МЕРИДИЈАНИ
Предизвикувачки милијарди
Дејвид Блум
Неуспехот да се апсорбираат голем број луѓе во продуктивно вработување би можел да доведе до големо страдање и до многубројни катастрофи
Светот е сред најголемиот демографски пресврт во човечката историја. Иако на човечката раса и' беа потребни можеби еден милион години за да достигне една милијарда луѓе (околу 1800 година), секои 10-20 години од 1960 година додаваме последователни милијарди. Во светот сега има население од седум милијарди и се предвидува да достигне 9,3 милијарди до 2050 година. Со други зборови, во периодот меѓу сега и 2050 година, светот веројатно ќе го дополни населението речиси за толку луѓе колку што ја населувале целата планета во 1950 година. Или тоа е како да се додаде уште една Кина и уште една Индија. Исхраната, облекувањето, сместувањето и другото снабдување за ова големо нето дополнување на глобалната популација е еден од главните предизвици со кои се соочува човештвото.
Ако како водич го користиме просечниот материјален напредок низ текот на вековите, можеби потребата повторно ќе послужи како мајка на инвентивноста, и ќе одговориме на популацискиот предизвик, како што одговоривме на претходните предизвици, преку технолошки и институциски иновации. Но, долгорочните просеци можат да маскираат значителна непостојаност со текот на времето и варирања во земјите. Со сигурност знаеме дека постои голем ризик во популацискиот развој што претстои
Неуспехот да се апсорбираат голем број луѓе во продуктивно вработување би можел да доведе до големо страдање и бројни катастрофи. Продолжувањето на екстремна нееднаквост на приходите во земјите би можело да ја попречи меѓународната соработка, да ја од��лговлечи или дури да ја смени глобализацијата, и покрај потенцијалот да се подобри животниот стандард на сите. Брзиот популациски развој, исто така, е со тенденција да го забрза трошењето на еколошките ресурси, и локално и глобално, и може трајно да ги поткопа изгледите за нивно закрепнување.
Некои земји во развој добро одговорија на тие популациски предизвици. На пример, источноазиските „тигри“ нагло ги намалија стапките на раѓање во 1970-те и 1980-те години, и го искористија последователното здивнување за неверојатен напредок преку разумна образовна и здравствена политика, солидно макроекономско управување, и внимателно регионално и глобално економско ангажирање.
На другиот крај од спектрумот, земјите од Супсахарска Африка доживеаја многу полош развој, во не толку мала мера, што се должи на нивната неспособност да го избегнат катастрофалниот товар на брз популациски развој и зависност на младите.
Иако земјите во развој се примарни места на најзаканувачките популациски проблеми во светот, богатите индустриски земји се соочуваат со некои сопствени вознемирувачки проблеми. Од чиста демографска перспектива, продуктивниот капацитет на напредните економии достигна плато на нешто повеќе од двајца работоспособни луѓе на еден издржуван член на семејство. Но, се предвидува дека тој индикатор ќе падне на 1,36 до 2050 година, наметнувајќи закана за големата демографска дивиденда што овие земји ја уживаа последниве децении.
Покрај тоа, богатите земји можат да очекуваат голема експанзија во процентот на постари луѓе во нивните популации, што се должи на зголемената долговечност, постојаната ниска плодност, и прогресијата на групи од генерацијата на брз пораст на наталитетот, во популациската пирамида. Иако економскиот успех во контекстот на популациско стареење е значително непозната територија, не е тешко да се разберат стравувањата за фискалниот интегритет на пензиите „плати како што се задолжуваш“.
На крајот, неверојатно е дека најголемите стравувања поврзани со нашата стара популација ќе се остварат. Но, голем дел од анализите, дебатите, прифаќање на однесувањето, и реформи во политиката – и во приватната и во јавната сфера – ќе треба да се случат пред да бидеме сигурни.
Иако предизвиците што ги наметнуваат популациските промени се тешки, тие најверојатно се совладливи.
(Авторот е професор по економија и демографија на Харвардската школа за јавно здравство. Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |