„Пасколенд“ и други архи-археологизми
Авторот и' е познат на Редакцијата
Пред неколку дена помпезно се отвори Музејот на вода на Охридското Езеро. Сите насмеани, се удирaaт по рамо и му честитаат на архи-археологот за стореното. Никој не смее да каже дека не ја одобрува ова циркусијада, дека сме направиле глупост, дека царот е гол. Два милиони евра за да се направат наколни куќички! Можеби изгледа интересно, но тоа не е ни археологија ни музеологија. Тоа може да биде единствено детски креативен центар. Најголем дел од парите се за импрегнирање на столбовите кои се поставени во вода, а Музејот во Охрид не е реновиран со децении. Музејската поставка е каква што била во седумдесеттите години: стари витрини, а внатре натрупани предмети без соодветни легенди.
Интересно е да се погледнат од друг агол некои од активностите во кои е вмешан архи-археологот. На пример, ситуацијата со Музејот на локалитетот во Стоби. Оваа работа помина незабележително во јавноста. Имено, Македонија доби донација од невладина организација од Палермо, Италија, за реновирање на Музејот кој се наоѓа на локалитетот Стоби во склоп на средствата наменети за археолошки ископувања на овој локалитет. Интересно е што истражувањата беа финансирани комплетно од Италијанците. Во почетокот на 2007 година, архи-археологот изјави дека не предвидел ниту денар за Стоби и дека Стоби треба да се самофинансира. Но, по донацијата на Италијанците, се „судрија“ интересите на Музејот на Македонија и на архи-археологот по прашањето кој треба да раководи со средствата наменети за музејот во Стоби. Како резултат на овие незрели инаетења, Италијанците го повлекоа овој дел од донацијата.
Потоа, интересно е што архи-археологот го сврте вниманието на медиумите со Музејот на вода, па тие заборавија да ја истражуваат работата за неговата одговорност во врска со отворањето на Музеј на ОНА. Да се потсетиме, самиот велеше дека отворањето таков музеј е нелегално.
Но, одиме понатаму. Скандалот со продавање на Охридска банка на една француска банка заедно со колекцијата на стари монети (која е прогласена за културно наследство), исто така, помина „лежерно“. За среќа, градот Охрид и Македонија си го зачуваа културното богатство затоа што целата приказна излезе во медиумите, па немаше каде и францускиот директор мораше д�� свика прес- конференција за да објави дека колекцијата си останува на градот. Но, не можеме, а да не помислиме што ќе се случеше со ретките монети доколу новинарите не постапија вака. А архи-археологот е тој што треба да бдее над културното наследство. Но тој „не бил запознаен“.
Цената на „Пасколенд“ е скандалозна. А целата циркусијада изобилува со трагикомика. На пример, давањето нови имиња како „Заливот на коските“ што сакаме да ни звучи како „Долината на кралевите“ или уште посмешното „Миќов град“ по името на човекот со кој Паско нуркал, за да вади археолошки предмети (па ни локалитетот на кој се наоѓа Троја не го крстија „Шлиманов град“!). А локалитетот се вика убаво „Плоча“. Тука се и говорите за нашите славни предци. Не ни е цел веќе Александар Македонски (па тој е веќе постмодерна епоха), ние храбро се нурнуваме во маглите на праисторијата. И премиерот со „Пасколенд“ и министерката за култура,кога го отвори неолитското село на локалитетот „Тумба-Маџари“, изјавија дека ова е доказ за нашите антички корени (прашање е на време кога инстант-лингвистите, за да се вклопат во целиов тренд, ќе направат врска помеѓу термините „кромањонец“ и „Македонец“ - завршува на - онец - и ќе речат дека првиот хомо сапиенс бил Македонец!). Жално е кога археологијата дава повеќе пари за да гради одошто за да истражува, но можеби тука има спас – со ваква политика на изолација, за неколку години цела Македонија ќе личи на неолитско село и ќе бидеме еден голем музеј ин ситу!
Даскалот не смее да згреши
Живко Лозановски, с. Арвати
Деновиве што изминаа, а и наредните сметам дека ќе продолжи ујдурмата околу штрајкот на просветарите. Ја проследив емисијата „Гласот на народот“ на МТВ1 во која се јавуваа луѓе симпатизери на сегашната власт, барем јас добив таков впечаток. Притоа целосно ја поддржаа власта, а ги напаѓаа просветарите и СОНК, апелирајќи да се прекине штрајкот, бидејќи со пролонгирањето на штрајкот учениците не ќе имале можност да го совладаат предвиденото градиво, а што е најжалосно и дел од просветарите не го поддржуваат штрајкот и одат на работа држејќи страна.
Ненадминатиот филозоф Аристотел рекол: „Даскалот треба да биде најплатена професија. Што може да згреши даскалот, ниту една друга професија, струка, занает итн. не може таква непоправлива грешка да направи“. Ќе го земам примерот со чевларот, кој кога ќе му го однесам чевелот на поправка ќе испушти да свитка со чеканчето едно шајче.Кога ќе го обујам чевелот ќе ме боцне шајчето, но ако имам чеканче и наковална сам ќе ја поправам грешката на чевларот или ќе му го однесам нему тој ќе ја поправи сопствената грешка. Грешката на даскалот е многу тешка и непоправлива затоа што тој во неговиот работен век ќе ги остави назад генерации и генерации... Затоа, плати го даскалот добро, неговата егзистенција и на неговото семејство да му биде обезбедена. Притоа, не ќе има причини да мисли на егзистенцијата, туку ќе се посвети со сето свое битие на професијата.
Сево ова погоре го поддржувам и предлагам да се врши селекција при упис на факултет, за споменатата струка да се прави селекција од страна на стручни лица, психолози, невролози и педагози, како што се правеше во социјализмот при избор на милиционери и инспектори во МВР.Отсуството на селекција ги дава сегашните трауми на децата-ученици со доста честа појава на педофили и садисти во просветата. Власта нека им ги исплни барањата, па потоа нека го наостри остенот барајќи работа, работа и работа, а децата да учат, учат и само учат за сопствена посветла иднина. |