Испревртен список на стипендисти
Зоран Богатинов, Скопје
Министерството за образование и наука пред неполн месец објави конкурс за доделување стипендии за талентирани ученици од средните јавни и приватни училишта во земјава. Како и другите потези на институциите на власта, и овој чекор беше задоцнет зашто конкурсот се однесуваше на учебната 2008/2009, а беше објавен во ноември годинава. Но, при слична социјална криза, секој денар е добредојден, па така и мојот син, Александар Богатинов, инаку ученик со беспрекорен одличен успех од прво основно до втора година гимназија, се пријави на конкурсот.
Министерството направи прелиминарен список на листа на ученици кои имаат реални шанси да добијат стипендија по поднесувањето на документите. Во семејството бевме пријатно изненадени кога мојот син беше седми на листата, значи високорангиран меѓу повеќе стотици апликанти од целата земја, па затоа се надевавме дека стипендијата од 2.200 денари ќе биде доделена по поднесувањето на документите и објавувањето на конечниот список. Да појаснам, меѓу документите за одличен успех, требаше да се поднесат и дипломи или награди од домашни или меѓународни спортски, културни или образовни натпреварувања. И тука веќе работата со стипендиите стана сомнителна.
Имено, син ми го положи пред неколку месеци Првиот сертификат на англиски јазик на Универзитетот во Кембриџ, Англија, со кој може да предава англиски во Обединетото Кралство на ученици од прво до осмо одделение, кои се по потекло од неанглиското говорно подрачје. Овој тест беше контролиран од Британскиот совет во Република Македонија, а тестовите беа прегледани на Универзитетот „Кембриџ“ во Лондон. Но, што се случи во Министерството? Кога таму ја поднесов копијата на дипломата, една повозрасна вработена, веројатно без основен поим од англискиот коментираше: „Е, ние ги знаеме овие дипломи, вие ги купувате за пари, па сакате да се признаат“. Сакав да објаснам ама вработената, која припаѓа веројатно на едно бившо време, продолжи да биде саркастична, па затоа не реагирав, наивно верувајќи дека со освоено седмо место на прелиминарниот список, ќе се добие стипендијата. Колку наивно се прелажав!
Имено, конечниот список требаше да се објави на 29 ноември на веб-сајтот на Министерството, ама истиот четири дена по овој рок не беше достапен зашто, како што објаснија, таму им паднал серверот. И кога отидов на 2 декември да го видам конечниот список на обична хартија, ми објаснија дека тоа не можат да го дадат, туку мора да се чека на серверот. Толку од декларираниот слободен пристап до информациите од јавен карактер. И така, во доцните вечерни часови на 3 декември, списокот конечно се појави на веб-страницата на Министерството. Што да се каже? Како во најтврдите комунистички времиња, прелиминарниот список се променил преку ноќ, така што учениците кои биле највисоко рангирани, речиси и не добиле стипендии. Исто така, конкурсот беше наменет за талентирани ученици со максимален број бодови(100), меѓу кои беше и мојот син, а во конечниот список повеќето од учениците имаат под 90 бода. Згора на ова, во конечниот список има ученици кои не се евидентирани на претходниот, прелиминарен список, а сепак добиле со стипендии.
Уште еден парадокс. Стипендии се понудија и за приватните училишта, па прашањето е зошто на ученици кои таму плаќаат неколку илјади евра за школарина, би им значеле 2.200 денари стипендија од македонската Влада. На крајот, не сакам да навлегувам во партиските програми, но навистина сакам да ја прашам Владата и премиерот Груевски, кои се критериумите по кои се добивале стипендиите? И нека не се вади премиерот на поднесувањето жалба, бидејќи децата се претежно малолетни и министерството не може да биде суд. Зашто, кога во една земја, надлежната институција преку прикажаниов случај, нека биде тоа и приватен, ја дестимулира желбата за натамошно усовршување на сопствената младина, тогаш немојте да барате македонски Пупини или Тесли да ви остануваат и да ви работат за интересите на Македонија. |