Странците навалија на „ТЕХНОМА 2010“
Од вчера, па до 23 октомври, на Скопскиот саем ќе се одржи 36. издание на Меѓународниот саем на металургија, електроника, неметали и градежништво, енергетика, обезбедување и заштита, ТЕХНОМА 2010.
Според Даниела Глигоровска, извршна директорка на „Експо медија“, ТЕХНОМА оваа година има досега најголемо учество на странски компании. „Покрај зголемениот вкупен број учесници за 30 отсто во однос на лани, зголемено е и учеството на странски компании од Италија, Словенија, Хрватска, Грција, Бугарија и од Австрија, кое изнесува 40 проценти од вкупно 255 изложувачи“, рече Глигоровска.
Големиот одѕив и присуство на странски изложувачи е добар сигнал за интересот на странските компании за македонскиот пазар.
Земја-партнер на годинешното издание на ТЕХНОМА е Италија, чии фирми се насочени кон т.н. зелена економија. Италијанскиот амбасадор во Македонија, Донатино Маркони, рече дека италијанските компании се' повеќе покажуваат интерес за Македонија. „Во овие сектори Италија има многу што да каже, а Македонија може да понуди добра перспектива за нашите фирми“, нагласи Маркони. (Ек.Р.)
|