„Топлификација“ треба да заборави на ѓутурето
Панче Каев, Скопје
Од мое име и од името на многу мои сограѓани-пензионери, ја замолуваме Владата да ја разреши долгогодишната неправда од АД ,,Топлификација“ со цените на парното. Овој монопол живее од парите на граѓаните, но упорно не' дискриминира продавајќи енергија која не се мери. Ние немаме можност да влијаеме на потрошувачката.
Ја молиме Владата, преку соодветните служби, Регулаторната комисија за енергетика и надлежната инспекција да го забрани продавањето на топлинска енергија од око - ѓутуре. Не бараме никој да им се меша во внатрешното управување и планирање на својот развој, бараме чисти економски односи со граѓаните, партнерство.
Голема штета е што потрошувачите немаат синдикат, па да ги организира граѓаните да ги враќаат неисправните сметки. Но, со време и тоа ќе дојде, бидејќи така работи Европа.
„Топлификација“ со средства на граѓаните изгради и располага со имот. Живее од граѓаните, а ги девалвира. И не само нив туку и институциите на државата, а во поново време и Регулаторната комисија за енергетика, подметнувајќи им производ со погрешно име - мерна единица, од фирма регистрирана за производство на топлинска енергија.
Ова укажува дека „Топлификација“ долго години била комотна и толерирана, не мислејќи дека нејзиниот производ треба да се дефинира со вистинското име и да се продава преку мерни инструменти - уреди. Дали некој ги спречуваше да го сторат ова? Сигурно, не. Кај нив беше и оревот и каменот. За градба на становите мораше да се добие согласност од „Топлификација“.
Никој не им приговараше, ниту пак тие приговараа на проектите дека инсталациите во становите со повеќе вертикали не се в ред, бидејки ќе треба повеќе мерни инструменти. И сега кој е крив? Граѓаните не, туку ,,Топлификација“. Ги затече времето. Ѓутурето треба да го заборават и да се забрани. Не очекуваа дека комунизмот-социјализмот ќе им се лизне од рака, дека ќе дојде капитализмот со економските начела кој немилосрдно бара дефиниран производ со име и цена и заштита на потрошувачите.
Безобразно е барањето на господата од „Топлификација“ да се пријавуваат станарите кои нема да користат греење, да им ги блокираат вентилите и да вршат наплата (се нуди ценовник). Бараат дополнителен профит, последниот денар да го земат. Нема потреба, граѓаните немаат намера да крадат топлинска енергија. Ставете си мерачи за мерење потрошена топлинска енергија, ние сами ќе ги затвориме вентилите. Зошто не ни оставаат можност да трошиме и да плаќаме според нашите можности. Ако цената е за 60 проценти поголема, ќе редуцираме и ние топлина за 60 проценти, а недостигот ќе го надоместуваме со алтернативно греење.
Проблемот е едноставен и нема малтретирање. Не' исклучуваат од можноста да избереме како ќе се грееме. Регулаторната комисија за енергетика требаше итно да го спречи ова безобразие и на корисниците да им овозможи да го користат системот како што сакаат и колку што сакаат, а за тоа да си плаќаат.
Системот за греење треба да е достапен во секое време, како во современиот свет. Имам пари, го користам, и обратно. Ако е од „Топлификација“, доста е! Во печатот се јавуваат со нов изум, би��ер-изум, граѓаните да приложуваат сметка за потрошена струја повеќе од 1.500 киловати за да биле ослободени од плаќање, ако се греат алтернативно на струја. Браво! Како не се сетиле другите производители на топлинска енергија да го копираат овој изум. Па, каде живее господата и во кој век? Редно е сами да се сетат и да се симнат од вратот на граѓаните, бидејќи претераа. Овие проблеми ги имаат и другите корисници (правни лица, министерства со подрачните единици) на топлинска енергија, кои едвај успеваат да си ги намират обврските.
На АД „Топлификација“ не можеме да се лутиме за покачување на цената на енергенсите, како надворешни импути, но за постапките дека треба да ги исклучуваат станарите од системот е несериозно, навредливо и крајно непрофесионално. Зошто ни создаваат дополнителни трошоци и бараат да влегуваат во становите да прават глупости. Нека си го оспособат производот да го продаваат како што треба, нека го мерат и нека ги остават вентилите за да ја регулираме потрошувачката. Трошиме струја и вода колку што можеме да платиме. Ќе трошиме топлина според семејниот буџет. За оние корисници кои повеќе месеци или години не плаќаат, ја имаат нашата поддршка дека треба трајно да се исклучуваат од системот.
Во изминатите децении можеа да протуркаат се', па и тоа граѓаните да ги купат калориметрите, како што протуркаа многу работи да платиме. Им бевме цело време на располагање. Сега е време да ги решат проблемите на нивни трошок, да купат ваги-калориметри и да продаваат топлинска енергија, калории(џули), а не квадратни метри, бидејќи не се станбено претпријатие. |