Виничко Кале и Виница на светската археолошка карта
За две години музејот „Теракота“ во Виница го посетиле над 6.500 лица
Иван Бојаџиски
ШТИП - Од мај 2006 година Виница, родното место на теракотните икони, има свој градски музеј во кој се сместени 240 експонати. Музејот го носи името „Теракота“. Во неговите витрини е поместена збирка од многу вредни артефакти, главно предмети од метал, глина, камена пластика, сите пронајдени во 23 годишните археолошки активности кои во континуитет се изведуваат на локалитет Виничко Кале.
„Двегодишното постоење ја покажа оправданоста од отворање на музеј во нашиот град, бидејќи имаме редовни посетители од Македонија и странство кои сакат археолошкото богатство, прочуените теракотни икони пред се, да ги видат во музеј кој е во непосредна близина на археолошкиот локалитет на кој истите се пронајдени. Своето задоволство посетителите го комбинираат со качување на Виничко Кале каде задолжително одат откако ќе ги видат експонатите во музејските витрини“, вели директорката на музејот Јулијана Иванова, дипломиран историчар на уметноста со археологија, која е единствената вработена во оваа институција.
За две години, музејот „Теракота“ го посетиле над 6.500 посетители од кои над 250 од странство. Тоа е прв музеј во Македонија кој е обезбеден со сигурносен систем. Теракотните икони кои доминираат во музејот и кои датираат од периодот помеѓу 3-7 век се копии, освен најстарата и највредна Свети Апостол Андреа, која е оригинална и која датира од 3 век после Христа, односно пред христијанството да биде признаено како религија.
„Во склоп на музејот имаме и сувенирница во која изработуваме комерцијални копии со мотиви од теракотните икони кои се продаваат во самиот музеј за што секој купувач добива и соодветен сертификат. Теракотните икони кои се врзани со ранохристијанската уметност придонесоа археолошкиот локалитет Виничко кале и Виница да се најдат на светската археолошка карта“, вели Иванова.
Копии од теракотните икони купуваат странците но и менаџерите на многу претпријатија од Виница, Кочани, Делчево, Берово, Штип и други градови кои ги подааруваат на своите бизнис-партнери од земјата и странство, како и многу наши граѓани. Виничка општина е една голема, недоволно истражена територија пребогата со археолошки локалитети. Во археолошката карта на Македонија официјално се признаени и како такви заведени 96 археолошки локалитети. Музјеот „Теракота“, финансиски во целост беше поддржан од Светската банка и локалната самоуправа, под чија каппа ја обавува својата значајна дејност. |