Спасеноски нема одговори за бруцелозата во Битола
РЗЗЗ препорачува ригорозна контрола на сите производи од млеко и од месо
БИТОЛА - Првиот човек на Министерството за земјоделство Ацо Спасеновски е затечен од бруцелозата во Битола. Тој вчера се обиде да го заобиколи одговорот колкава е одговорноста на надлежните институции под капата на неговото министерство за контрола на болеста на фармите. Наместо тоа, министерот изрази отворено жалење што има нови случаи на бруцелоза во државата, но, како што рече, болниците се подготвени да ги прифатат.
Само во последните три недели во Битола има десет новозаболени од бруцелоза, меѓу нив и двајца вработени во ИМБ. Вчера неочекувано еден од двајцата заболени со бруцелоза, вработени во битолската млекарница, од болничката постела се обиде пред медиумите да објасни каде ја добил болеста. Но, и самиот не знаеше дали заболел на работното место или во неговата фарма во Кукуречани.
„Во овој момент има и други болни од бруцелоза во Македонија. Мислам дека Министерството за здравство и нашите болници се доволно опремени за да можат да лечат“, изјави министерот Спасеновски при вчерашната посета на Битола.
Притоа, министерот потенцираше дека државата 15 години трошела милиони евра за систематска борба против бруцелозата, но наместо да се намалува, болеста се' повеќе е присутна. „Жално е што се' уште зборуваме за бруцелоза кога се трошат пари за оваа намена, а болеста пак ја има“, нагласи министерот за земјоделство.
Токму поради ваквата состојба, Министерството за земјоделство минатата година почнало нова програма против бруцелозата за да се спречи ширењето.
„Од ланската анализа се покажа дека во одредени региони во Македонија 90 отсто од овците се бруцелозни. Затоа тргнавме со вакцинација. Во 80 отсто е завршено вакцинирањето, а за пет години тоа ќе биде комплетирано“, вели Спасеновски.
Наспроти ваквите тврдења, жителите на битолското село Будаково, кое со години е жариште на бруцелоза, велат дека Ветеринарната инспекција и другите надлежни институции, иако добро ја познаваат состојбата во овој крај, интервенираат само кога бруцелозата ќе го загрози здравјето на селаните.
„Дури човек не легне на постела, никој од надлежните со прст не мрднува. Кога ќе видат на телевизија дека има болни од бруцелоза, тогаш ќе дојдат и ќе го уништат добитокот“, се пожали Бедри Алимовски, претседател на МЗ во селото Будаково, кое се смета за ендемско подрачје .
Инаку, вчера неочекувано еден од двајцата заболени со бруцелоза, вработени во битолската млекарница, се обиде од ��олничката постела пред медиумите да каже дека не знае каде ја добил болеста, дали на работа или во неговата фарма во Кукуречани каде што одгледува крави. Педесет и осумгодишниот Сребре Ѓешовски, кој 36 години работи како мајстор на кисели млечни производи во ИМБ, вели дека болеста прв пат ја почувствувал во почетокот на август и цели две недели одел на работа болен, со температура, бидејќи неговиот колега бил на одмор.
„Од каде дојде ваква болест, не можам да си објаснам ниту себеси. Не можам да погодувам, има лекари, нека кажат. Јас го пробувам млекото. Но, кај мене доаѓа со една пастеризација, па јас го пастеризирам уште еднаш на 95 степени. Не би смеело да има бруцелоза. Се' е затворен систем, се' оди на компјутер“, вели Ѓешовски. Тој уште тврди дека по откривањето на болеста, ветеринарни служби утврдиле дека стоката на неговата фарма не е заразена од бруцелоза.
Тоа дека состојбата со бруцелозата во државата е алармантна покажуваат и официјалните податоци од Министерството за земјоделство. Според нив, 2000 година имало околу 2.000 заболени животни, а бројката лани стаса до 17.000 заболени грла. Во оваа слика е и еден фрапантен податок, дека секоја година околу 300 луѓе во Македонија заболуваат од оваа болест. Во Битола лани се регистрирани 17 заболени лица.
„Во 2008 година, заклучно со 31 август, се регистрирани вкупно 401 заболен од бруцелоза. Најголем е бројот на заболени од Радовиш - 58, од Скопје - 50, од Струмица - 38, од Куманово - 35. Оваа година за 30 отсто е зголемен бројот на заболени од бруцелоза во државата“, изјави вчера Гордана Кузмановска, началничка на Одделението за заразни болести при Секторот за епидемиологија и микробиологија при РЗЗЗ.
Таа посочи дека во Битола годинава заклучно со 31 август се пријавени 16 случаи на бруцелоза, а нивниот број лани изнесувал 17.
„Можно е до крајот на годината да се појават и нови случаи. Дел од последните пријавени случаи, чиј број во август изнесува три, се професионално изложени и се ветеринарни лекари и техничари, а дел од нив се луѓе кои работат со стока. Девет од овие случаи се откриени со тестирање на крвта на луѓето кои работат со стока“, истакна Кузмановска.
Сите случаи во Битола го добиле заболувањето по контактен пат, а само во еден случај станува збор за заболување добиено со консумација на младо сирење, непреработено млеко и млечни производи. За едно лице нема податок за начинот на пренесување на болеста.
РЗЗЗ препорачува ригорозна контрола на сите производи од млеко и месо. Секој производ кој им е достапен на потрошувачите подлежи на задолжителни испитувања за квалитетот и составот. (А.Б.) |