И вицепремиерот Наумовски доби интерпелација
ЛДП и Нова демократија сметаат дека Наумовски ја исклучил евроатлантската агенда
Само осум месеци по доаѓањето на функцијата вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Васко Наумовски вчера доби интерпелација. Му ја поднесоа пратениците од ЛДП и од Нова демократија, бидејќи сметаат дека ја исклучил евроатлантската агенда од политичкиот живот на Македонија . Партиите на Јован Манасиевски и на Имер Селмани се убедени дека Наумовски не успеал да се соочи со тежината и со сериозноста на најтемелниот стратегиски проект за државата. Според нивните гледишта, тој не ја оправдал довербата што ја доби од Собранието во јули минатата година и не заслужува да биде на вицепремиерска функција.
Како клучни причини за поднесување на интерпелацијата иницијаторите ги наведуваат: уназадувањето на Македонија во исполнувањето на политичките критериуми за членство во ЕУ, маргинализацијата и целосната партизација на Секретаријатот за европски прашања, застојот во усогласувањето на македонското законодавство со европското, криењето клучни документи за европска интеграција од Собранието и од граѓаните, усвојувањето на скандалозниот Закон за антидискриминација, непочитувањето на парламентот и на надлежните собраниски тела, забраната за комуникација на вработените во Секретаријатот со делегацијата на Европската комисија, нецелосното спроведување на донесените закони со европско знаменце и одложувањето на примената на реформските делови од Законот за води.
Двете партии велат дека споделуваат исти погледи во однос на евроатлантската перспектива на земјата и заедничката интерпелација ја оценуваат како позитивен пример за здружување на силите кога се во прашање државните приоритети. За интерпелацијата очекуваат поддршка и од другите опозициски партии, но и од владејачката ДУИ. (О.В.) |