Новите пожарникари ќе се вработат со шест месечна обука
Во Македонија не постои училиште за пожарникари
Во Македонија не постои соодветно училиште за пожарникари, што значи дека новите пожарникари кои во септември ќе се вработат во Противпожарната бригада на Скопје, како што најави градоначалникот Трифун Костовски, ќе бидат без соодветно образование. Од тие причини, сите 35 пожарникари, колку што е предвидено да бидат примени, ќе треба да поминат шестмесечна преквалификација.
Програмата за вработување се' уште не е изработена, па не се утврдени ниту критериумите за нивно вработување. Но, како што ни најави командирот на Противпожарната бригада, Благоја Менковски, кандидатите треба да имаат најмалку 18 години и завршено средно образование. Горната старосна граница засега не е одредена. Програмата се подготвува во соработка со Министерството за образование.
„Во Македонија нема соодветно училиште, па затоа новите пожарникари ќе имаат преквалификација, а потоа обука, предавања и практика“, истакна Менковски, кој смета дека обуката и практика ќе бидат доволни за да можат да работат, бидејќи пожарникарството како професија повеќе е практика отколку теорија. Практиката и обуката ќе се одвиваат во самата бригада, додека предавањата и теоретскиот дел ќе се одржуваат во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“.
Средства за новите вработувања издвои Градот од градскиот буџет, а исто така вети и обезбедување пософистицирана опрема.
Моментно, бригадата брои 120 пожарникари, а, како што рече градоначалникот Костовски, би требало да има околу 600 луѓе. (В.Д.) |