Број 2707  понеделник, 09 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска
Прилог ЕВРО 2008

Претходен број


Site Meter
Македонија

Изум на македонски иноватор доби светско признание

Пречистителната станица на Јоти Поповски која работи без енергија - проект за иднината

Билјана Ангеловска

Иноваторот Јоти Поповски минатата недела во Европскиот парламент во Брисел беше најголемиот амбасадор на Македонија. Поповски ја доби наградата што ја доделува австриската фондација „Енерџи глоуб“ за проекти на иднината, за иновации што придонесуваат за намалување на јаглеродниот диоксид во атмосферата. Македонскиот иноватор беше награден за својот проект - пречистителна станица за комунални и индустриски отпадни води, која работи без енергија и за која не се потребни резервни делови. Светското признание на Поповски свечено му беше врачено на церемонија во Европскиот парламент, во присуство на првиот човек на парламентот, Ханс Герт Потеринг, на претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, но и покрај некогашниот советски лидер Михаил Горбачов и ексминистерката за екологија на Индија, Манека Ганди. Големите имиња само ја потврдија загриженоста на светот околу користењето чиста и обновлива енергија, околу заштитата на животната средина во целина.

Не случајно името на Јоти Поповски се најде на оваа светска листа. „Не се пријавив сам. Ме најдоа во ’Грин пејџис‘, именик на фирми што работат на еколошки проблеми. Ми побараа проект, а потоа и детали за проектот, по што меѓународна жири-комисија донела одлука да се награди мојата иновација“, скромно вели Поповски и појаснува дека неговиот изум е од поодамна, но првата пречистителна станица е изградена пред десет години. Се наоѓа во село Кондово, кај Исламскиот факултет. Изградена е во договор и со поддршка на Исламската верска заедница, за што тој е многу благодарен.

Иновацијата претставува нова генерација пречистителни станици за комунални и за индустриски отпадни води оптоварени со органски материи кои се пречистуваат преку анаеробен процес, за разлика од досегашните аеробни процеси што се користат секаде во светот. При аеробните процеси се врши оксидација на органската материја, при што се продуцира тиња што треба повторно да се третира за да се елиминира тој производ и да се добие чиста вода. Аеробниот процес бара да се дува воздух во отпадната вода континуирано 12-18 часа, па составен дел на опремата се компресори и дувалки за производство на биогас. Овој метод бара во просек потрошувачка од 0,6 киловат-часа за еден кубик вода, односно за еден град од 100.000 жители годишно би се трошеле 1,7 милиони евра за струја.

„Мојот процес трае четири пати пократко, 3-5 часа во просек. Што е најважно, не троши струја и не произведува тиња која потоа е предмет на дополнителна обработка. Работи на принцип на континуирана биофилтрација на температура на која е отпадната вода во канализациските цевки. Значи, водата прво поминува преку анаеробен таложник во кој се издвојуваат цврстите механички честички, кои претходно поминуваат низ груби решетки за да ги задржат крупните нечистотии. Во таложникот водата ги издвојува маснотиите кои остануваат заробени подолго време тука и се хидрофилизираат. Избистрената вода со растворени органски материи преминува во биофилтри кои однапред се формирани со фиксен слој бактерии за комунални води“, го објаснува Поповски својот изум.

Првиот биофилтер бил изграден во еколошката лабораторија на „Алкалоид“ во 1982 година и на него биле третирани отпадните води на „Алкалоид“ помешани со отпадните води на Пиварница. Екипата на Јоти Поповски го испитувала биофилтерот до 1986 година, при што биле постигнати извонредни резултати. „Содржината на метан во биогасот беше до 87 проценти, што е најголем постигнат процент“, изјавува Поповски.

Досега во Македонија се инсталирани 18 пречистителни станици со капацитет од 5 до 4.000 еквивалент жители и уште во девет други земји во Европа, Азија и на Антарктик, каде што станицата без проблеми функционира на минус 40 степени. Чинат во просек за 20-30 проценти помалку од која било друга станица. Евтини се, како што објаснува нивниот изумител, бидејќи не бараат одржување и за нив не се потребни резервни делови ниту, пак, квалификуван персонал. Доказ за тоа е станицата во Кондово, за чие одржување никој не се грижи уште од 2001 година и досега немало проблеми.

„Бев во Брисел со цел да ја афирмирам државава. Наградата ја примив под вековното, а не уставно име - Македонија“, гордо вели Поповски и појаснува дека тој со својот тим добил златен медал во Брисел на меѓународен саем за иновации и нови технологии уште во 2001 година.

Според него, Македонија е далеку од она што го бара Европската унија во поглед на справувањето со еколошките проблеми. Така, иако во Европа е задолжително пречистување на отпадните води, ниту во Скопје ниту во кој било од градовите што испуштаат вода во Вардар нема пречистителни станици. Но, за утеха, Бугарија и Романија, иако се членки на ЕУ, се на исто ниво како нас, додека во Грција, пак, 90 отсто од пречистителните станици не работат или работат лошо, незадоволително. Поповски малку разочарано појаснува дека во нашата држава интересот за пречистување на отпадните води е многу мал. Речиси во исто време додека тој го примаше светското признание во Брисел, од Општина Илинден беше известен дека неговата понуда да изгради пречистителна станица за Општината е одбиена со образложение дека станицата не чини за нивните потреби. Тој вели дека никогаш ниту барал ниту, пак, добил нешто од државата. Ја работи својата истражувачко-иноваторска работа, бидејќи тоа најдобро знае да го прави и го работи со љубов. „Кога работам, сум мајстор, бидејќи ми се обраќаат со мајсторе, кога пишувам, сум магистер по екологија, а кога проектирам постројки, сум инженер-технолог. Порано работев во ’Алкалоид‘, а од 1993 година имам сопствена фирма ’Еколошко биро‘. Моментално со тимот работам на филтер за отстранување нитрати од водата за пиење. Проектот е во напредна фаза, но финансиите не ни дозволуваат да направиме нешто повеќе“, малку резигнирано изјавува Јоти Поповски, македонски иноватор, кој светското признание го доби во конкуренција од над 800 проекти.

 


#
Статијата е прочитана 1625 пати.

Испрати коментар

Од: pogodi koj??
Датум: 09.06.2008 00:37:10
Fala majstore, se nadevam deka od drzavava ke imas poddrshka. Se najubavo i da ja pretstavuvash Makedonija nasekade ushte dolgo.
Од: amerika
Датум: 09.06.2008 04:34:11
Cestitki za uspehot. Apel do Vladata na Makedonija da finansira i angazira strucnjaci vo ovaa oblasta. Samo zemja koga finaskira na nivo na nauka i tehnika moze da se nosi ramo so ramo so razvienite zemji.
Од: eden covek
Датум: 09.06.2008 08:57:49
Честитки за пронајдокот! Сега се на потег градоначалниците. Во Прилеп се одобрени огромни пари за прочистителна станица(физибилити студија). Штета што нашите стручњаци не се вклучени во вакви проекти. Време е да ја исчистиме Македонија, екологијата да го завземи местото што и припаѓа.
Од: Ljubljana
Датум: 09.06.2008 13:31:55
„Не се пријавив сам. Ме најдоа во ’Грин пејџис‘, именик на фирми што работат на еколошки проблеми.".... zarem nasata država, voopšto ne se interesira za vakvi projekti: "ниту во Скопје ниту во кој било од градовите што испуштаат вода во Вардар нема пречистителни станици. " edno golemo UUUAAAAA za državata

Најди! во Утрински
Македонија
Во Струмица се гради нова католичка црква
Работниците на „Ди-ер“ одбиваат да платат ДДВ

"""