Трајко Велјаноски зборуваше во бугарското Собрание
СофиЈа - „Македонија и Бугарија се соседни пријателски држави кои имаат високоразвиени политички, економски и културни врски. Убеден сум дека оние стереотипи кои се присутни полека, но сигурно одат во историски заборав“, истакна вчера во своето обраќање во бугарското Народно собрание претседателот на македонското Собрание, Трајко Велјаноски, кој престојува во дводневна официјална посета на Софија по покана на својот колега Георги Пирински.
Претседателот на бугарското Собрание, Пирински, во својот разговор со Велјановски рекол дека задача на двата парламента и на пратениците е да гледаат напред, исто така и да не дозволат случајни и непроверени изјави да ја трујат атмосферата, посочувајќи го случајот околу наводната манипулација со гробовите на бугарските војници во Македонија.
Потсетувајќи на зборовите на својот бугарски колега Пирински оти многу е важно да прекинеме со стереотипите од минатото, со рецитирање пропаганда преку зборови на омраза кои ја поткопуваат атмосферата на почитување, Велјаноски истакна дека во целост ги почитува овие размислувања, бидејќи „тие се во интерес на Македонија, но и за целиот регион“.
Осврнувајќи се на целите што треба да ги исполни Македонија за влез во ЕУ, притоа и на мартовските избори во земјата тој посочи дека гласањето мора да помине во фер и демократска атмосфера. За надминување на економската криза, која не го одмина ниту Балканот, како што рече Велјаноски, посебно место има реализацијата на Коридорот 8, за кој неодамна разговарал со претседателката на албанскиот парламент, Јозефина Топали, но и со домаќинот Пирински.
Барањето на Велјановски, Бугарија да ги поддржи евроинтегративните процеси на Македонија, наиде на спротивставување од парламентарната група на националистот Красимир Каракачанов, кој со специјална декларација побара од бугарското Собрание да се произнесе дека за Македонија нема место во ЕУ. „Држава каде што се крадат, се фалсификуваат учебници по историја и идеалите на стотици бугарски национални херои и создава омраза кон Бугарија и бугарскиот народ не е подготвена за членство во НАТО и во ЕУ“, бил категоричен Каракачанов, посочувајќи примери на репресија и агресивна политика на Македонија кон се' што е бугарско. „Јасно треба да им кажеме на властите во Скопје дека патот на Македонија кон Европа поминува преку почитувањето на правата на Бугарите во Македонија“, рекол Каракачанов. (НР)
|