Седми пат се бара концесионер за македонските патишта
Фирми од Израел, Франција, Австрија и од Грција по шест неуспешни обиди ја поминаат фазата на претквалификација
Сања Наумовска
Откако претходно шест пати пропаѓаа обидите на Владата да даде под концесија дел од македонските патиштата, сега таа прави уште еден очајнички обид да најде концесионер за нив. По објавувањето на последниот повик за избор на концесионер, фирми од Израел, Франција, Австрија и од Грција се пријавија како заинтересирани да градат и да стопанисуваат со патиштата во Македонија. Пет конзорциуми ја поминале фазата на претквалификација на повикот на Министерството за транспорт и врски за концесионирање на патишта во Коридорот 8, проект кој според процените ќе тежи околу 1 милијарда евра. Компаниите до пролет идната година ќе треба на Министерството да му ги презентираат своите финансиски понуди за проектите, по што Владата ќе го направи својот избор. Пресудна ќе биде финансиската конструкција, односно колкава субвенција ќе бара идниот концесионер, но извесно е дека цената на патарината ќе се зголеми.
Изградбата на Коридорот 8 во Македонија, според вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, ќе овозможи поврзување со трансферзалата исток-запад и е едно од клучните прашања за развој на економијата. „Кој ќе ги добие македонските патишта во следните 35 години, ќе зависи најмногу од висината на концесискиот надомест што ќе и' биде понуден на државата, но и од субвенциите што ќе ги бара поради слабата фреквентност на домашните патишта. Концесионерот ќе може да наплатува и патарина, чија висина ќе ја утврдува државата. Изградбата на делниците ќе мора да биде завршена во рок од седум години од склучувањето на договорот за концесија“, објасни Пешевски.
Условите за учество во втората фаза од јавниот повик ги исполниле израелскиот конзорциум предводен од фирмата „Шиком Бинуи“, Французите „Буик Траво“, како и австрискиот „Штрабаг“, во чиј конзорциум влегува и „Гранит“, единствената домашна градежна компанија која ја помина фазата на претквалификација. Во трката за концесионирање на патиштата од Коридорот 8 влегуваат и грчкиот конзорциум „Актори Акто Консешнс“, како и австриската „Алпине Бау“. Конзорциумите до крајот на месецот ќе треба да ја подигнат тендерската документација за делниците што ги нуди Министерството поделени во два пакета.
„Сите пет конзорциуми влегуваат во игра и за двата пакета“, информираше вчера министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој нагласи дека освен наплатата на патарина, фирмите ќе немаат ексклузивно право на градење мотели, бензински пумпи и други придружни објекти на државно земјиште покрај патиштата. Во првиот пакет под концесија се нудат патните правци Крива Паланка – Романовце, Кочани – Штип, Миладиновце – Штип, како и патната делница Миладиновце - Штип преку Свети Николе. Вкупна должина на првиот пакет изнесува 138 километри. Во него се вклучени и правците Миладиновце – Скопје – Хиподром и обиколницата околу Скопје со должина од 38 километри. Вториот пакет го сочинуваат патиштата Стенковец – Блаце, Гостивар – Ќафасан, Требениште – Охрид, Струга –Подмоље, патната делница Гостивар – Букојчани – Кичево, Кичево – Требениште, Требениште – Охрид, Требениште – Струга, Струга – Ќафасан и Струга – Подмолје со вкупна должина од 141 километар. Во вториот пакет влегува и веќе изградениот автопат Скопје – Тетово – Гостивар со должина од 54 километри.
„Давањето под концесија на патните правци нема да значи намалување на обемот на работа на ’Македонија пат’“, смета министерот Јанакиески. Тој нагласува дека на јавното претпријатие не му се закануваат отпуштања на работници, бидејќи, нагласува, остануваат многу магистрални и регионални патишта што ќе ги одржува и во иднина. |