МАГАЗИН
Фанки-возење на стара слава
Џорџ Клинтон – последниот фанки-диносаурус не се предава и промовира нов материјал
АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ
Неговата препознатлива и високоексцентрична појава не можете да ја промашите или, пак, да најдете некој што не слушнал нешто за ова контроверзно фанки-деденце кое се насмевнува од фотографијата. Овој 67-годишник е носечки столб на фанк-музиката во светот, па не е ни чудо што го нарекуваат и кум на фанкот и негова главна икона, најмногу поради фактот што тој со својата музика и музичка дејност, па и легендарните времиња на „Фанкаделик“ и „Парламент“, практично беше архитект на фанкот и на сите негови подоцнежни поджанрови. Како главен мозок и врвен музички ментор на овие состави, тој буквално ја трасираше и диктираше таа сцена во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, а дополнително забележителна беше и неговата соло-работа која датира некаде од 1981 година. Рамо до рамо со Џемс Браун и Слај Стоун, тој комотно може да се смести во графата на круцијалните иноватори на звукот и ставот на фанки-музиката, а беше почестен за своите заслуги и со членство во престижната Rock and Roll Hall of Fame во 1997 година, заедно со петнаесетина други членови на фанки-заедницата „Парламент – Фанкаделик“.
Својот немирен дух во 90-тите години го насочи кон актерството и појавувањето во филмовите Graffiti Bridge (1990), House Party (1990), PCU (1994), Good Burger (1997) и The Breaks (1999), каде што беше искористена токму неговата ексцентрична појава во улогите што ги толкуваше. Неговиот дебел и зарипнат глас се појави и во неколку популарни видеоигри, каде што одлично одговараше на потребната атмосфера. Токму популарниот хипхопер и продуцент Д-р Дре го фаворизира Клинтон и се поклонува пред неговиот фанки-ефект низ историјата со преземањето и семплувањето на многуте негови звуци и ритми во музиката што ја прави тој. Стариот добар Клинтон соработувал и со многумина други, условно кажано, од новата модерна музика, па меѓу тие одлични соработки се и онаа со Тупак Шакур - Can't C Me, па и со мегапопуларниот бенд „Ауткаст“ на синглот Synthesizer, Редмен и песната J.U.M.P, Кила Прист - Come With me, па дури направи и соработка со Ву-Тенг Клан на нумерата Wolves.
Во вителот на неговиот бурен живот, ��ој во 2003 година остро се судри со законот поради проблемите околу поседување кокаин во Флорида, а веќе по две недели од тој престап неговиот немирен дух го исфрли директно на улица каде што направи совршено добар џем-сешн со бендот „Фиш“ во Мајами. И 2004 година го следеа малери со законот и употребата на опојни дроги, а се почувствува некаква стабилизација, и животна и креативна, по договорот што го потпиша во 2005 година со новата издавачка куќа The C Kunspyruhzy. Во тој креативен период буквално работеше на неколку полиња одеднаш, преку кратки појавувања во одредени актерски ангажмани, пишување најавни сонгови за одредени телевизиски шоуа, па се' до гостување на албумот на познатиот Снуп Дог во 2007 година. Неговите години не беа пречка ниту да се појави во филмот PCU и да учествува на големата забава по промоцијата, а неговите перформанси никого не оставаат рамнодушен и на овие поодминати години. Оваа година тој ја одбра како година кога ќе го издаде најновиот соло-материјал George Clinton and His Gangsters of Love и токму тоа и се случи по неколкумесечни подготовки. Откако го прослави својот 67. роденден, Клинтон издаде и ново албумско чедо, кое злобниците веќе го окарактеризираа како анемичен проект во кој Клинтон не кажува ништо ново, туку има само обработки и гости, не обрнувајќи внимание на сржта на материјалот. Според оцените на многумина, никој не може да му ги оспори неговите заслуги за фанк-музиката, но ова не е материјал од таков ков што заслужува и бара огромно внимание како нешто револуционерно и свежо.
ЗА ПРОЕКТОТ GEORGE CLINTON AND HIS GANGSTERS OF LOVE (2008)
На овој долгоочекуван албум на иконата Џорџ Клинтон во фаќањето во костец со старите преработки му помогнаа звучни имиња, како што се Слај Стоун, Сантана, „Пеперси“, РЗА и многу други. Но, тоа буквално не е главната поента на материјалот, нити тие можат да одработат нешто во таква атмосфера на истрошеност во која се наоѓа музиката на стариот Џорџ. Веројатно кај него се' уште преовладува мислата дека треба да се биде активен и посветен на тоа што се прави и покрај багажот од годините, секако, не сметајќи ги новите ветришта и новите времиња во денешната модерна музика. Секако дека не му недостасува публицитет (по проблемите со дрогите на стари години), туку веројатно ова за него е каприц и музичка потреба што ја има кон создавањето музика на овие години. Оние што ги следеа најавите од неговата подготовка, секако, очекуваа да биде тоа обработка на стари заборавени песнички од страна на кралот на вселенскиот фанк, но на крајот сето тоа испаднало како висококалорична комбинација од многу стилови (фанки, соул, госпел и РНБ), кои рака на срце се беспрекорно испродуцирани. Вистински потег е што ги инкорпорирал вечните Слај Стоун што, секако, предизвика уште поголемо внимание на јавноста кон таа очекувана соработка, а одличен потег е и тоа што ги има RZA во екипата, како и врвната госпел-пејачка Ким Барел, која ангелски звучи на песната што ја напиша Клинтон и ја предвиде за дует. Големо е и изненадувањето од гостувањето на „Ред хот чили пеперс“ на оваа плоча, бенд кој му даде поддршка на Let The Good Times Roll, песна со голема порака, но ја нема силата очекувана од врвните протагонисти на оваа фузија, како и онаа Gypsy Woman на која Сантана го истура својот гитарски раскош. Во секој случај, сето тоа според многумина звучи крајно испеглано и врвно испродуцирано, но ја нема душата што беше скриена во старите хитови од златното време на Џорџ Клинтон, туку дека сето ова на моменти изгледа како претрчана тезга во некои од скапоцените американски студија. Мотивот зошто го прави сето ова на стари години веројатно го знае само луцидниот Џорџ Клинтон, кој е толку посебен и го живее животот на свој начин. Доказ за тоа беше и лудата журка по повод неговиот роденден, каде што се појавија многу познати фаци и се славеше со музика до крајот, а неговите пороци воопшто и да не ги споменуваме. |