Од денеска во продажба влезниците за „Скопскиот џез - фестивал“
Фестивалот кој ќе се одржи од 17 до 21 октомври, ќе го отвори либанско-германскиот мајстор на уд Раби Абу-Калил
Од денеска ќе бидат пуштени во продажба влезниците за претстојното, 27. издание на „Скопскиот џез-фестивал“, кој ќе се одржува од 17 до 21 октомври. Цените на билетите се движат од 300 до 700 денари (комплет влезници за сите концерти чини 2500 денари) и можат да се купат во продавниците на „Југотон“, „Чув де чув“ и во Универзалната сала. Фестивалот годинава ќе се одвива во Универзалната сала, Македонската опера и балет и во ноќниот клуб „Хардрок“, каде што е предвидено да се одвива полноќната програма.
Годиначниот СЏФ ќе го отвори либанско-германскиот мајстор на уд Раби Абу-Калил, кој ќе настапи заедно со Македонската филхармонија, под диригентство на Борјан Цанев. Првата вечер ќе продолжи со концертот на американскиот авангарден пијанист Џејсон Моран и неговото трио „Bandwagon“. На 18 октомври, фестивалот ќе одбележи 50 години од боса-новата со концертот на бразилската музичка икона Маркос Вале, кој ќе настапи заедно со бразилските ѕвезди Ванда Са, Марсио Фарако, Трио „Есперанца“, Филил Баден Пауел, Мариана де Мораес и Марсел Пауел. Оваа вечер настапуваат и добро познатите на македонската публика, „Зуко 103“ од Холандија. Третата вечер, 19 октомври, е повторно, како и лани, резервирана за норвешкиот џез, со два концерти на гости од оваа интересна скандинавска земја, кога станува збор конкретно за современата џез-музика: норвешкиот пијанист Bugge Wesseltoft, квинтетот на саксофонистот Karl Seglem и групата „Mungolian Jet Set“. На 20 октомври доаѓа еден од највлијателните џез-контрабасисти, американецот Рон Картер со свој Квартет, кои ќе го претстават проектот „Драг Мајлс“, посветен на големиот Мајлс Дејвис. Следува настапот на Триото на познатиот американски саксофонист Џошуа Редман, а вечерта ќе ја заокружи Квартетот на саксофонистот Франческо Кафизо од Италија. Фестивалот ќе се затвори на 21 октомври со концертот на Ману Каче од Франција, еден од најпознатите тапанари во светот, како и со концертите на авангардниот џез-квинтет „Хенри Тредгилд Зоид“ и Трито на британскиот гитарист Џастин Адамс, кој настапува со вокалистот од Гамбија, Џулден Камара. (Т.И.) |