ЕВРОПА - БАЛКАН
Заминувањето на ВАЦ
Иван Торов
ВАЦ се надева оти земјата нема да ја напушти во расправија и покрај големите тешкотии и клевети, а претседателот на Србија, Тадиќ, го моли да овозможи заминувањето да биде фер
БЕЛГРАД - Директорот на ВАЦ, Бодо Хомбах, пред неколку дена во писмото до Борис Тадиќ најави, а веќе вчера германскиот медиумски концерн и официјално соопшти дека се повлекува од Србија. Во соопштението по тој повод се истакнува дека групацијата ВАЦ се надева оти земјата нема да ја напушти во расправија и покрај големите тешкотии и јавни клевети. Претседателот на Србија, Тадиќ, го моли да овозможи тоа заминување да биде фер, а се соопштува и дека продажбата на имотот на оваа групација во Србија ќе биде постепена.
Веќе неколку дена сега веќе официјалната вест во Србија се доживува како првостепена сензација. Пред се', поради фактот дека германскиот концерн е рамноправен (со државата) сопственик на куќата „Политика“, мнозински сопственик на новосадски „Дневник“, а во поседување ја има и продажната мрежа на поранешна „Штампа“. Но, и поради сериозните спорови што настанаа околу не баш разрешената и транспарентна продажба на тиражниот и влијателен полутаблоид „Вечерње новости“. Всушност, тука во односите меѓу државата и ВАЦ најмногу запна: германскиот инвеститор тврди дека со легален договор со српскиот бизнисмен Милан Бек стана мнозински сопственик на „Новости“, а државата тоа во најмала рака го оспорува со тоа што Антимонополската комисија не се огласува на барањата на ВАЦ купувањето да му биде легализирано. Тргна и жестока полемика, по која, по налог на владата, обвинителството поведе и истрага како во времето на кабинетот на Воислав Коштуница е извршена приватизацијата на „Вечерње новости“.
Иако имаше повици „учесниците во спорот“ да се воздржат од пресилни зборови, на тоа искушение прв не му одолеа потпретседателот на владата и лидер на партијата Г-17 плус, Млаѓан Динкиќ, кој во брзопотезно интервју токму за „Вечерње новости“ побара „поради тешките зборови на сметка на Србија што ги упати Бодо Хомбах кон Тадиќ“ на германската медиумска групација да и' се забрани евентуално враќање и работење во Србија. Веднаш возврати Хомбах со порака до Динкиќ дека ќе му биде „исполнета желбата“, односно дека ВАЦ нема намера да се премисли и да остане во Србија. Но, и дека нема да го подарува својот имот, во кој се вбројува и сопствеништвото на „Вечерње новости“. Со својата, по општо убедување, популистичка и демагошка изјава, Динкиќ ги собра аплаузите од противникот на германскиот деловен ангажман во Србија, особено од оние националистички кругови кои од почетокот, уште во времето на владеењето на Зоран Ѓинѓиќ, кога ВАЦ купи половина од „Политика“, им пречеше фактот дека „Германците поседуваат половина сопственост на една традиционална национална институција“, како што е куќата „Политика“. По убиството на Ѓинѓиќ и доаѓањето на Воислав Коштуница на власт, притисоците врз германскиот инвеститор „доброволно да се повлече“ беа се' посилни, и покрај тоа што Германците не се мешаа во уредувачката политика и кои, во некоја рака, во круговите на граѓанска Србија, ги доживуваа практично како финансиски спонзори на обновениот српски национализам во интерпретација на Коштуница.
Не е мал бројот на оние што го сметаат потегот на Динкиќ за исклучително лош и непродуктивен. Жестокоста со која се нафрли врз германскиот медиумски концерн, секако, нема да ја зголеми атрактивноста на Србија за странски, особено германските вложувања, и тоа токму сега кога странските инвеститори во широк лак ја заобиколуваат Србија, било поради изразената правна несигурност, било поради политичката нестабилност на која е циклично наклонета. Економистот од Белградскиот центар за слободен пазар, Александар Стевановиќ, истакнува дека странците и онака имаат доволно стравувања што веќе цели две години воопшто не влегуваат во Србија, а ваквите (на Динкиќ) изјави можат само дополнително да ги убедат дека треба и да ја избегнуваат. Освен, секако, ако не се големи авантуристи или мислат дека се големи мајстори за преговори со српската влада. Во меѓувреме, се огласи и известувачот од Европскиот парламент за Србија, Јелко Кацин, порачувајќи дека најавеното заминување на ВАЦ фрла сенка врз почетокот на ратификацијата на ССП во националните парламенти во земјите-членки на ЕУ. Според него, контрадикторно е Србија да тежнее да оствари тесни економски и стопански врски со ЕУ, за што е и Спогодбата за стабилизација и асоцијација камен-темелник, а во исто време високи официјални претставници во Белград да бараат од една угледна медиумска куќа од ЕУ, каква што е ВАЦ, да и' биде забрането работење во Србија.
И покрај се', владата и претседателот на Србија официјално не се огласуваат. Некои мислат дека власта моментално се пресметува што треба да направи, како да реагира на одлуката на германската компанија да ја напушти Србија, но и на нејзината решителност да не се откаже од својата сопственост во државата, посебно кога станува збор за „Вечерње новости“. Не е за потценување процената дека со „доброволното заминување на ВАЦ, на владата и' е создава, би се рекло, речиси идеална можност, на една страна, да се ослободи од „непријатното германско присуство на српската медиумска сцена“. А на друга страна, пак, да придобие германскиот инвеститор, со одредена компензација, да го отстапи своето сопствеништво на државата. Со тоа би се создал терен еден монопол (на ВАЦ), кој всушност никогаш официјално и не беше потврден, да се замени со апсолутен монопол на државата и партијата на власт, над, помалку или повеќе, сите водечки медиуми во Србија. Всушност, потпретседателот на Собранието „Политика новини и магазини“, Јован Симиќ, веќе изрази очекување дека државата ќе ја преземе стопроцентната сопственост над „Политика“. Тоа е работа која медиумската професија во Србија особено ја загрижува, бидејќи уште порано се покажа дека преголемо влијание на политиката го претвора српското новинарство во најобичен сервис за дневна политика.
Процените на ефектите (неповолни, секако) на одлуката на Германците да ја напуштат Србија, врз идните инвестиции од странство, меѓутоа, како да не ја загрижува актуелната власт. Впечаток е дека е лансирана уште една крупна афера, која премногу ќе послужи за внатрешна политичка употреба. Пред се' што многумина во Србија предвидуваат дека се неизбежни предвремени парламентарни избори во земјата. |