Меридијани
Реакционерна револуција
Доминик Моиси
Французите користат револуционерни средства за екстремно конзервативни тенденции
Изразот „француски исклучок“ не се однесува само на кулинарски прашања, туку и на социјални и економски прашања. Мнозинство од денешните Французи признаваат дека зголемувањето на возраста за пензионирање е неопходно за да се обезбеди опстанок на пензискиот систем. Сепак, според сите анкети, речиси 70 отсто од Французите ги поддржуваат демонстрантите што излегуваат на улиците за да ги блокираат скромните реформи на владата на претседателот Никола Саркози.
За вчудовиденост на нивите европски соседи и пред замислената глобална јавност, Французите уште еднаш ја покажуваат нивната бизарна традиција на користење револуционерни средства за да изразат екстремно конзервативни тенденции. За разлика од нивните претходници во 1968 г., денешните демонстранти не се на улиците за да бранат поинаква и подобра иднина. Тие се излезени во значителен број за да го заштитат статус квото и да ја изразат нивната носталгија по минатото и нивниот страв за иднината. А сепак, реакционерното/револуционерното движење на кое сме сведоци - силни реакции против неминовните последици на глобализацијата - останува непогрешливо француско. Тоа е водено од екстремната Декартова рационалност, граничи со апсурдот, на една земја чии граѓани и натаму ја гледаат нивната држава како што ги гледаат адолесценти своите родители.
Всушност, да се видат средношколци како ја изразуваат нивната одбивност кон малото зголемување на возраста за пензионирање, како што планира Саркози, е посебно откривање. Се чини дека тие ја потврдуваат „мудроста“ на една кинеска студентка, која неодамна го опиша својот животен план за едно американско списание: „Ќе започнам со добар американски универзитет за да го зајакнам моето образование, потоа ќе работам во Кина и ќе станам богата, а потоа ќе се пензионирам во Европа и ќе уживам во животот“. Ако се пензионира во Франција, таа може да живее на идеално место за да ужива во сегашноста, а не да гради иднина.
Демонстрантите знаат дека она што го бараат денес на улиците - одржување на тоа што го имаат - е целосно нереално. Сепак, тие сметаат дека е совршено легитимно. Франција во тој поглед пак е предводник на нова „европска револуција“ - револуција што не се заснова врз принципите „слобода, еднаквост, братство“, туку врз принципот на задоволство. Тие Французи сакаат да ги водат Европејците во обидот да станат музеј на добриот живот и да се концентрираат на туризмот. Франција мора да биде моделот на една алтернатива! Но, таа иронична визија за денешна Франција е премногу површна или романтична, и не ја опфаќа комбинацијата на страв и општествено незадоволство, кои сега се видливи во актуелниот француски вител. Во нивната очајна потрага по задоволство, Французите изразуваат длабока егзистенцијална слабост. Се чини дека тие прашуваат: „Ако не можеме и натаму да бидеме големи, бидејќи не претекнаа други, дали едноставно можеме да бидеме среќни?“.
Нивното спротивставување за промени не одразува само одредено негирање на реалноста. Тоа, исто така, се совпаѓа со негирањето на човекот кој инкарнира во нивните очи се' што тие отфрлаат. Всушност, личната непопуларност на Саркози има значајна улога во континуираната сила за антиреформското спротивставување. Како може човек кој претставува „голем бизнис“, или кој едноставно изгледа фасциниран од пари, да се осмели да побара од нив да се жртвуваат за Франција? Француската страст за еднаквост денес значително ја надминува француската страст за слобода.
Судбината на оние што почнале да работат многу рано или на жените што ја прекинале работата за да одгледаат деца, се користи како аргумент против реформите, дека реформите што се предлагаат се полни со неправди.
Исходот тешко се предвидува. Битката меѓу Саркози и улицата се' уште е многу отворена. Ако треба да се обложам, би се обложил дека Владата ќе ја добие таа битка. Но, неверојатно е Саркози да извлече долгорочни политички бенефиции од неговиот скромен успех. Тој ќе се соочи со напорна трка за да биде реизбран. Французите се' уште не направиле избор меѓу одбраната на стариот свет и соочувањето со предизвиците на глобализираниот свет.
(Авторот ја напиша
„Геополитика на емоции“
и пишува за ���Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |