Срамен амбиент во Спомен-куќата на Страшо Пинџур

Меѓународниот ден на музеите беше добар повод за соочување со негрижата и со позитивни промени во музејските поставки
Катерина Богоева
Во годинешниот Град на културата - Кавадарци, минатата недела по повод вчерашниот Меѓународен ден на музеите - 18 Мај, се одржа советување посветено на постојаните музејски поставки и музеите во Македонија, при што беше посетена и спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур (1915-1943).
Куќата беше вистински илустративен пример за изнесените заклучоци на музејските работници дека поставките во земјава во најголем број се архаични, дека државата континуирано, со чест на ретки исклучоци, недоволно се грижи за нив. Посетата беше соочување и со непрофесионалноста на одговорните лица од Музеј и галерија - Кавадарци, кои без разлика на лошата состојба, ја отвораат вратата на куќата и во просторот исполнет со прашина, со влага на материјалите од хартија, на посетителите им говорат за херојскиот подвиг на младиот револуционер, кој загинал во текот на Втората светска војна.
Водичот во оваа прилика, дури посериозно не се ни осврнуваше на забелешките од своите колеги од различни музеи од земјава, дека на дел од изложените материјали им недостасуваат неопходните податоци со помош на кои и се дооформува сликата за експонатите, што изложени во подрумскиот дел на семејната куќа, не ни можат вистински да се доживеат. Останува впечатокот дека книгите за Страшо Пинџур, исечоците од весници, вредните историски фотографии, потемнетите делови на факсимили од влага што не можат јасно ни да се прочитаат, се заробени материјали на кои итно им треба грижа.
Во малата одаја на пример, каде е реконструиран некогашниот семеен амбиент, одронетите ѕидови се потемнети и неваросани, а прашливите кујнски крпи обесени на клинци, висат наместо завеси. Навистина е чудно како некој сеуште може и да помисли дека ваков амбиент на негрижа кон историјата, може да биде привлечен за посетителите, и тоа и во година кога Кавадарци е град на културата. Би било добро спомен куќата да се затвори, додека не биде реновирана за вистинска презентација достојна на името на народниот херој.
Покрај овој драстичен пример на негрижа кој им оди во прилог на посочуваните проблеми за немање јасен концепт за развој во музеологијата во земјава и за недоволно вложување средства за одржување на објектите и поставките, по повод Денот на музеите како позитивни, издвоивме два примера: поставката на Заводот и Музеј од Битола (отворена во декември 2009 година) и новиот амбиент на стопански двор - гумно, што во поставката на Етнолошкиот музеј при Музејот на Македонија беше отворен на 15 мај.
Поставката на Заводот и Музеј од Битола се смета за една од најголемите во земјава каде се презентирани повеќе од 2.010 предмети. Нејзината содржина се популаризира и преку виртуелни презентации, а според Јове Парговски кој ја изработува новата музејска веб-страница, за ваквата презентација се заинтересирани и македонски иселеници во странство. Парговски најавува и отворање на виртуелна продавница, преку која музејските материјали ќе можат и да се продаваат.
Кустос - советникот, етнолог Боре Неделковски од Музејот на Македонија, посочува на значењето на поставеното гумно во тамошната етнолошка поставка, потенцирајќи го стожеро�� во центарот, како најважен елемент со чие обредно китење се означувал и крајот на тешката полска работа. „Со гумното, етнолошката поставка е многу збогатена. Во Македонија со години наназад на таков начин не се врши и вее житото, можеби само во некое зафрлено село, и затоа неговото поставување беше важно“. |