Пратениците ќе се варат до септември
Расипаниот систем за ладење во Собранието, повторно ќе профункционира дури наесен
Оливера Војновска
Системот за централно ладење во Собранието, кој е расипан речиси два месеца, повторно ќе профункционира дури наесен. Новата машина за ладење, која чини околу 115.000 евра ќе пристигне најрано до крајот на август. Дотогаш канцелариите на вработените во собраниските служби, на пратениците, вклучувајќи го и кабинетот на спикерот Трајко Велјановски, ќе се разладуваат со старите климатизери и сплит-системи, кои не го постигнуваат ефектот на централното ладење. Познатата сала „длаборез“, која по заминувањето на експретседателот Бранко Црвенковски ја користи Велјаноски, воопшто нема ладење.
Ваквата вонредна состојба во парламентот се ублажува со помош на трите стари машини за ладење, кои сега се ставени во функција, но предност секогаш има пленарната сала. Во другите собраниски сали каде што заседаваат комисиите е неподносливо топло, па пратениците се снаоѓаат и се ладат со законите! Со оглед на тоа што поправката на системот за ладење ќе потрае, пратениците со истиот проблем ќе се соочат и откако ќе се вратат од одмор на 20 август.
Опозицијата за ваквата состојба во неколку наврати го обвини шефот на парламентот, кој, според нив, не се ангажирал за да се среди проблемот со ладењето. Во Кабинетот на Велјаноски, како и во собраниските служби, ги отфрлаат ваквите наводи. Оттаму тврдат дека веднаш реагирале, но целата процедура за замена на чилерот - машина за ладење, едноставно, не можела да се направи порано.
Според објаснувањето на одговорните во парламентот, главниот систем за ладење откажал на 29 мај и при направената анализа и проверка на штетата било утврдено дека дефектот е толку голем што неговото отстранување ќе чини повеќе од купувањето нова машина.
Архитектот Билјана Ивановска вели дека уште на 2 јуни Собранието распишало тендер за набавка на нов чилер. На 29 јуни биле отворени понудите, а на 14 јули бил склучен договорот со „Мепринг - Тодор“, фирма што имала најниска цена - 5.952.815 денари без ДДВ, а со вклучен данок, крајниот износ ќе биде 7.024.322 денара. Испораката на машината за ладење треба да биде за шест недели, што значи најрано на крајот на август. Ивановска напоменува дека било невозможно набавката на машината да се направи порано поради законска процедура, но и поради тоа што такви машини се прават по порачка. Станува збор за огромни машини со моќност од 1.100 KW.
|