Семејна топлина во бродски контејнери
Штип, но и државата, воопшто, наскоро ќе ја добијат првата контејнерска куќа, градба вообичаена на Запад
Деспина Трајковска
Семејна куќа од речиси двесте квадрати е изградена од три бродски контејнери. Објектот поседува максимални екостандарди и статика поголема и од цврстите бетонски градби. Притоа, се потрошени само 35.000 евра и три месеци интензивна работа во комбинација со неизмерна добра волја и неброени денови интернет-„гуглање“ заради заокружување на идејата за изградба на економичен објект за живеење.
Изведбата на оваа навидум несекојдневна куќа, во изминативе неколку месеци е секојдневје на штипјанецот Влатко Зејтиников, кој инаку дваесет години работи како златар и нема никакви допирни точки со градежништвото. Од замислата како да изгради солиден објект за живеење, а притоа да заштеди на градежните материјали, Зејтиников се одлучил токму за контејнерски тип градба, користејќи го принципот „сам свој мајстор“.
„Водејќи се од замислата да изведам евтина градба опцијата со бродските контејнери ми се виде најсоодветна. Пребарувајќи деноноќно на интернет, дефинитивно, утврдив дека ваков тип градба е тоа што ми треба. Економичен објект со максимални еколошки компоненти, а притоа има и статика поголема дури и од класичната бетонска градба. Не само што поради потребниот материјал се заштедува речиси двојно од обична куќа туку и времето потребно за изградба е значително помало“, вака Зејтиников објаснува што било пресудно да одлучи да изгради куќа од бродски контејнери.
Основниот материјал потребен за куќата лесно го нашол. Контејнерите ги откупил од некогашните НАТО-вци и тоа како старо железо. Пресметал дека му се потребни три контејнери за да добие куќа од стотина квадрати. За нив платил нецели 4.500 евра. Месноста Пребег на влезот во Штип во меѓувреме ја одредил како локација каде што ќе го гради својот нов дом на парцела од 1.334 квадрати.
Почнал со градба непосредно пред Нова година и веќе за еден месец планира комплетно да се всели во куќата. Деновиве привршува со изведба на внатрешната изолација и со завршните работи во бањата. Фасадата на објектот, која веќе е готова и е со модерен дизајн, воопшто не оддава впечаток дека под неа, всушност, нема цигли и малтер, туку контејнери чија основна конструкција е челична рамка, која ги следи правоаголните облини, а во самата рамка се вградени подни, ѕидни и кровни облоги. Единствено недовршената внатрешна изолација открива дека модерната куќа, всушност, не е класична бетонска, туку е контејнерски, монтажен тип градба.
Сепак, не поради поголема сигурност, туку водејќи се од желбата да има подрумски и гаражен простор, Зејтиников ги поставил контејнерите на фундамент со носечки столбови. Таму во основа има 88 квадратни метри, додека контејнерскиот дел му обезбедува 100 квадрати простор во кој се изведени голем дневен престој со трпезарија и кујна, две пространи спални соби, бања и тераса, па дури и тресална.
Контејнерите, кои се основниот материјал за овој комфорен дом, се главната причината зошто изградбата на оваа куќа е далеку поевтина од класичната градба.
„Со спојувањето неколку контејнери можат да се изградат комплексни и атрактивни објекти, а во случајов се употребени три контејнери. Бидејќи конструкцијата е веќе готова, се заштедува на време во изградбата и во квалитетот на објектот. Набавката на еден контејнер чини од 800 до 1.500 евра. Станува збор за модулар од 30 квадрати, што значи дека цената е просечно 35 евра, што е за 65 отсто пониска од цената за класична бетонска градба“, објаснува Зејтиников, кој дошол до сознанија дека при ваков тип градба во голема мера се заштитува и животната средина.
Имено, при бетонска градба, емисијата на јаглероден диоксид е 900 кг на еден тон бетон. Па така, на пример, за просечна куќа од 200 квадрати изградена со бетон и цигла би биле потребни 35 тони бетон, 70 тони песок, 120 тони цигла, 10 тони железо и пет тони дрвена граѓа. При градењето таква куќа, вкупно би се емитирале 56 тони на СО2. Во случајов, со контејнерскиот тип градба нема емисија на СО2, бидејќи станува збор за веќе користени контејнери подготвени за рециклирање.
Освен што заштедил во материјал и време, Зејтиников пресметал дека ќе заштеди и енергија до 0.25 KW на еден квадратен метар, бидејќи поставил изолација поголема од вообичаената за „обичните“ куќи.
И дури на математиките на Зејтиников некои штипјани се' уште гледаат со песимизам, тој веќе размислува в година да се впушти во нова авантура со контејнерите. Неодамна, кога ја дотерувал терасата на контејнерската куќа и фрлил поглед во дворот, кој нормално го оставил како последен на листата за уредување, одлучил среде планираното зеленило да изгради базен. И него ќе го изведе од контејнери.
„Пресметав дека ќе ме чини не повеќе од 2.000 евра и тоа со димензии како олимписките базени“, додава штипјанецот и, колку и да звучи смешно, вели, сепак, математиката е таа, реална. Куќата, дефинитивно, наскоро ќе му стане реалност. Вели, горд е уште отсега на пионерската градба, оти освен невестата Маја и неколкумина другари, кои му помагаат во изградбата, речиси на секој чекор бил обесхрабруван за потегот, па дури на моменти и од своите родители. Но, тоа ни најмалку не го поколебало контејнерската куќа да ја доведе од идеја до реализација. Се чини во целата авантура најголем сојузник му е и очигледниот немирен, авантуристички дух.
Економска и еколошка исплатливост
Во 2002 година во Австралија е основан Совет за еколошка градба, кој еколошките објекти ги рангира со „зелена ѕвезда“. Контејнерската изградба има 5 зелени ѕвезди. Со препорака на тој совет, секој градител што добие повеќе од три зелени ѕвезди добива субвенција за фотонапонски соларни панели и класични соларни панели од владата. По примерот на Австралија, ова се применува и во Нов Зеланд, а и во некои држави во САД. Денес, поголемите западни држави дури и субвенционираат доколку некој одлучи да направи ваков дом. Причина за тоа е што топењето на еден метален карго-контејнер чини многу и, пред се', ја загадува животната средина.
Инаку, контејнерската градба е поцврста и поиздржлива од к��асичната. По степенот на издржливост се наоѓа на петто место по отпорност од природни катастрофи. (Дс.Т.) )
Градби во светот
Првата куќа изградена од контејнери е направена во Америка во 1985 година. Оваа конструкција од три контејнери од по шест метри е патентирана како уникатна градба од таков тип. Првата населба, пак, од овој тип е конструирана во Заливската војна во 1991 година од страна на американската војска. При изградбата се користени контејнери по шест метри што се покажале не само погодни за живеење, туку и отпорни на куршуми.
И во Англија има слични градби, една од нив е изградена во 2002 година како „контејнерски град“, добиен од 30 контејнери. Изградбата траела осум дена и биле изградени 22 простории. До ден-денешен просторот се користи за работни простории, а дел е пренаменет во живеалишта. Освен за живеење, контејнерската градба во светот се користи и за изградба на детски градинки, студентски домови, па дури и хотели. (Дс.Т.) |