Заборавените работи во градски автобус ни Господ не ги наоѓа
ЈСП нема биро за изгубено-најдено, а таксистите ги депонираат најдените предмети во диспечерските центри
Снежана Калабакова
Скопјани секојдневно забораваат или губат лични предмети во јавниот градски превоз. Во такси-возилата и во градските автобуси се губат мобилни телефони, чадори, клучеви, јакни... Некои од нив се помалку вредни, други повеќе или, пак, имаат одредено значење за сопственикот, па оттаму е важно дали тој може да си го најде изгубениот предмет. И додека оставениот предмет во такси-возило и има некакви шанси повторно да биде вратен кај сопственикот, она што е заборавено во градски автобус, веќе ни Господ не го наоѓа. Зашто не постои биро или канцеларија за изгубено-најдено каде што граѓаните би можеле да се јават и да прашаат дали загубениот предмет некој го пријавил и го оставил таму.
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ досега нема отвор��но таква канцеларија. Такси-компаниите, пак, речиси секојдневно помалку или повеќе го решаваат тоа преку своите централи во диспечерските центри. Откако ќе исконтактираат со патниците, кои ги наоѓаат преку забележаните телефонски броеви од нивниот повик за испраќање такси-возило, успеваат на сопствениците да им ги вратат загубените предмети. Но, велат дека понекогаш не им успева тоа. Имаат примери кога некои патници не паметат каде го загубиле предметот, а потоа го бараат во такси-компанијата чии услуги користеле.
„Секој таксист што влегол во компанијава знае дека пред да прими нови патници, односно откако претходните ќе го напуштат автомобилот, тој мора да направи проверка да не заборавиле нешто. Потоа евентуално најдениот предмет го пријавува во централата и ако се јави патникот, веднаш му кажуваме дека загубеното му е тука. Ако, пак, не се јави, се обидуваме ние да го најдеме за да му го вратиме предметот. Го бараме максимум три дена. Се случувало некој патник да се јави и по три дена, па да дојде и да си го подигне загубениот предмет. Чесноста, отвореноста и грижата на компанијата за патниците за нас е најважна“, вели Оливија Блажевска, управителка на такси-компанијата „Рива“.
Но, за разлика од такси-возилата, многу потешко се наоѓа кога нешто ќе се загуби во автобус. Бидејќи, не само што е можно загубеното да го нашол и да го зел некој патник, туку и затоа што доколку го нашол возачот, нема конкретно одредиште каде може да го депонира. Загубениот предмет не може да се најде ниту во трафиките на ЈСП на крајната дестинација на одредена линија.
Директорот на ЈСП, Мишо Николов, признава дека претпријатието нема канцеларија за депонирање на загубените работи на патниците. Но, вели оти како идеја е интересна да се разгледа, да се разработи и да се реализира. |