Мислења
Новата нормала на Балканот
Иван Кастев
Десет години по последната војна во регионот, Балканот се' уште го сочинуваат збир од фрустрирани протекторати и слаби држави
Балканот е нераскажаната успешна сторија на ЕУ. Ангажираноста на ЕУ да го донесе регионот во рамките на своите граници и понатаму останува цврста. Во септември Кетрин Ештон, комесарот за надворешни работи на ЕУ, успеа во надминувањето на пат позицијата во српско-косовските односи со донесување и на двете страни на преговарачката маса. Умерената моќ на ЕУ е видлива како и секогаш.
Освен тоа, само овој месец визниот ѕид кој го опкружуваше регионот во последните две децении конечно падна за сите (со исклучок на косовските Албанци). Тоа е како кризата во центарот на ЕУ да не стигнала до својата балканска периферија. Ова, во најмала рака, е како Европската комисија сака да го гледа Балканот, односно како регионот сака да се претстави себеси. Меѓутоа, реалноста не е толку уверлива. Еден повнимателен поглед открива дека Балканот во моментов е комбинација од економски проблеми како оние во Грција, политика во стилот на Берлускони, и ентузијазам од турски тип кога станува збор за подготвеноста на ЕУ да ги интегрира земјите од регионот.
За да се разбере оваа комбинација, замислете врнежлив изборен ден во неименувана земја, и дека речиси три четвртини од гласачките ливчиња се вратени празни. Власта бара повторно одржување на изборите, кога ќе огрее сонце. Резултатот е застрашувачки: се зголемува протестот, каде 83 проценти од електоратот гласа без да избере кандидат. Тоа е заплетот на романот „Гледање“ на Хозе Сарамаго - антиутопи��ка визија за постполитички демократии каде луѓето се бесни, елитата е ориентирана кон заговори и несигурна, а општествениот живот е парализиран. Тоа, исто така, е фер опис на тоа што граѓаните на Балканот чувствуваат за нивните нови политички системи. Она што за Сарамаго е каде било, на Балканот е секаде. На прашањето, поставено во најновата анкета на Галуп Балкан монитор, да кажат кому му веруваат, повеќето од анкетираните искажаа верба во црквата, ЕУ, ОН, но беа длабоко сомничави во однос на националните институции, вклучувајќи ги и оние кои се избираат.
Десет години по последната војна во регионот, Балканот се' уште го сочинуваат збир од фрустрирани протекторати и слаби држави. Босна и Косово се заглавени во лавиринтот на политиката на полунезависност; Албанија, Црна Гора и Македонија се мали и клаустрофобични републики со популистички и поделени власти и опозициски сили кои се обесхрабрени и обесхрабруваат во исто време.
Србија го загуби Косово, но се' уште не се пронајде себеси, додека Хрватите се растргнати околу приклучувањето во ЕУ, со мнозинство кое планира да гласа против тоа. Србите и Хрватите се' уште имаат несогласувања околу историјата, но многумина се согласуваат дека плаќањето даноци е попусто трошење пари, а повеќето се согласни во тоа дека ниту една партија или политичар не ги изразува нивните ставови.
Европската унија ја загуби својата магија, но се' уште не ја загуби важноста. Вистина, соочени со изборот за задржување на уставното име на нивната земја или компромис со Грција заради влез во ЕУ, Македонците држат до своето.
Србите, исто така, велат дека е поважно да се преправаат дека Косово е дел од Србија, отколку што е приклучувањето во ЕУ.
Меѓутоа, декларациите се едно, а реалноста е друго. Јасно е дека ако граѓаните од регионот треба да имаат некаква реална надеж за подобар живот и политичка стабилност, тоа би било поврзано со можностите на нивната земја во ЕУ. И тука е она што го прави Балканот толку важен за разбирање на новата состојба во Европа. Луѓето од регионот се' уште веруваат во ЕУ, но не се сигурни дека ЕУ верува во нив. Освен тоа, тие повеќе не знаат како нивните економии ќе бидат во можност да се развиваат во пост-кризна Европа. Претходно, имаше два модела за малите економии кои тежнееја да се инкорпорираат во ЕУ: ирскиот модел на радикални пазарни реформи и грчкиот модел на креативно книговодство и апсорпција на европските фондови. Сега и двата модела се надвор од употреба.
Влијанието на тековната криза во ЕУ врз Балканот може најдобро да биде разбрано како криза на политичка имагинација. Пред само две или три години, луѓето во регионот се грижеа за тоа дека живеат на периферијата на Европа; сега тие се загрижени за самата Европа. Едно време беше популарно да им се каже на Македонците дека може да станат втора Белгија. Сега, треба да се постави прашањето дали Македонците би требало да сакаат таков исход со оглед на расипничкиот и комплициран начин на кој денес функционира Белгија. Всушност, никој не ветува дека Белгија нема да пропадне во следните 10 или 20 години.
Како балканските мултикултурни институции, изградени по деценија војни и жесток национализам, ќе опстојат во време кога водечки европски политичари се слушаат како велат дека мултикултурализмот е мртов? Како може институционалните уредувања воспоставени да ја сопрат војната, да се трансформираат во ефикасна гаранција за заедничка иднина што вклучува и членство во ЕУ?
Фокусирани на сопствените проблеми, Европејците немаат време да размислат за тоа како кризата во ЕУ влијае врз земјите на европската периферија. Ова треба да се промени. Балканската „нова нормалност“ во голема мера е рефлексија на онаа на Европа.
(Авторот е претседавач на Центарот за либерални стратегии (Софија), постојан соработник во Институтот за хумани науки (Виена), извршен директор на Меѓународната комисија за Балканот, и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) |