Турци ќе го градат скопскиот Менхетен во Аеродром
Од „Џеваир холдинг“ за плацот понудија околу 1,6 милиони евра
Деспина Трајковска
Турскиот холдинг „Џеваир“ од Истанбул ќе ги гради трите висококатници во Аеродром меѓу бензинската пумпа „Макоил“ и касарната „Гоце Делчев“. За наменската градежна парцела од 21.150 квадратен метар, од холдингот вчера понудија околу 1,6 милиони евра што беше највисока понуда за откуп на градежното земјиште. Всушност, за еден квадратен метар Турците ќе платат 4.700 денари, што е само за 100 денари повеќе од почетната утврдена цена. Освен „Џеваир холдинг“ на јавното наддавање учествуваше и уште една турска компанија, која воопшто не се ни обиде да лицитира. Така наддавањето речиси да беше и чисто формално со оглед на тоа дека и двете компании-учеснички признаа дека имаат партнерски односи, па дури и си помагаа при преводот.
Холдингот има рок од 15 дена да ги уплати средствата, по што ќе биде потпишан купопродажниот договор за земјиштето. Во рок од девет месеци, пак, оттогаш инвеститорот ќе има обврска да обезбеди градежна дозвола, а пак, за шест години да го реализира проектот.
Согласно со ДУП, на предметната парцела е предвидена изградба на три висококатници не пониски од 33 ката, а не повисоки од 125. Дозволено е тие да имаат намена за домување или деловен простор, а дадена е можност и за изградба на трговски центар и простор во компелскот за културни и верски намени како и катче за спорт и рекреација.
Сепак, Турците вчера не прецизираа колкави облакодери ќе градат.
„Прво треба да го утврдиме просторот предвиден за паркирање, па врз основа на тоа и ќе одлучиме на колку ката ќе бидат зградите. Но, бидете убедени дека тоа ќе бидат згради што досега не се видени во Скопје и Македонија. Ќе бидат изградени најмалку четири згради, а ќе изградиме и убав трговски центар“, изјави вчера сопственикот на турскиот холдинг, Ибраим Џеваир, по завршувањето на лицитацијата. Се пофали дека премиерот и речиси сите македонски делегации што престојуваат во Турција ги користат услугите на хотелите инвестиција на холдингот, но, сепак, ги негираше шпекулациите дека има блиски контакти со власта, што практично му овозможило влез на македонскиот пазар. Инаку компанијата освен неколку хотели со пет ѕвезди, фабрики и трговски центар во Истанбул свои објекти има и во Либан и во Саудиска Арабија. Холдингот постои 60 години, има 12 меѓу нив, а во државава ќе инвестираат регистрирани како „Турк-Мак“.
Вчерашната продажба на земјиштето беше втор обид за оттуѓување на плацот откако пред половина година немаше заинтересиран понудувач. Во меѓувреме, надлежните сменија дел од условите во објавата. Во првиот обид за продажба почетната цена за квадратен метар изнесуваше 7.000 денари, а вчера, пак, 4.600 денари. Овој пат надлежните инсистираа купецот да изгради минимум 33 ката, додека претходно државата бараше облакодерите да имаат најмалку 25 ката. |