држава во Грузија, манифестирајќи му на НАТО една силна подготвеност да се прифатат предизвиците кои од тоа може да се родат. Притоа, јасно се става на знаење дека какво било присуство или воена помош на Грузија ќе се причина за нова криза.
Горбачов порачува дека ривалот, доколку продолжи со истата политика, треба да смета на најлошото. Заканите за изолирање на Русија, евентуалното бркање од Г-8, како и суспендирањето на Советот помеѓу НАТО и Русија јасно се оценети како празни закани. Реал-политиката се враќа на сцената на голема врата. Вака директни зборови од поранешен претседател на СССР може само да значат дека Русите ја измериле и оцениле способноста за интервенција на САД, како и НАТО и дека се сигурни во тоа што го прават.
Откако ја заврши задачата (демонстрацијата на сила), руската војска полека се повлекува. Сепак таа, со јасно видлива намера, не ги почитуваше роковите што беа вградени во потпишаниот договор со европската унија. Истовремено, постојано се блокира работата на Советот за безбедност на ОН. Правото на вето во овој случај Русија го искористи ефектно. Со тоа го блокираше овој орган кој во вакви случаи е овластен да донесе резолуција, односно да предложи мерки за надминување на кризата. Русите се познати по својата дипломатска виртуозност во СБ. Практично, тие се свесни дека светската организација не може да донесе никаков акт против нив со содржина што не им одговара. Новина е само одлуката да започне користењето на овие механизми решително и пред очите на светската јавност. Исто како во времето на Студената војна.
Каде е Македонија во целава ситуација? Реално е да се очекува дека реперкусиите од последните настани ќе се почувствуваат и кај нас. Мое мислење е дека НАТО ќе изврши дополнителен притисок да се отстранат пречките за наше полноправно членство. На овие балкански простори, исто така, се води притаена битка за распоредување на фигурите. Откако Грција му забоде нож на стратегискиот интерес на НАТО зад себе да го остави овој регион како интегриран и обезбеден, дополнително е отворена можноста за нов рас��оред на силите. Ако потрае оваа состојба, ќе биде погубна за НАТО. Кредибилитетот на целата Алијанса е силно доведен во прашање. Јадранската група е осакатена, а Грузија е распарчена територијално. Прекршувањето на балансот ќе биде токму на овие две точки. Би било мудро со тајна дипломатија некои од овие елементи да им се предочат на сојузниците и да се побара поцврсто да ги преземат работите во свои раце. Повеќе во нивен интерес, отколку во наш. Оти ако тука се тресе подлогата, можат и тие да паднат.
(Авторот е магистер по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk
|