Апелација му го продолжи притворот на Бајруш Сејдији
Кумановецот веќе за десет дена ќе се појави во Апелациониот суд во Скопје поради случајот „Пепел“
Љубиша Станковиќ
Кривичен совет на скопска Апелација вчера донесе решение со кое мерката притвор, која на кумановецот Бајруш Сејдији му беше изречена непосредно по неговото приведување уште кон крајот на 2008 година, останува во сила.
Одлуката ни ја потврди претседателот на Апелација, судијата Јордан Митриновски, кој токму за прашање на прифаќање гаранции во замена за куќен притвор за Сејдији дојде во судир не само со Јавното обвинителство, туку и со Врховниот суд. Како што е познато, повисокиот суд минатата недела донесе решение се кое беа прифатени понудените гаранции во недвижен имот проценет на 1,4 милиони евра и 110.000 евра во готовина.
Претседателот на судот, Митриновски, го бранеше ставот на судот што го раководи, но по само два дена, Јавното обвинителство го искористи правото на жалба, а Врховниот суд ја прифати жалбата, по што гаранциите што беа понудени за Сејдији останаа неискористени.
Дека целата приказна не беше толку наивна говори и тоа што за претседателот Митриновски беше кажано дека ќе биде побарана евентуална одговорност.
И додека Апелација паралелно одлучува за статусот на првообвинетиот во случајот „Пепел“, истиот суд за 28 декември закажа Јавна седница по поднесените жалби, а по првостепената пресуда која беше донесена кон крајот на март оваа година.
Скандалот, кој во октомври 2008 година полицијата го именува како случај „Пепел“, на 25 март годинава резултира со изрекување пресуда со која Бајруш Сејдији беше огласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од пет години. За делото злосторничко здружување, судот му изрече казна затвор во траење од две и пол години, за дело од Законот за акцизи две години и за злоупотреба на службена положба уште една и пол година, па согласно со законот, му беше одредена единствена казна во траење од пет години. Со истата пресуда, за користење туѓа фирма, Бајруш Сејдији беше казнет и парично со 180 дневни глоби, а секоја глоба е со висина од 40 евра.
Пресудата за случајот „Пепел“, освен за Бајруш Сејдији, се однесуваше и на уште 31 лице. За нив судот изрече вкупна затворска казна во траење од повеќе од 61 година, а осудените беа задолжени да платат уште 115.000 евра во денарска противвредност.
Во меѓувреме, за Сејдији и за уште 13 обвинети заврши судската постапка која се однесува на купувањето на кумановските фирми „Жито мел“, КЕН, „Искра инженеринг“ и за ЗИК „Сточарство“. |