Робертсон: Срамота е што Македонија не е во НАТО
Вашингтон - Срамота е што Македонија не доби покана за членство во НАТО поради таинствена, неодбранлива и шокантна блокада од нејзин сосед - член на Алијансата, истакна поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, на собир во Вашингтон по повод 60-годишнината од формирањето на Северноатлантската алијанса.
Робертсон, јави Гласот на Америка на македонски јазик, смета дека со текот на времето Македонија, сепак, ќе стане дел од НАТО. Тој предвидува зачленување и на Црна Гора, Косово, Молдавија, Србија, Украина, Грузија, па дури и на Шведска и на Финска. Не прецизира временска рамка, но наведе оти тој процес може да биде комплетиран за 10 или 15 години.
„Во ниту еден момент во иднина НАТО не ќе може да каже дека нема место за други. Кога држави како Босна и Црна Гора, дури и Србија, ќе кажат – ние сме подготвени да ја усогласиме нашата држава и нашата армија, нашиот начин на живеење, нашиот начин на размислување и нашите вредности за да бидеме компатибилни со оваа широка Алијанса, зарем ние ќе речеме не може, за жал, полни сме. Членството е комплетирано. Се разбира, нема и не можеме да го сториме тоа“, рече поранешниот прв човек на НАТО.
Затоа предлага Алијансата уште сега да почне да се планира за таков вид иднина. НАТО, вели Робертсон, ќе мора да се реформира во нов тим организација определена за колективна безбедност и за справување со новите закани во светот, а во тој контекст не гледа никаква смисла да се исклучи Русија.
„Ако чекаме да не' чукне по глава одзади, прашање е дали ќе има нешто на кое вреди да му се приклучиш“, посочи Робертсон. Џорџ Робертсон го водеше НАТО за време на турбулентните времиња на Балканот, војните во Босна, Косово и конфликтот во Македонија. (МИА)
|