Број 2913  понеделник, 16 февруари 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

„Златна мечка“ за перуанскиот филм „Млеко на жалоста“

Перуанскиот филм, иранскиот „За Ели“ и уругвајскиот „Гигант“, кои ги понесоа наградите во Берлин

Сунчица Уневска

„Златната мечка“ на 59. Филмски фестивал во Берлин отиде во рацете на младата Перуанка Клаудија Љоса за филмот „Млеко на жалоста“. Перуанскиот филм кој беше прикажан при крајот на фестивалот, како и иранскиот „За Ели“ и уругвајскиот „Гигант“, кои ги понесоа наградите во Берлин, се и филмовите кои добија најдобри критики и имаа најдобар прием од страна на публиката. Овој пат одлуките на жирито, кое го предводеше Тилда Свинтон и кое ги награди и германскиот „Сите други“ и американскиот „Гласник“, беа примени со големо одобрување и оценети како објективни за разлика од лани, кога жирито кое го предводеше Коста Гаврас ги изненади сите со своите докрај исполитизрани одлуки.

„Млеко на жалоста“ е втор филм на Клаудија Љоса, а прв филм од Перу кој беше селектиран во главната програма на Берлиналето. Љоса прави типичен перуански филм, посветен на историјата на нејзината земја, на традицијата и обичаите. Во главната улога е една девојка која страда од мистериозна болест, за која се смета дека е предизвикана од млекото на мајката која била силувана или физички малтретирана за време на бременоста. Целиот филм дише со болка и радост со кои Љоса зборува за сето она што Перу го носи во своите пазуви, но и за животот и местото на жената во него.

Уругвајскиот филм „Гигант“ кој е деби на Адријан Биниез, всушност, направи голем триумф освојувајќи две награди. Тој ја подели „Сребрената мечка“ односно Гран-прито на фестивалот со германскиот филм „Сите други“ на Марен Аде, а исто така ја доби и наградата „Алфред Бауер“ за својата страст кон филмот и умешност да раскажува приказни со кои умее да го допре времето и човекот во него. За „Гигант“, во кој чуварот на еден супермаркет наместо будно да ја следи состојбата на мониторот тој постојано ја следи својата симпатија, чистачката, веќе пишувавме. Исто како и за иранскиот филм „За Ели“ кој му ја донесе на Асгар Фаради „Сребрената мечка“ за режија. Овие два филма беа и единствените филмови кои се издвоија во првата половина на Берлиналето, кое годинава и покрај извиканите имиња имаше доста слаба главна програма. Но, наградите отидоа кај дебитантите и кај малку познатите автори, што само уште еднаш сосем добро ја претстави поделбата на силите. Кан и Берлин буквално се нетпреваруваат кој ќе донесе поголеми режисерски имиња и познати актери, но тоа не го прави главниот програм поквалитетен. Напротив.


Актерот Сотигу Кујат ја освои наградата за машка улога, играјќи го таткото во филмот „Лондонска река“


Германскиот филм „Сите други“ кој на младата Марен Аде и го донесе Гран-прито, е исто така нејзин втор филм. „Сите други“ е многу вешто раскажана приказна за две двојки кои се наоѓаат во нивните триесетти години и кои сосем неочекувано, во една релаксирана атмосфера додека се на одмор наеднаш ќе се соочат со сите внатрешни стравови и интимни кризи.

А „Сребрената мечка“ за сценарио отиде кај вториот дебитант во годинешната главна програма Орен Моверман за американскиот филм „Гласник“. Орен Моверман, кој е по потекло од Израел, и е познат на публиката како сценарист кој соработуваше на сценариото за филмот за Боб Дилан „Јас не сум таму“. „Гласник“ е негово режисерско деби, а сценариото за овој интересен филм Моверман го подготви заедно со Алесандро Камон. „Гласник“ е приказна за Вил, кого одлично го игра Бен Фостер, кој се враќа од мисија во Ирак и добива нова задача, заедно со откачениот војник Ентони (Вуди Харелсон) да ги известува фамилиите дека нивните синови загинале во акција. Филмот е одлично воден и беше вистинско освежување меѓу плејадата лоши американски филмови.

Наградата за женска улога отиде кај Биргит Миничмаер за германскиот филм „Сите други“, а за машка улога ја доби Сотигу Кујат за улогата на таткото кој во филмот „Лондонска река“ заедно со Бренда Блетин ги бараат своите исчезнати деца. Овој филм на Рашид Бушареб, кој се осврнува на последиците од терористичкиот напад во Лондон во 2005, всушност, тоа воопшто и не го зема како тема за својот филм, туку тема се меѓучовечките односи и силните предрасуди кои повеќе не одвојуваат отколку зближуваат, па дури и во тагата.



Наградата за уметничко достигнување ја доби еден многу специфичен унгарски филм „Каталин Варга“, кој го потпишува Британецот Питер Стрикленд, а филмот е во романска продукција. Каталин Варга е филм за болката, филм кој е раскажан низ сликите и силните емоции на Каталин Варга. Откако сопругот ќе ја избрка од дома дознавајќи дека синот не е негов туку плод на силување, таа ќе тргне во одмаздничка потрага по своите силувачи. Сценаристички тоа е слаб филм, во кој на сосем необичен начин е споено митското и современото, но кое освен атмосфера и звучниот дизајн за кој е награден, и нема други квалитети.

Единствен од ветераните и големи филмски имиња присутни на фестивалот, кој доби некакво признание, но и добри критики беше Анджеј Вајда и неговиот филм „Татарак“, направен според делото на полскиот автор Јарослав Иваскиевич. „Татарак“ е приказна за смртта и за љубовта, во кој Вајда му оддава почест и на својот соработник и снимател Едвард Клошински.

Во главната програма годинава имаа филмови и двајцата големи грчки автори Тео Ангелопулос со „Правот на времето“ и Коста Гаврас со „Рајот е Запад“, како и францускиот ветеран Бертран Таверние со „Во електричната магла“ и британскиот Стивен Фрирс со „Чери“. Во Берлин нов филм имаше и Пол Шредер, а во главната програма беа и помладите потврдени автори Франсоа Озон и Лукас Мудисон. Почесните награди отидоа кај уште двајца ветерани, францускиот режисер Клод Шаброл и португалскиот Маноел де Оливеира, кои исто така дојдоа со нови филмови. Сето тоа му даде обележје на годинешното Берлинале, но не многу позитивно, бидејќи почест секако треба да има, но не треба големите авторски имиња по секоја цена да бидат дел од главната програма. Тоа, како што и се покажа, не е гаранција за добар фестивал.


Статијата е прочитана 176 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Извадоци
Задоцнет одглас на една авангарда
„Апсолутна“ вистина во надеж да се најде мир