ЕДИТОРИЈАЛ
Нерамнини со рамните даноци
Мирче Јовановски
Колку е праведен и правичен нашиот даночен систем во кој доминираат таканаречените рамни даноци? Колку даночниот товар е распределен рамномерно на населението според нивната економска моќ, односно дали богатите сразмерно повеќе учествуваат во државните приходи во однос на посиромашните слоеви, или се јавија нерамнини на патот што го трасираа рамните даноци?
Нема цврст и еднозначен одговор на овие прашања. Веројатно, кога би прашале повеќе економисти, или луѓе од други струки, ќе се добие цел спектар коментари, од тоа дека нашиот даночен систем, каков што е сега, им погодува на богатите, до коментари во кои ќе се фали едноставноста што ја нудат рамните даноци при нивното пресметување и плаќање на обврските кон државата.
И, веројатно сите тие, со своите различни, па дури и поларизирани мислења, на некој начин се во право.
Кога пред речиси четири години го воведе рамниот данок, Владата се раководеше од очекувањата дека тоа ќе придонесе за повеќе странски инвестиции, за поголеми приходи во буџетот и воопшто за поволни ефекти врз целата економија. Беа заменети дотогаш трите пропорционални стапки кај персоналниот данок од доход, од 15, 18 и 24 отсто со една единствена од 12 отсто (што подоцна падна на 10 отсто, а данокот на добивка од 15 се намали прво на 12, а потоа на 10 отсто.
Бизнисмените (читај побогатите слоеви) ја поздравија мерката, потенцирајќи ги едноставноста при пресметувањето и плаќањето на давачките. Тие шансата за себе ја видоа во помалите даночни стапки што ќе им овозможеле простор за поголема конкурентност, дополнителни инвестиции и отворање нови работни места.
Стручњаците полемизираа дали станува збор за вистински рамни даноци, имајќи предвид дека во стручната литература под тој поим се подразбира еднократно зафаќање од фирмите, на пример, 26 отсто, додека натамошната распределба останува дискреционо право на државата.
Настрана останаа оние најзасегнатите, обичните вработени, кои лесно поверуваа (или се надеваа) дека колку-толку ќе видат аир од намалените давачки што нивните газди ги имаат кон државата. Односно, дека дел од овие придобивки ќе се прелеат во личните приходи.
Дека нивниот оптимизам бил неоснован се виде набрзо. Платите останаа на истото ниско ниво, невработеноста и денес урива неславни европски рекорди, инвестициите, како домашните, така и странските се никакви...
Единствено, ако се суди според најновите податоци на Управата за јавни приходи, во добивка се менаџерите, кои за наши услови си делат неверојатни износи за плати, а најголемата пријавена е 63 илјади евра месечно, или на годишно ниво речиси 800 илјади евра. Меѓу десетте најдобро платени менаџери кај платите варираат од „скромни“ 15 илјади евра, па до второрангираниот кој прима 34 илјади евра месечно.
Нема ништо лошо во тоа менаџерите да примаат високи плати. Дури може да се прифати и максимата дека ако немаме богат човек, треба да го измислиме, бидејќи живееме во потрошувачко општество во кое профитот и парите се основниот мотив што ги влече луѓето напред.
Оскудните податоци што ги објавија даночниците не оставија простор да се направат анализи со што ја заработиле платата овие наши домашни рекордери, чии примања се респектабилни и во европски рамки. Колку што е познато, во сите ранг-листи на големи и успешни фирми во Југоисточна Европа, македонските фирми или ги нема, или се некаде при дното. Оттаму, овие износи звучат парадоксално. Дали се резултат на менаџерските вештини што придонеле за успешно работење на фирмите, или на некоја монополска позиција на пазарот, или можеби на даночниот систем што погодува да се формираа такви големи разлики кај населението. Ако е така, тогаш можеби е време да се преземат мерки за пеглање на таквите нерамнини за кои придонеле рамните даноци. |